На патрониот празник на црквата „Свети Никола“ во Секирник, 19 декември 2016 година, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов служеше света архиерејска Литургија во заедништво со свештеници од Апостолскиот егзархат во Македонија и Скопска бискупија. На светата Литургија, покрај верници од Секирник присуствуваа и верници од другите парохии од апостолскиот егзархат
Во својата проповед епископот Стојанов истакна: „Дали е можно да веруваме дека сме толку силни да можеме и натаму да бидеме сол на земјата и светлина на светот? Јас верувам дека сме. Исус, имено, говори за квасецот од кој што и малку е доволно да се замеси во тестото и тоа станува мек миризлив леб. Иднината на христијанството го гледам во такви семејства кои ќе ја следат логиката на квасецот и ќе го раздвижуваат тестото во своите средини. Светлината на една свеќа ја уништува темнината. Можеби не е доволна да ја расветли целата околин,а но доволна е да се види и да се знае дека темнината бега пред светлината. Да, но таа светлина се поддржува со семејната молитва и светите Тајни. Ниту еден ден без заедничка молитва, ниту една недела без света Литургија и света Причест. Тоа е нашата иднина, тоа е иднината на христијанството и во Европа. Затоа не сме безнадежни туку надежни луѓе, на што посебно не повикува и Светиот Отец, папа Фрањо. А во Годината на молитвата во нашата бискупија и егзархатот да покажеме Божја добрина која сме должни да ја навестуваме не само со зборови, туку многу повеќе со начинот на живот.“
После завршувањето на светата архиерејска Литургија верниците се задржаа во црковната сала на заедничко агапе, кое беше приготвено од страна на верниците од Секирник.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк