Проповед на бискупот Стојанов: Мојата душа го велича Господа

Проповед на бискупот Стојанов: Мојата душа го велича Господа

По повод празникот Сите Свети и спомен на сите верни починати, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов на 1 ноември 2018 година  служеше света Миса на градските гробишта во Бутел. За време на светата Миса тој се обрати до присутните верници со проповед, која ја пренесуваме во целост.

Драги браќа и сестри, и денес со своите нозе го допираме тлото кое е под нас и не така далеку од нас се положени телата на лицата кои ги познававме, а што ни значеа нешто во животот, што ги сакавме или не сакаа. Факт дека тие се под ниво на кое сега стоиме не асоцира на старата слика за светот што го наследивме од грчко-римската филозофија, а тоа е светот под нас, под земјата, светот на земјата и светот над нас. На таа филозофска слика за светот и Црквата одговорила со слична слика правејќи разлика помеѓу Црквата страдалничка – душите во чистилиштето. Црква која патува, тоа сме ние на земјата и Црква прославена, а тоа се небесата. Во нашата човечка логика тоа значи автоматски да се погледне под себе, да се погледа околу себе и да се погледа над себе. Овој празник и утрешниот ден токму така е вдахнат што и тие кои не веруваат, сепак се загледуваат во гробните плочи, што значи светот под нас помалку го гледаме отколку околу нас, а тие кои не веруваат ретко погледнуваат нагоре.

Браќа и сестри, во предвечерието на сите светци би сакал да поставам прашање во кое доминира молкот, а тоа е прашање до најблискиот гроб или гробот на најблиските: брате, сестро: дали сте среќни? Дали сте блажени? И сега кога можеме да го слушнеме молкот и да не се тргнеме барем малку, верувајте ми дека ќе го чуеме одговорот во нашите души, дали тој до чиј гроб се наоѓаме е блажен. Во грчката филозофија наоѓаме една Аристотелова теза во која тој на пет начини логички докажува дека постои врховно битие т.е. Бог. Чудно, тој голем пагански мислител многу добро се приближил до христијанската објава за едно и единствено неизмерно Божествено битие кое е личност, а не предмет. Ми раскажуваше еден свештеник како во времето на поранешниот режим со часови патувале со тогашната железница и на едно такво патување тие како млади студенти по теологија започнале дискусија со еден Универзитетски професор кој не бил верник, туку атеист. Во долгите дискусии професорот попушта пред аргументите на овие млади теолози, иако не било едноставно да се објасни дека тој што постои не е нешто, туку е некој, односно дека лично е Бог. Уште тогаш паганскиот Аристотел дошол до заклучок, дека ако постои апсолутно битие тогаш тоа не е нешто, туку некој, личност. Често слушаме и денес од многу наши сограѓани дека мора нешто да постои, некоја сила. Сепак, не е така. Еден од петте докази на Божјата постојаност е така наречениот доказ за среќа. Големиот католички светец од средниот век свети Тома Акивински целосно ги презел тие пет патишта и ги прикажува во христијанска форма. Еден од тие патишта гласи: нема човек на светот кој не сака да биде среќен – блажен. Нема среќа – блаженства на светот, а да не би можел човек да копнее за нешто поголемо. Што значи, невозможно е сите луѓе да се мамат во една таква важна работа ако не постои неизмерна среќа – блаженство што го исполнува човекот. Верувам дека добро ја разбравме вистината на овие три логички реченици. Да се обидеме и да ги анализираме. Вистина е, дека нема човек кој не би сакал да биде среќен. Но, кога велиме среќа, тогаш сигурно и сега колку не има нас, толку поими за среќа има. Кога човекот е гладен тогаш најблиската среќа му е храната. Кога е болен, тогаш најблиската среќа му е здравјето и така секоја животна ситуација би можела да стане прашање и одговор во што се состои среќата. Оттука и реченицата: Колку луѓе, толку чуда, всушност е вистина. Среќата, како секој ден да ни исчезнува, штотуку нешто сме постигнале се јавува нова и норамално се брзаме да ја достигнеме. А тогаш, во тоа брзање, често од невнимателно однесување, среќата исчезнува. И конечно, сакале или не, таа секако ќе исчезне, бидејќи доаѓа смртта која прекинува сѐ. Факт е дека ниту еден човек не ја дочекал смртта, а да го исполнил животот со среќа од која нема поголема. Се вели дека секој човек умира со подотворена уста, како копнеж: би сакал, би можел повеќе.

Браќа и сестри, се среќаваме со фактот за кој многумина мислат дека е единствен праведен, а тоа е смртта. Јасно, и покрај убавите споменици на гробиштата, тоа што е под плочата е само скелет и во таа смисла сите тие покојни во целост се еднакви на прав и пепел. Дали е тоа дефинитивна правда? Верувам дека заедно со мене чувствувате револт на оваа тврдење. Не може да биде оваа пресуда иста за сите, објективна и вистинита. Зарем сите овие луѓе во животот заслужиле само тоа што сокрива овој гроб. Зарем работеа, се трудеа, мачеа, се бореа за престиж во животот за да бидат сега еднакви на прав и пепел. Се надевам дека ви е позната приказната за Царот гладен за власт, кој сакал да доминира над целиот свет и кога успеал да го освои светот рекол, ова е сѐ мое. Слушнал одговор: не величество, ваше е само оваа парче земја на која стоите и во која ќе легнете, а не е поголема од само два на два метри. И оваа приказна ни ја зборува вистината и покрај целиот свет што го поседуваме на крајот доста ни е само еден гроб. Дали е тоа вистина? Драги верници, ако прифатиме дека смртта е дефинитивна, крај на животот, тогаш би го затаиле добриот Бог. Зошто? Ако човекот е врвно создание обдарен со толку дарови: ум, дух и душа да може во својата личност да ги обедини бескрајните простори на вселената, а со срцето да го прегрне целото човештво, тогаш Бог во создавањето погрешил што создал битие апсолутно отворено кон блаженството, за да на крајот го погуби, уништи и го затвори животот како испишана страна, а билансот на крајот е нула. Не, ние не веруваме во Бог измамник. Ние веруваме во Бог кој е живот и животодавец. Големиот христијански мислител свети Августин ги напишал познатите зборови кои често ги повторуваме: за себе не создаде Боже и немирно е нашето срце додека не се смири во тебе.

Драги браќа и сестри, човек е создаден на слика и прилика Божја. Настојувањето да бидеме среќни и блажени е наше божествено потекло. Тоа не е апетит за земјата, да се храниме со прашина. Не, тоа е апетит да се храниме со вредностите чии вредности се надземски и неминливи. На прашањето за вистинската среќа и блаженство може да не исполни само љубовта и заедништво во среќата и блаженството како и самите стануваме неизмерни, а за полесно да го разбереме тоа тврдење ќе се послужам со една слика. Замислете си една капка вода, таа е бистра, но таа е само капка. Кога капката ќе се најде во реката, а реката во морето, морето во океанот, тогаш таа една мала капка во океанот станува океан. Така и човекот како и да изгледа, тој е божествен и соединет со Бога станува неизмерен во среќата и блаженството. Не ја губи својата капка но се влева во неизмерното мноштво што го прави океан. Смртта за нас не е крај, не е точка, не е провалија и не е ова дупка овде под нас. Не, смртта е само еден мост од времето во вечноста од минатото во време кое нема крај од овој живот кој е ограничен во живот без крај. Овде на гробиштата нашите покојни ги одложија само своите алишта, кожи и коски, но тие заминаа, го пречекорија прагот на смртта и отидоа во вечноста.

Ќе биде добро да ја анализираме и другата реченица од нашето тврдење, а тоа е дека вистинска среќа на блаженствата нема. Но во интерес на времето не би сакал да ве замарам ниту вас ниту себе, на прашањето: дали има среќа или блаженство на земјата, одговор е секој од нас. Да не се споредуваме со другите туку да се запрашаме себе си, дали сум јас навистина неизмерно среќен? Одговорот е јасен, не, не би можел да бидам посреќен. Одговорот е во нас.

Останува уште третото прашање, а каде е тогаш и во што е нашето блаженство што ни претстои? Сега би било добро овие гробови да ни прозборат: дали постигнаа блаженство и во што е тоа? Дали се таму во вечниот живот сите исти како што се тука исти под гробните плочи. Но, тие молчат. На нивно место одговор ни дава Исус во Евангелие за блаженствата. Очигледно е дека нашите земски координати, нашите земски мерила не се идентични со оние со кои мери Бог и неговиот суд. Блаженството таму преку е само продолжение на капацитетите на небесните вредности што ги остваривме овде во животот. Да си замислиме дека постојат осум епрувети, осум блаженства што ги слушнавме во светото евангелие, и во овој миг Бог да повлече линија и да каже дај те ми ги епруветите. Што мислите колку материјално нашите дела би биле исполнети со овие осум блаженства. Се плашам дека многу епрувети би останале празни. Големиот теолог Томислав Иванчиќ, раскажува во еден свој расказ: била една богата госпоѓа која имала слугинка. Госпоѓата се гостила, частила, шетала, патувала, имала големо богатство и на крајот умира. А слугинката била сиромашна, трудољубива, искрена, побожна, дарежлива, послушна, никогаш не возвраќала, не се лутела, била стрплива, со еден збор, мила личност. Во небото се нашле секоја во својот стан, госпоѓата во една мала неугледна и прашлива колиба, а слугинката во убава палата. На прашањето: како е тоа можно? Ангелите одговориле: госпоѓо од материјалите што ни ги испративте успеавме да ја подигнеме само оваа мала колиба. А вашата слугинка која исто така ни испрати материјал ја изградиме оваа голема палата. Драги браќа и сестри оваа е само приказна, да не се храниме со приказни, туку со вистина, а вистината е: блаженството започнува овде на земјата. Какви сме сега така ќе продолжиме и во вечноста. Да запаметиме, среќата на овој живот е да се биде добар, да се сака и да бидеш сакан, да ја зборуваш вистината и да живеееш за вистината, поседувајќи ја целосно во вечноста. Верувајте кога овие гробови би прозбореле за големината на блаженствата одговорот би бил колку сум бил добар, добра, толку сум среќен, среќна.

Додека ние сега во молитвата сакаме да додадеме нешто од добрината на нашите покојни, Бог да им биде милосрден, да застанеме со чувство пред гробовите, дека еден ден и ние ќе почиваме во гробот. Не ни преостанува ништо друго, туку да си го поставиме прашањето: колку материјал испративме во вечноста за да постигнеме блаженство, вечна радост и среќа. Амин.

 

За авторот