Со света архиерејска Литургија во Катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица свечено е прославен Светскиот ден на болни
Во недела 14 февруари 2021 година Н.В.П. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх ја предводеше светата Литургија во Катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица по повод Светскиот ден на болни, во сослужение на свештеници од Струмичко – скопската епархија. Свеченоста се одвиваше со строго почитување на мерките за заштита од ширењето на коронавирусот, а поради тоа и снежното време оваа година изостана и традиционалната процесија околу Црквата со статуата на Пресвета Богородица.
За време на својата проповед епископот Стојанов се осврна на почетоците на Светскиот ден на болни, кој е воспоставен од свети Иван Павле во мај 1992 година како и за богородичното поклоничко место во Франција – Лурд каде и денес се случуваат многу „необјаснети“ исцелувања, за кои и лекарите немаат објаснување, при што за поклониците во Лурд ќе истакне: „На сите едно им е заедничко – верата во Мајка Божја Лурдска и нејзината моќ и помош во лекувањето. Нивната надеж е трогателна; па иако не станале веднаш од инвалидските колички, тие сепак, излегле исполнети со радост и верба дека Богородица ќе им помогне.
Обраќајќи им се на болните епископот истакна: „Драги болни, највредните Христови делови од телото сте токму вие. Да се присетиме дека Исус не нѐ поведе во спасение со говор, а ниту со наука, туку со страдание и смрт. Да допуштиме во нашето битие и телесно и духовно Бог да посее семе на страданија и да тоа во нас да зрее за спасение на светот. Светот не живее од богатите ниту од моќните, светот не се спасува според убавите зборови, туку според твоите и моите рани. Дословно нема да најдеме ниту еден светец или светица што не поминале низ страдание. Лурдската визионерка света Бернадета ги слушнала зборовите од Пресвета Богородица: нема да те направам среќна на овој, туку на другиот свет. Сѐ додека сме Црква ќе изобилуваме со маки и страданија, а до кога ќе бидеме Црква ќе зависи од тоа колку ја прифаќаме. Чудо е можно, но тоа го молиме, и тоа чудо го бараме што ќе ни донесе сила своите страданија да знаеме да ги прикажеме за спасение на оние кои ги сакаме. Ако такви немаме, што не верувам, тогаш сме најнесреќни луѓе на светот.“
Епископот Стојанов посака овој празник да донесе утеха и надеж, но исто така нагласи дека сме вредни и корисни членови на Црквата и општеството. „Нека Мајка Божја Лурдска, секогаш бдее над нашите животи. Таа која е утеха на жалосните и здравје на болните нека бдее над нашите болни, нека биде помош на сите оние кои се грижат за болните по душа и тело“ – рече монс. Стојанов.
Тој посебно ја истакна херојската борба на неуморните и неустрашливите лекари, медицински сестри, болничари и болничарки, свештеници , кои својот живот го жртвуваа и се жртвуваат за доброто на сите оние кои се заразени од болеста Ковид – 19. „Благодарам многу, ако во страдалничките браќа и сестри го препознавате распнатиот Христос. Верувајте дека ве чека иста награда за кои Исус рекол: Дојдете благословени при мојот Отец, зашто бев болен и ми помогнавте. Болниот е сигурен клуч за влез во небото и тоа повеќе лица, себе самиот и тие кои му помагаат на болниот“ – рече на крајот од својата проповед Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, монс. Киро Стојанов.
На крајот од Литургијата епископот Стојанов ја измоли молитвата за болните и го подели својот благослов.
За време на светата Литургија пееше катедралниот хор, а настанот беше пренесуван и преку Радио Марија.
Ватикан њуз/к.мк