Со свечена архиерејска Литургја предводена од Н.В.П. монс. д- Киро Стојанов, во недела 7 јули 2024 година, е прославен патрониот празник на црквата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица. На евхаристиското славење со епископот сослужуваа протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, декан на Деканатот „Свети Кирил и Методиј“, директор на Македонски Каритас и ректор на светилиштето во Паљурци, протојересј отец Гоце Костов, парох и директор на Радио Марија и отец Ванчо Назов, парох во Сарај и Чанаклија. Покрај верниот народ, на светата архиерејска Литургија присуствуваа и сестри Евахристинки.
На почетокот од својата проповед епископот Стојанов до парохот и верниците најпрво упати честитки по повод патрониот празник на парохијата, како и до сите оние кои денес го слават својот именден. Потоа осврнувајќи се за празникот истакна дека домот на Захарија и Елисавета се исполни со радост поради раѓањето на нивниот син, Иван, кој е зачнат на чудесен начин. При тоа тој рече дека Бог не дозволува да биде надминат во великодушноста, а за тоа знак е раѓањето на Иван Крстител.
Понатаму осврнувајќи се посетата на Марија на Елисавета и средбата на Исус и Иван, истакна дека Захарија и Елисавета го примиле Исус во нивнио дом, додека тој сѐ уште беше во утробата на неговата мајка и додаде дека покрај биолошкото семејство, постои и духовно семејство кое го сочинуваат сите оние кои живеат со Бога, а тоа посебно се остварува на оние кои го примаат Господ Исус Христос во Пресветата Причест.
На крајот од светата Литургија, парохот отец Гоце Костов се заблагодари на епископот, присутните свештеници и народот Божји за евхаристиското заедништво, по што следуваше молитвата за потполн опрост, а заврши со многаја лета и заедништво во парохиската сала.
к.мк