Бискупот Стојанов на празникот „Благовештение“ служеше света Литургија во Штип, прославувајќи го патрониот празник.
На 25 март 2021 година во парохијата „Свето Благовештение“ во Штип по повод патрониот празник Н.В.П. монс. Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх служеше света Литургија во сослужение на о. Тони Ангелов, парох во Штип и о. Томаш Бак, парох во Куманово.
На почетокот од проповедта бискупот Стојанов ги поздрави присутните верници, честитајќи им го патрониот празник. Зборувајќи за празникот Благовештение тој се осврна на зборовите на Богородица кои му ги кажа на ангелот: FIAT – Нека биде! При тоа истакна: „Не е лесно да се каже така секој пат. Не смееме да заборавиме: тоа е наша судбина и повик: целосно предавање, да му го даруваме на Господа сето наше битие, сета жар на нашата љубов, и да бидеме подготвени сѐ да прифатиме од Божјите раце. Да сториме сè овие зборови да бидат наша постојана молитва, наша животна песна, всушност наш живот. Бог сакаше токму ние да се родиме и тој го испланира нашиот живот, целиот живот. Тука сме да го постигнеме планираното. Ние сме повикани да живееме според Божјата волја, а не според нашата волја. Тоа е пораката за животот на Марија и пораката на денешното евангелие.“
Осврнувајќи се на тешката ситуација во светот, загрозеноста на христијанството истакна дека денешниот човек тешко се среќава со Бога и додаде: „Пресвета Богородица ја гледа таа наша неволја, ропството, таа наша заслепеност и затоа е со нас, ни помага и храбри. Марија отсекогаш во историјата ни била патот кон Бога. Таа никогаш ништо не сторила за себе, туку сѐ и само за Бога и спасението на нашите души“.
Својата проповед епископот Стојанов ја заврши со молитва: „Марија, наша Мајко, те молиме: помогни ни! Препорачај не сите нас овде присутни, овој град и целата нашата Црква на Твојот Син и наш Спасител Исус Христос.“
За време на свеченоста беа почитувани сите пропишани мерки за спречување од ширење на коронавирусот.
к.мк