Проповед на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов на полноќната Божиќна света Литургија во катедралата Успение на Пресвета Богордица во Струмпица
Ние сме Божји избран и слободен народ
Драги браќа и сестри, секогаш нашата радост е целосна кога сме собрани околу некој радосен настан, повод или прослава на некоја личност која нам ни е мила. Радоста денес е целосна зашто нѐ собира не било кој, туку самиот Бог и Светиот Дух и тоа околу Исус Христос, чиј што роденден го славиме. За настанот на Исусовото раѓање често мислиме дека сѐ ни е познато и затоа така лесно пристапуваме кон самата прослава и понекогаш ни се случува дури и да ја промашиме средбата со Божјата порака која ни се нуди во Божиќната литургија.
Драги браќа и сестри, јас се охрабрив оваа година на посебен начин со вас да го споделам размислувањето кое го слушнавме во навестувањето од посланието на свети апостол Павле до Галатјаните. Сигурно дека многу работи не ни се познати, но добро е на Божиќ во пораката да ги допреме оние зборови кои ни се разбирливи, додека во нашето сознание често ни избегнуваат.
Да се потсетиме дека Бог во историјата си избра еден народ за да го сочува во вистинската обновена вера. Имено, многу се религии во историјата но малку се вери, бидејќи религијата не води до Бога, а во верата прифаќаме тоа што ни го говори Бог. Верата и религијата битно се разликуваат. Секој верник може да биде религиозен, но секој религиозен човек не значи дека е и верник. Овие денови Светиот Отец папата Фрањо спомна дека ние христијаните не сме религиозни луѓе, туку верници кои веруваме во Бога, чие вистинско име е Отец, Син и Дух Свети. Да се вратиме на историјата. Тој избран народ е Израелскиот народ. Праотецот Авраам лично е повикан од Бога да го напушти својот крај и религијата на отците и да го следи Бога, кој од него – Авраам – ќе создаде нов Божји народ. Така Авраам е праотец на верата. Познато е дека Бог со својот народ склопувал сојуз како што е сојузот со Ное, Авраам и конечно за нас познатиот Синајски сојуз со Мојсеј. Тој сојуз го познаваме како десет Божји заповеди.
Драги браќа и сестри за нас луѓето заповедите ни се потребни, бидејќи така ни е полесно и да паметиме и да извршуваме тоа што во сојузот помеѓу Бога и човекот се случува. Но исто така треба да знаеме дека со законот најлесно се управува во заедницата. Тоа искуство го имаме и денес во цивилните закони. Да се присетиме на судењата, судовите, полицијата итн. Законот не е секогаш во служба на слободата, но секогаш е како некое предупредување и ограничување. Избраниот народ според Сојузот бил и под Законот не затоа како да Бог не би можел да го води својот народ, туку затоа што тој народ, како вели Библијата, бил тврд и непокорен. Затоа Законот често бил и против нивниот револт, непослушност и пркос. Конечно под Законот значи да се биде и под закон на грев, затоа стариот Израел бил под законот и не бил ослободен од гревот.
Кога се исполнило времето Бог го испрати својот Син роден од жена и поставен под Законот, зашто сакаше Отецот по него послушниот Син да го откупи и ослободи човекот од проклетството на Законот. Денес го славиме тој чин на ослободување. Кога Исус е роден од жена Блажена Дева Марија, стана наш брат, а од векови е вечен Божји Син. Бог влезе во нашата природа, во нашата историја, во нашиот живот. Со тој чин на послушност кон небесниот Отец, Тој ги ослободи сите кои поверуваа во Него, ги ослободи од ропството на законот и ги направи свои браќа и според таа милост и ние примивме дека сме посиноци Божји. Денес кога го славиме раѓањето на Детето Исус мораме драги браќа и сестри најмногу да се израдуваме не само на тоа Дете, туку на фактот дека според тоа раѓање станавме деца Божји. Дете ни се роди и Син добивме вели посланието до Евреите. Тоа што Божиќ посебно нѐ прави радосно е тоа што вие и јас сме Божји синови и ќерки. О, блажено ли роднинство што сме се собрале како едно семејство, не затоа што сме Македонци, ниту затоа што сме крвни сродници, туку многу повеќе од тоа, слушнавте како свети Павле вели: „А бидејќи вие сте синови, Бог го испрати Духот на Својот Син во срцата ваши, Кој вика: Ава, Оче!“ Така повеќе не сме робови, туку деца, а ако сме деца, тогаш сме и наследници Божји.
Драги браќа и сестри, затоа ние во овој Божји дом сме во најубавата наша сопствена куќа. Овде сме заедно и твориме едно големо Божјо семејство каде се радуваме на роденденот на својот најдобар Брат и што смееме со песна и молитва да ја искажеме својата радост и во Светиот Дух кој е наша заедничка душа да извикувам до Бога, Авва, татко, оче. Оваа празнување е исполнето до крај со радост и фактот кој ние сега го исповедуваме.
Меѓутоа, драги браќа и сестри, овој чин на празнување од нас бара две тешки одлуки, тешки чекори. Првиот е да се обновиме одвнатре со вера и дела за да бидеме достојни не само да се нарекуваме, туку и да бидеме Божји деца. Не е лесно да се биде Божји син или ќерка. Бог дава милост, но јас морам да ја примам и оправдам да не носам име на срамота на својот родител. Јас сум Божји син, Божја ќерка, дали тоа се гледа? Тоа е првот чекор кој треба да се случи на Божик: да го осветлиме своето божествено достоинство. Бог не создаде недостојници, туку светци. Бидејќи сме Негов род, раѓаме негови плодови.
Вториот чекор кој е можеби потежок од првиот е меѓусебно признавање дека сме браќа и сестри. Бидејќи, ако сме ти и јас Божји деца, тогаш Отецот ни е Бог, брат Исус Христос, и Духот самиот Дух Свети. Тогаш најблиску сме поврзани во братското заедништво. Пред Витлеемската стварност се раѓа вистинско човечко братство, се проштева секоја неслога, се помирува со секој човек и се љуби секој свој ближен.
Го славиме Божик! Посакувам во нашите очи да блесне светлината на верата и благодарноста што сме слободни, а не робови и што сме браќа и сестри и затоа не сме осамени, туку сме избран народ и Божји воведен во Божјото наследство.
Нека во тие мисли оваа Евхаристија ви биде сосема блиска и оваа прослава сосема искрена и нашиот Божик повторно да биде настан на средба и прифаќање на нашиот мил Брат; Исус Христос, по срце и душа во секој дом, град и село: Добро ни дојде Исусе Мал! Честит празник Рождество Христов – Христос се роди! Амин.
к.мк