Запалена светилка
Почитувачи на света Мајка Тереза, уважени гости, браќа и сестри во Христос.
Пред една година бевме на плоштадот Свети Петар во Рим, каде Светиот Отец, папата Фрањо ја прогласи за светица на Католичката црква нашата сограѓанка блажена Мајка Тереза и тогаш нѐ исполни радост и посебна гордост што токму нам ни е дарувана милоста да имаме таква голема сограѓанка чие дело и живот запали силно светло кое на некој начин го осветли целото човештво. Колкава ли радост што едноставно сите ја препознаваат под едно од најубавите имиња, а тоа е Мајка.
Денешното евангелие не води до нозете на нашиот учител Исус Христос кој во параболите ни толкува големи таинства на небесното царство. Да погледнеме некои важни елементи кои Исус во параболата за Царството ги овоплоти во слика на свадбената гозба.
Во животот на луѓето познаваме многу периоди радосни и помалку радосни, но скоро сите се согласуваат дека најубав период од животот е времето од свршувачката до венчавката. Зошто? Тогаш човек е запален од љубов и копнеж: два занеса што човекот го издигнуваат до највисоко ниво на радост и исполнетост. Од тука една од најубавите книги на Стариот Завет е книгата Песна над песните, чиј што краток извадок го слушнавме. Во оваа книга, која ја сметаме за најубава поезија на човештвото, со љубовен јазик се опишува Господ Бог како свршеник, а неговиот народ (Црквата) како свршеница. На сосема едноставен начин таа вистина ќе ја повтори и свети апостол Павле кога говори за големото женидбено таинство и вели: таинство тоа големо го говорам преку Христос и Црквата. Извадокот од прочитаниот текст говори колку љубовта е силна како смрт, а љубомората тврда како гроб. Жарот на љубовта е оган од пламенот Господов што не може да го изгасне никаква вода. Жарот за кој овде станува збор се разбира како неприврзано, неопределено срце, дух и тело за конкретна личност, понекогаш за Исус Христос. Едно духовно лице не може да биде среќно ниту задоволно ако не гори со жарка љубов кон Исус. Ниту во бракот не може да се постигне целосна љубов ако сопругот или сопругата не горат од љубов кон својот брачен другар како кон Господа. Во бракот не е најголема крепост чувството, туку да припаѓаш и животно да бидеш определен за другата личност. Не да гледам што примам, туку примарно што давам. Накусо, не е битен изворот на среќата и во каква форма доаѓа дали е тоа според погледот на очите, според моето определување, ангажирање или служење, битно е таа личност да биде среќна. Апостол Павле во посланието до Коринтјаните, кое исто така се препорачува за оваа света Миса говори за своето определување за Христос. Тој вели дека е љубоморен на своите браќа не за да ги присвои, туку за да ги сврши како чисти девици за Христос Господ.
И сега се враќаме на сликата од параболата. Треба да се има на ум дека свадбата кај Евреите траела седум дена. Тоа било, навистина, време на радост и внатрешна семејна и пријателска среќа. Невестата ја придружувале нејзините другарки. Тоа било знак на верност и радост дека таа се мажи. Исус зборува за разлика меѓу тие девојки и отворено вели дека пет биле мудри, а пет луди. Која е таа суштинска разлика: прво, мудрите реагираат на свадбата и за неа се подготвуваат, ја сфатиле својата должност и чест, а тоа е да им го осветлуваат патот на зетот и на невестата. Со други зборови тие прифатиле да бидат светлина на свадбата, да им бидат светлина на младоженците. Мудроста е токму во тоа што совесно се подготвиле за тој единствен чин. А лудите, тие изреагирале на повикот, но не се подготвиле. Дошле дотерани, радосни, но празни. И тогаш започнала драмата за позајмување, дајте ни од вашето масло. Меѓутоа, мудроста сфаќа дека ако се даде од тоа што ја прави светилката светла, тоа значи свадбата да се направи мрачна, ќе биде мрак и за едните и за другите. Слушнавме дека разврската на оваа драма има славен завршеток за мудрите, а катастрофален за лудите.
Сега да го погледнеме ликот на света. Мајка Тереза. Како секој лик и нејзиниот е неповторлив во историјата. Токму во нашиот град пред сто и нешто години Господ Бог себе си се стави во нејзиното срце, односно ја покажа својата љубов. Малата Гонџа не останала индиферентна, тука дозволила да биде запалена од љубов кон тој Бог и кон човекот. Во тоа семејство се негувала грижата за сиромашните и ја гледала татковската дарежлива рака и мајчинско добро срце кое не ги одвраќале сиромашните и гладните од нивниот праг.
Драги браќа и сестри, и денес е сосема исто, имено детето се воспитува според примерот на родителите и нивната љубов кон Бога и ближните. Неодолива и бескрајна Божја љубов – затоа што е Божја, велеше – таа е ненаситна, огромна. Тоа значи, дека никогаш не можеме да го љубиме Бога толку, колку што Тој нѐ љуби нас. Кога душа, како душата на света Мајка Тереза, ќе почувствува дека Бог ја љуби, тогаш и таа се обидува да возврати на љубовта и се случува дека кога повеќе се дава, Бог сѐ повеќе бара. Да не заборавиме, Бог е љубоморен Бог, не затоа што е себичен, туку затоа што го љуби човекот во целост и очекува и Тој да биде љубен со неподелено срце. Тоа било така отсекогаш, а така е и сега, и затоа Исус ни вели не можете да служите на двајца господари: на Бога и на богатството. Со други зборови, никој, ниту сега ниту тука меѓу нас, никој не може да му припаѓа на Бога со поделено срце.
Љубовта која го исполнува срцето е тродимензионална: љуби го Бога и ближниот како самиот себе. Што значи, прифати се себе, дарувај се на Бога, а служи му на ближниот. Тоа е таа животна мудрост која забележува дали светилката на животот е празна или доволно полна да ја осветли барем твојата околина. Забележувајќи ја кај света Мајка Тереза таа неподелена љубов со која го љуби Исус, Тој од неа бара таа како мудра девојка со светилката полна масло да му го расветли патот, нему Свршеникот кој во ликот на сиромашните лежеше покрај патот и на улиците од Калкута. Голема мудрост и подари Бог во срцето на Мајка Тереза, Христос Свршеникот да го препознае во најсиромашните меѓу сиромасите. И тогаш не само како мудра девојка, туку и како невеста таа влегла во свадбената сала во Црквата да донесе радост и утеха на сиромавиот Христос во сиромасите и така го започнала своето свадбено оро, авантурата на љубовта кон сиромашните. И така одеднаш станало јасно дека Црквата не е институција, а уште помалку зграда, туку дека Црквата е заедница од луѓе кои се љубени. Таа авантура на света Мајка Тереза ги допира срцата на сите добронамерни луѓе и многумина како и нејзините сестри и толку други пријатели ги наполниле своите светилки на животот со добри дела и со животот според евангелието за да не се плашат веќе сега на оваа земја, а уште помалку кога свршеникот ќе пристигне на крајот од времето како оној кој нѐ воведува на свадбата од вечниот живот.
Браќа и сестри и оваа Евхаристија е свадбен настан. Исус Христос глава на Црквата, како Свршеник набрзо ќе биде меѓу нас не во ликот само на сиромашните, туку во ликот на оголениот бел леб. Неговата крв ќе зовре во чашата на обичното вино. Дојдовме, поучени од животниот пример и дела на света Мајка Тереза да отидеме во пресрет на Свршеникот. Дали пред доаѓањето во Црквата ги погледнавте вашите светилки, вашето срце и вашата совест? Дали можеби тие светилки се празни? Не можеме да ги наполниме без промена на сопствениот живот овде и сега, и на Бога искрено да му кажеме дека сакаме да бидеме подобри. Тогаш ќе ги слушнеме Неговите зборови со кои ги повикува подготвените да влезат со Него на свадба.
Драги браќа и сестри, нека таа животна мудрост на мудрите девојки нѐ поттикне и нѐ поучи во животот, а во сето тоа ни помогне застапништвото на света Мајка Тереза пред Господ Бог. Амин.
к.мк