Пресвето Срце Исусово

Пресвето Срце Исусово

Побожноста обожaвање на Срцето Исусово има своја долга и богата историја. Овде сакам да донесам краток приказ и потсетник како дошло до тоа обожaвање на оваа Срце кое е извор на нашето спасение.

Стариот Завет кога зборува за важните духовни и душевни карактеристики на човекот го употребува зборот срце. Така да кажеме дека во Стариот Завет нема да го сретнеме зборот совест, но тој збор ќе можеме да го препознаеме во говорот за човечкото срце. Постојано, така, се зборува за срцето на човекот, за чистото срце, со чисто срце. Доброто срце дава мир и сигурност, лошото срце одвнатре го укорува човекот. Одобрувањето или укорот преминуваат и на телесниот дел, сѐ до коските: „Блажен е оној човек, на кого Господ не му зема за грев, и во чија уста нема лукавство! Затоа што замолкнав, се исушија коските мои од секојдневното мое воздишување, бидејќи и дење и ноќе тежеше над мене раката Твоја, копнеев како на летен припек. Но јас го познав гревот мој и не го сокрив беззаконието свое, па реков: „Ќе ги исповедам на Господа моите престапи,” и Ти ми го прости гревот мој. “ (Пс. 32, 2 – 5). Човекот со зла совест се чувствува напуштен и гледа како да побегне од Бога: „каде да одам од Твојот дух, и од лицето Твое каде да побегнам? (Пс. 139, 7)

Исто така и Новиот Завет зборува за срцето. Срцето е поврзано со човечкиот афективен живот, со сѐ она што се наоѓа во внатрешноста, во мислите, спомените, расудувањето, плановите. Срцето е извор и средина на најинтимниот дел од човечкиот живот, а исто така е и оној центар на интимното соединување со Бога. Срцето треба да го исчистиме за Бог и ближните би можеле да се сакаат со „цело свое срце“. Срцето е, како што наведува Вториот Ватикански Собор средиште на совеста, закон впишан во човечкото срце по кој човекот ќе биде суден (спо. GS 16).

Божјото Срце, пак, ја симболизира полнота на Божјата нежност и милосрдноста што изобилно го чувствува за својот народ. Во Новиот Завет Срцето на Синот Божји означува најнапред расположение за Христовата душа, односно целата Исусова личност. Срцето Исусово означува, исто така, добрина на Бог нашиот Спасител и неговата љубов кон луѓето. На многу места во Новиот завет можеме да најдеме говор за Исусовото срце кое е кротко и понизно. Веројатно два најпотполни и најважни новозаветни текстови се: Матеј 11, 28 – 30 и Иван 19, 33 – 37. Првиот текст на сликовит и симболичен начин ја покажува кроткоста на Христовата душа: „Земете го јаремот мој на себе и учете од мене, затоа што сум кроток и понизен по срце. Така ќе најдете спокој во своите души“. Другиот текст е описот на евангелистот Иван за прободеното Исусово срце од кое веднаш потекува крв и вода, знаци на Црквата.(…)

Првото Срце на Богочовекот е неговото телесно срце, побожествено со силата на хипостатичката унија како и сите останати делови од неговото тело.

Второто Срце е духовното, а тоа е поголемиот дел од неговата пресвета душа, што содржи помнење, разум, волја. И тоа Срце е побожествено на ист начин.

Третото Срце е Божественото. Овие три срца се всушност едно Срце, затоа што Исусовото Божествено Срце е душа и неговиот живот на телесното и духовното Срце. Исусовото Срце е полно со бескрајна љубов кон Пресветата Троица и несфатлива љубов кон луѓето. (…)

Посебен развој за побожноста на Срцето Исусово се препишува на заслугите на Марија Маргарита Алакок (1647 – 1690) која била од самиот Бог избрана да биде гласник на пораките на неговото Срце, да биде – како што ја нарекува Jean Ladame – „la confidante du Coeur de Jesus“ – доверлива на Срцето Исусово. Во објавите Исус се жали на ладност и рамнодушност па така од луѓето бара надомест, почитување на свет час во ноќта од четврок спрема петок со востанување на празник во кој ќе се почитува неговото Срце.

Оваа светица ја изразила Исусовата желба да се воведе посебен празник на Срцето Исусово, како ден за надомест за сите навреди кои се нанесени кон Божјата љубов. Исто така по заслуги на мистичноста е воведена побожноста на деветте први петоци во месецот, настаната по желба на Срцето Исусово. Папата Пиј IX ја прогласил за блажена на 24 април 1864 година, а за света ја прогласил папата Бенедикт XV на 13 мај 1920 година.

Милосрдници/к.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот