Проповед на монс. Вукшиќ во Скопската катедрала

Проповед на монс. Вукшиќ во Скопската катедрала

ВЕЧНО И УНИВЕРЗАЛНО ЦАРСТВО, ЦАРСТВО НА ВИСТИНАТА И ЖИВОТОТ, СВЕТОСТА И МИЛОСТА, ПРАВДАТА, МИРОТ И ЉУБОВТА

Празник Христос Цар; Катедрала во Скопје, 20 ноември 2022 година.

1.Празникот Христос Царот значајно ја одбележува содржината на делот од евангелието според Лука за распнувањето на Исус, кое се навестува денес на сите Евхаристиски славења. Тоа е дел од описот во кој светиот писател ги прикажува последните моменти од неговиот овоземен живот. Односно, по приказот на Исусовиот Крстен пат, на кој водеа и двајца злосторници за да бидат погубени, овој пасус започнува со драматични зборови: „И кога дојдоа на местото, наречено Черепница, Го распнаа таму Него и злочинците, едниот оддесно, а другиот одлево. А Исус рече: „Оче, прости им, оти не знаат што прават!” И кога го делеа облеклото Негово, фрлија ждреб“ ука 23,33-34).

2.Празникот Христос Царот всушност е празник на Божјото царство, кое светите писатели на некои библиски страници го нарекуваат така. Други пак го нарекуваат царство небесно. Во молитвата „Оче наш“ му се обраќаме на Бог Отецот со желба да дојде неговото царство, значи тоа е и царство на Отецот. А наспроти тоа, во денешниот пасус од Евангелието според Лука, еден од разбојниците бара Исус да се сети на него кога ќе дојде во неговото царство, што значи дека тоа е и царство Христово. Но, со кое име и да се нарекува, секогаш е истата реалност која потполно се остварува меѓу луѓето, кога второто лице на Света Троица стана човек.

3.На некои места, наместо називот царство Божјо, се користи терминот Божјо владеење, со што се изразува не само Божјата присутност, не само пасивната состојба на присутниот Бог, туку и Божјото дејствување и неговиот интерес за сопствените созданија. Исус многупати зборувал за царство Божјо и на слушателите го објаснува како Божјо владеење, но некои тврдат дека, и покрај тоа, никаде експлицитно не објаснува што точно би значел „поимот“ царство во неговиот говор. Сепак, како што забележуваат одлични познавачи на ова прашање, „едно е да се дефинираат вистинските поими за животот, а друго е вистински да се живее. Едно е да се знае поимот среќа, а друго е да се биде среќен. И така, едно е поимски да се сообличи царството Божјо, а друго е да се доживее царството Божјо, да се почувствува, да се види и да се вкуси. Не смее со поимот да се одредува искуството, туку искуството мора да го одреди поимот. Инаку од самата збрка на поимот воопшто не би можеле да стекнуваме нови искуства“ (Ј. Молтман).

4.Исус во различни прилики го навестуваше и објаснуваше царството Божјо. Неговите оздравувања од различни врсти духовни и телесни болести, кои ги правел врз луѓето, се чуда на тоа царство, бидејќи, како што Исус тврди, тие докажуваат „дека до вас дошло царството Божјо“ (Лука 11,20). Тоа го правел и во дружењето со грешниците и цариниците, а неговата Проповед на гората е основниот закон на Божјото владеење. Но, тој особено го правеше тоа во многу од неговите параболи. И речиси секогаш го започнуваше својот сликовит говор дека Божјото царство е „како кога…“, а потоа, како илустрација, користеше слики од природата или од човечкиот конкретен свет и искуство на човекот. И, очигледно е, врз основа на тоа богатство, кое му е достапно на секој човек, Исус сакал да ги отвори очите и душата на своите слушатели за убавината и величината на Божјото царство.

5.Се сеќаваме, на пример, на конкретни параболи од природата: за сејачот, за семето, за синаповото зрно и други. Но, кога се читаат и се размислува за нив, треба да се забележи дека во говорот на Исус, покрај конкретната слика што ја користи, и самата природа станува парабола која зборува за Бог. Имено: „Како што дрвјата позеленуваат на пролет, се појавуваат цвеќиња и растат семиња на полињата, така и царството Божјо е конечната пролет на создавањето. Започнува нов живот, сите созданија оживуваат и донесуваат плод. Исто така, очигледно е дека параболите се земени за пролет и лето, а не од есен и зима. Односно, од природниот тек на „раѓање и умирање“, само раѓањето е земено како парабола за царството Божјо. Затоа што царството Божјо не е ништо друго, туку ново создавање на сите работи за вечен живот“ (Ј. Молтман).

6.Постојат и бројни параболи во кои Исус зборува за изгубените и повторно најдените. Се сеќаваме на приказната за изгубената овца која пастирот ја бара додека не ја најде. Се сеќаваме и на изгубената драхма, за која жената запали светилка, ја мети куќата и внимателно бара додека не ја најде. Или пак кој не слушнал за блудниот син кој, преобратен, се вратил кај својот татко? И секој пат во овие параболи акцентот не е на она нешто што е изгубено, туку дека е пронајдено. И неизоставно секогаш се нагласува дека е голема радоста кога ќе се најде изгубеното. Во овие параболи особено е изразена Божјата радост за секој преобратен грешник, затоа што тој се најде, затоа што се врати од далечина, од духовно отуѓување и оживеа и се придружи на радоста Божја, која е вистинската состојба на Божјото владеење.

7.Се разбира, секој, поучен од Исусовите параболи, доживува дека царството Божјо е присутно кога нешто такво ќе му се случи лично. Секој човек тоа го чувствува во себе кога во него напредува Божјото владеење. Мило му е на човекот, како што оживуваат цвеќињата и дрвјата во пролетта, кога во неговата духовна пролет и лето се буди во него таков живот и кога ја чувствува големата и неисцрпна љубов од која извира и цвета во текот на духовното лето на неговиот живот. А животот е секогаш големо богатство на уште неостварени можности. Така некако е и со царството Божјо, кое во најголем дел допрва треба да биде откриено и остварено, затоа, во Исусовиот сликовит говор, е скапоцено и привлечно, слично на богатство скриено во нива (Матеј 13,44) или скапоцен бисер (Матеј13,45-46) за кој мудриот човек, доколку е потребно, се одрекува од сè друго и го купува.

8.Од сетоа ова очигледно е дека царството Божјо не е некаква правна или политичка установа. Тоа е првенствено Божјо присуство! Тоа е таму каде за Бог има погодно пребивалиште и затоа реалноста во човекот е таа што првенствено ги засега совеста и срцето. Тоа е, како што вели Црквата во денешниот предговор, „вечно и универзално царство, царство на вистината и животот, царство на светоста и благодатта, царство на правдата, мирот и љубовта“. Тоа е и царството на Исус, бидејќи Бог Отецот „го помаза својот единороден Син, нашиот Господ Исус Христос, вечниот свештеник и цар на вселената, со елеј на радоста; кој откако се принесе самиот себе на жртвеникот на крстот како неизвалкана и помирувачка жртва, ги изврши тајните на човечкото откупување и ги подложи сите созданија на неговата власт, пред твоето неизмерно величество“ (предговор на празникот Христос Царот) на таквото царството.

9.Благодарни што сме повикани да бидеме дел од Божјото царство, неговата светост, милост, правда, мир и љубов, заедно со преобратениот разбојни, понизно и со вера во Божјата милост, се молиме: Исусе, кој си веќе во твоето царство, сети се на нас кога од овој свет, ќе дојдеме пред твоето лице! (сп. Лука 35,42).

10.Драги браќа и сестри, срдечно ве поздравувам и му благодарам на вашиот бискуп Киро за поканата за ова свечено евхаристиско славење. Вие сте плод на прастарата гранка, која пушта лисја и цвета на дрвото на Христовата црква. Тоа го потврдува и фактот што бискупот од овие краишта, пред 17 века, учествувал на првиот вцеленски црковен собор во Никеја во 325 година. Бидете горди на тоа! А оттогаш па до денес, многу Христови верници се вградија во овој дел од неговата Црква и се надеваат на вечно спасение. Затоа се молиме: На сите упокоени бискупи, свештеници, монаси и монахињи и останатие верници од оваа бискупија, кога ќе тропнат на вратата од рајот, Христос Царот нека им рече: „Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот“ (Матеј 25,34). И сите вас нека ве благослови за да бидете секогаш сведоци на неговото царство, а Пресветото Срце Исусово нека да ги направи нашите срца според неговото срце.

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот