Проповед на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов на Мисата за мир во Украина
Драги браќа свештеници, почитувани г-да Амбасадори, браќа и сестри во Христа. (англиска верзија)
Денешната света Евхаристија овде во Скопје, како и во сите наши Католички цркви во Р. Македонија, е наменета за мир Во Украина. Нередите кои што се случуваат веќе подолго време во таа земја преминаа во немили настани во кои животот го загубија и го губат многу невини луѓе.
Светиот Отец папа Фрањо во повеќе наврати апелираше и апелира за мир во светот а пред сè во Украина, Сирија и Нигерија. Тој за време на традиционалната порака за „градот и светот“ на Велигден помеѓу другото рече: Во Украина „сите кои се вклучени во кризата“ ќе мора да превземаат „секој можен начин“ како би се прекинало насилството. Меѓународната заедница мора да вложи максимален напор како би го подржала мировниот процес. Иднината на Украина може да се заснова само во „духот на заедништвото и дијалогот“.
На таквите апели на светиот отец Папа ниту ние во Македонија не останавме неми набљудувачи туку се вклучивме во молитвата со многумина во светот за прекин на крвопролевањето и да се даде простор на дијалогот. Но, како ситуацијата сè повеќе се вжештува одлучивме на ниво на целата Католичка црква во Република Македонија под мотото: „Македонија моли за мир во Украина“ да се молиме за мир и помирување во Украина, да се даде предност на дијалогот, а не на оружјето.
Кога денес молиме и зборуваме за мир, обично мислиме на отсутноста на војната. Бараме мир и говориме за мир. Никој не сака војна, а сепак таа се случува. Мир е голем збор во наше време. Политичарите се трудат да биде мир. Таму каде се војува, дипломатијата настојува со преговори да ја заостави војната – некаде успешно, некаде помалку или никако. Но зошто доаѓа до војна, зошто се војува, кога сите зборуваат за мир и за мирно решавање на судирите и бараат формула за мир? Зошто нема мир?
Одговор ни дава Библијата или Светото Писмо. Мир нема бидејќи го нема во срцата на луѓето. Бог сака да престојува во срцето на човекот ако човекот тоа не го допушта, тогаш настанува празнина во човечкото срце во кое се вселува немир, незадоволство, завист и сите пороци, да не кажам гревови опишани во Галатјаните 5,19-21.
Во Библијата наоѓаме најдобар пример зошто е зло во светот, и тоа во посланието на апостол Јаков 4,1-3: „Од каде се војните и расправиите меѓу вас? Не оттаму ли – од вашите похоти, кои се борат во органите ваши? Пожелувате и немате; убивате и завидувате, и не можете да добиете; се препирате и војувате, а немате, бидејќи не се молите. Просите, а не добивате, зашто зло барате, за да го трошите во вашите похоти“.
Секојдневно слушаме преку медиумите, читаме во весниците за насилство во семејствата, меѓу децата во училиштето, насилство по улиците, кражби, разбојништва… Се вложуваат големи напори да се воспостави ред. Што е причина на сето тоа?
Причината е во човекот и неговата отуѓеност од Бога и човекот, зашто човекот си избра свој пат, а тоа е непокорност кон Бога како главен авторитет во неговиот живот. Бог на човекот му даде слободна волја, и таа слободна волја човекот си ја искористи на зло. Си избра лош пат, пат кој води во пропаст и вечно отуѓување од Бога, што не е Божја волја. Можеби оваа ќе допре и до оние кои немаат мир во душата, кои копнеат за мир, љубов, толеранција, кои се осамени, болни, кои имаат финансиски проблеми. Како од сето тоа да се излезе? Нема човек кој нема некој си проблем, дури и да е мултимилионер. Како да барем си помогне да таквата непријатна ситуација ја преброди или барем ублажи?
Во Библијата наоѓаме – големо задоволство е да се биде задоволен со онаа што човекот поседува, и тогаш ќе има мир. Ако тежнееме за нешто што ни е недостижно, тоа создава само немир и не тера на нешто што не е добро за нашиот живот. Библијата или Божјото Слово има одговор на сите наши тешкотии, ако сакаме да се придржуваме и да веруваме на Оној кој ни ги упати. Бог е извор на мирот и радоста, и тој сака да влезе во нашето срце и во него да внесе мир и радост. Тој сака да ја исполни таа празнина кој за себе ја создаде, а ние од таму го истеравме.
Псалмистот вели: „Само во Бог е мир душо моја“ (Пс 62,2). Кога имаме мир во срцето, Божји мир, кој што се разликува од мирот што ни го дава светот, тогаш сме во мир со другите околу ебе и со самите себе. Бог не љуби и сака да бидеме сретни како негови созданија, но тоа да се случи, мораме да се вратиме во Бога и во него да веруваме.
Навестеното Божјо Слово сведочи како Бог остварува мир преку човекот а не преку оружјето. Омразата, себичните интереси, определување за насилство против другиот и убиства имаат свој темел во човечкото срце рането од злото. Од таквата состојба произлегува заблуда дека ако се нанесе зло на другиот може да се постигне сопствена корист или дури среќа.
„Војната секогаш мора да ја сметаме пораз: пораз на разумот и човечноста“ – говореше св. Иван Павле II. Наместо крвопролевање тој неуморно повикуваше на помирување и прошка, но тој тоа не само го зборуваше туку и со својот пример го покажуваше. „Мирот е неразделив од правдата, а правдата е неспоива со злото“. Од друга страна папа Фрањо силно повикува да завојуваните страни се откажат од оружјето зашто тоа само ќе го продлабочи насилството и ќе се закани на уште поголеми страданија, војната може да се запре само со дијалог на двете страни во конфликтот и така се дојде до посакуваниот мир.
Пресвета Дева Марија е пример на евангелското миротворство бидејќи со сето срце го прими Исус Христос и оспособена од неговата љубов стана со него победница над злото и смртта. Заради тоа со право ја нарекуваме Царица на мирот зашто таа му служи на мирот кога ни помага да во нас се всели Исусовото дело на помирување. Ни порача да мораме да го сведочиме во конкретните ситуации на многу меѓусебни недоразбирања кои завршуваат со судири и други криви чекори.
Моменталната ситуација во Украина на политички и други нивоа во животот и мноштвото на бесмислени судири, крвопролевања и поделби сведочи за недостатокот на културата на мирот. Оттука драги верници ве повикувам да се молиме за мир во Украина да се воспостави духот на евангелскиот однос во тоа општество да веруваат во Божјиот мир и самите да бидат миротворци и на тој начин допринесат мир во својата татковина и светот, а уште повеќе да се сопре крвопролевањето, омразата, недоразбирањата а загосподари Божјата љубов, меѓусебното почитување и простување за доброто на сиот украински напатен народ и нејзините граѓани.