Нека ми биде по зборовите Твои!
Драги браќа и сестри, на нашиот празник се среќаваме со големата тајна на воплотувањето. Во Стариот завет пророштвата за доаѓањето на Месијата биле многу јасни. Но, пророштвата дека Бог би можел да стане човек не можеле да бидат инспирирани, бидејќи верата на Израел била втемелена на многу чудесно верување, уверение и почитување за недопирливиот еден и единствен Семоќен Бог. Вистина е дека Стариот завет е полн со известувања во кои се чувствува Божјата близина и интимноста со Неговиот народ. Книгата Песна над песните го опишува Бога како свршеник, а Божјиот народ како свршеница. Така, на тој начин низ целата историја на Стариот завет се подготвува доаѓањето на Месијата што ќе биде во името Божјо. Всушност, и ќе биде Бог со нас – Емануел. Таа близина Емануел народот веќе ја доживувал повеќе пати во помирувањето што после отпадот и прекинувањето на сојузот секогаш Бог со своето милосрдие им проштевал и бил прв иницијатор на новиот сојуз. Но, да се мисли на тоа дека Бог би можел да биде материјален било би своевидно богохулство.
И сега ни се појавува скромниот лик на младата Девица од Назарет. Таа целосно му припаѓа на Бога со желба само на Него да му служи. Како во тоа време било срамота девојка да биде не мажена, а неплодноста се сметала за проклетство, Марија се свршила со младиот столар Јосиф во договор и двајцата да живеат невин – девствен живот. Заедно ќе го понесат презирот на неплодноста и ќе го остварат својот идеал да му припаѓаат само на Бога. И сега неочекувано доаѓа полнотата на времето кога Бог одлучува во човечката историја да оствари ново создание на човекот. Всушност Тој да стане човек. Во тоа време започнала Теофанија – Богојавление, каде Бог се манифестира не како осамен, туку како единствен Бог, но во три лица на Отецот, Синот и Светиот Дух.
Ангелскиот поздрав бил изненадување, неочекуван и пред Марија да влезе во куќата на Јосиф. Тој настан и за нас после две илјади години кога го читаме и размислуваме секогаш е чудесно изненадување како Бог не познава граници на љубовта туку прави нешто неверојатно. Можеме да си замислиме колку Марија била збунета на тој поздрав кога Ангелот ја ословува со Благодатна – полна со милост, термин со кој се ословувал Бог. Додека содржината на пораката ја крши претходната вера во Марија, таа за кратко време примила објава дека Бог Отец го праќа вечниот Син за да земе преку неа човечка природа и да стане човек, а во исто време да остане Син на Севишниот и тоа со силата на Светиот Дух. Евангелистот не премолчува дека Марија била изненадена и уплашена: Што значи тој поздрав? Свети Бернард кога го толкува оваа таинство пишува дека застанал здивот на Ангелот зашто на Марија не им било заповедано, туку понудено да го оствари тој голем Божји план, што тогаш веројатно сѐ уште не можела да го разбере. Како рекол свети Бернард престанал здивот на вселената што сега Марија – нова Ева сосема слободно ќе одговори на Бога. Искажан е најубавиот збор: Нека ми биде по зборовите Твои. И Словото станало тело и се всели меѓу нас.
Овој одговор сосема слободен ама и решителен да се биде целосно послушна на Бога и тогаш кога тоа апсолутно не го разбира не се обесхрабрила и во таа единствена можност да ја искаже својата дефиниција, да ја искаже својата личност како своја легитимација со зборовите: Еве Слугинка сум на Господа. Драги верници да се присетиме дека Црквата во целиот свет со звукот на камбаните три пати на ден ги повикува верниците во форма на молитва да го исповедаат тој верски факт за овоплотувањето на Бога што тогаш изврши чин на спасение. Уште еднаш повторувам дека е важно да се запамети претставувањето на Марија: Еве слугинка сум на Господа и второ дека Марија на Божјото слово одговара само со еден единствен правилен став: Нека ми биде според зборовите Твои. Сите ние добро знаеме дека за нас како верници најважно во животот е да ја исполниме Божјата волја.
Дозволете ми да ви раскажам еден вистински настан: Еден човек од 50 години што бил сигурен дека не е болен доживеал срцев удар што всушност го доведува до привидна смрт. Бил добар верник, одел на Црква, редовно размислувал на свој начин, верувал на свој начин, верувал дека тоа што го прави е добро. Во мигот кога настапила смртта забележал дека тони во пеколот, извикал Исусе спаси ме, дај ми уште малку шанса. И буквално после тоа тој се разбудува со сосема јасна визија дека неговиот досегашен живот бил неуспешен. Како главна причина на своето пропаѓање го гледа во тоа дека ја вршел Божјата волја на начин како тој си замислувал дека е Божја волја. Сѐ уште е жив, тој човек и сега сведочи – дека најважно е не само да ја вршиме Божјата волја, туку како ја вршиме. Тој ја вршел на начин како тој сакал наместо да се потруди секој ден да праша: а што навистина Бог сака од него. Неговата порака е: добри луѓе внимавајте тоа што го правите и живејте навистина да промислено, ослушнувано и ускладено со Божјата волја.
Браќа и сестри неброени мигови се во животот кога стоиме на раскрсница и гледаме на каде да тргнеме. Ни изгледа дека е сеедно и на лево и на десно. Ако не сме се навикнале дневно да си го поставиме тоа прашање, ако не ја познаваме науката на Светото Писмо и не го слушаме учењето на Светата Црква станува вистинска опасност својата волја да ја прогласиме Божја волја.
Да се обидеме денес својот живот да го дефинираме со зборовите на Марија: Еве слугинка сум Господова и во честата молитва да повторуваме: Нека ми биде според волјата Твоја. Амин.
к.мк
Фото: Филип Костов