Примерот на Папата ја покажува важноста на духовните вежби

Духовните вежби се единствената „клиника“ која помага луѓето да ја обноват својата вера, да ја вратат волјата за живот, да го решат проблемот на своето звање порача монсињор Занели.

„Патиштата на веродостојноста“ – е темата на вториот ден од духовните вежби на папата Фрањо со членовите на Римската Курија, кои се одржуваат во домот на Безгрешниот Учител во местото Аричи недалку од Рим, до петок 27 февруари. Темата која ги водеше низ размислувањата кои ги подготви кармелиќанинот патер Бруно Секондин е „Служители и пророци на живиот Бог.“

За важноста на духовните вежби за сите христијани тргнувајќи од примерот на папата Фрањо, за Радио Ватикан зборуваше монсињор Данило Занели, национален секретар на Италјанската федерација за духовни вежби (ФИЕС) и истакна дека е навистина голем пример кој го дава Папата и неговите соработници, односно фактот дека – во големиот метеж, па и во оној пасторалниот – ја бара тишината во која престојува Светиот Дух и пронаоѓа моменти за размислување за подоцна да бидат ефикасни во работата.

На новинарско прашање дека папата Фрањо како исусовец има силна карактеристика на свети Игнациј, а со тоа и духовните вежби, монсињор Занели истакна дека Светиот Отец никогаш за целата Црква изрично не зборувал за духовни вежби, туку од целото негово учителство, од неговите говори, се чувствува исусовскиот пристап на големиот светец Игнациј. Навистина сакам и во епархиите, во парохиите, на – како што рече – „духовните менија“ да се врати обичајот на организирање на такви размислувања за она што се слави и живее барем еднаш годишно и тоа за свештениците, за семејствата, за младите, за аниматорите. Секогаш постои опасноста, па и за нас свештениците од „театарот“ односно од надворешното појавување, од доброто делување, но без внатрешни вредности.

Монсињор Занели потоа истакна дека има луѓе кои на духовните вежби ја обновуваат својата вера, има такви кои го решаваат проблемот за своето звање, а и такви кои ја враќаат волјата за живот ,бидејќи во верата ја наоѓат радоста за која зборува Папата во својата енциклика Радоста на Евангелието. Замислете куќа или манастир, во мир и тишина во кој го чувствуваш Господ близу, кој ти дава сила за соочување со тешкотиите во ова општество, наречено „разводнето“ и со тешкотиите на моралниот релативизам за да се навести Радосната вест на Евангелието! Нема подобра „клиника“ од куќата за духовни вежби – рече на крајот монсињор Занели.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот