Прославен празникот Цветници

Нова Маала/Петралинци, 28.4.2013 /к.мк/ – Со свечени свети Литургии во сите цркви на Апостолскиот егзархат во Македонија се прослави празникот Влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим, или познат како Цветници. Преку овој празник Црквата влегува во Страсната седмица.

Во парохиската црква во Петралинци о. Гоце Костов напомна дека оваа година 1 мај се паѓа во среда од Страсната седмица. Имајќи ја во предвид праксата за славењето на 1 мај тој истакна дека не смееме да дозволиме да бидеме понесени од масата, туку да му дозволиме на Христос да не привлече кон себе. Денес на Цветници масата луѓе го слави Исус како Цар, а само некој ден потоа ќе повикува да го распне. Тоа е непостојаноста, кога се следи масата. А вистински христијанин го следи Христос, дозволува да биде привлечен од Христос, кој нѐ љуби, кој ја пролeва својата крв за да нѐ спаси. И неговата љубов е постојана, вечна. При тоа ги додаде и зборовите на свети Павле: Скапо сте платени и немојте на никој друг да му слугувате! (1 Коринтјаните 7,23).

Во Нова Маала пак за празникот Цветници децата и младите изработија свои велгденски креации, кои беа изложени во црковната сала и црковниот двор. На изложбата имаше и фотографии, кои хронолошки ги прикажуваа активностите во Католичката Црква во Нова Маала од почетокот на нејзиното постоење, па до денес. (с.р.+го*ко)

 

Категорија: Македонија

За авторот

Write a Comment

<