Црквата денес го слави Празникот на Пресвета Троица, таинството на троединиот Бог, Бог со една божествена природа во три лица. Тоа е неразбирлива и неискажана тајна. Да се поклониме денес пред таквата возвишена тајна и да се молиме Господ да не направи достојни за неговите изобилни дарови.
Простувајќи се од своите ученици Исус им оставил задача да ги направат негови ученици сите народи крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух (Матеј 28, 16-20). Можеби н изгледа дека им дал обична задача, ништо особено или ништо значајно. Но во моментот на опростувањето сигурно им изговорил многу важни зборови и им дал исклучително важна задача, т.е. најважната задача која го сумира неговото целокупно делување. Навистина, сакал неговите апостоли во целиот свет да го навестуваат сето она за што ги поучувал, и да ги направат неговите ученици сите народи на земјата. Но тоа можело да се случи само со крштевањето во името на Пресвета Троица, Отецот, Синот и Светиот Дух.
Но овде Исус не мисли само на чинот на крштевањето како формалност што би требало да го направат, туку на нешто многу помоќно и посуштинско. Некој да се крсти не значи само да биде потопен во водата, туку значи да биде потопен во спознавањето на вистинскиот Бог, Отец и Син и Светиот Дух. Некој да се крсти значи да биде потопен во свеста за Божјата семоќ, мудрост и добрина која била најмногу евидентна во откупителното дело кое Отецот го извршил испраќајќи го својот Син и Светиот Дух како најголем дар и знак на својата љубов. Некој да биде крстен значи да биде доведен до спознанието на Божјето милосрдие и спознанието на искупението со кое самиот Бог се завзема за нас да ги очисти нашите души. Да се крштева всушност, значи не само да се изврши обредот, туку да се почувствува Бог кој делува и ја очистува душата. И тоа на начин што Отецот за нас ја дава крвта на својот Син како цена за опростување на гревовите. Некој да биде крстен значи да се доведе до спознанието колку Бог нас нѐ љуби и како ни ги опростува гревовите, и сака да нѐ доведе во своето царство со цел да нѐ обдари со живот вечен.
Затоа празникот на Пресвета Троица тајно нѐ повикува да се преиспитаме за сопствената вера во Пресветото Троиство, како и за силата и сериозноста на сопственото крштение. Бидејќи честопати не сме свесни за Божјето присуство ниту за неговата света сила, иако сме го примиле светото крштение. Односно, ние не сме свесни за тоа, и не се однесуваме согласно на овој дар и на оваа милост која сме ја примиле. Од нашиот живот не излегува гордост дека сме ја доживеале славата и силата на Пресветата Троица во сопствениот живот, дека до крајност сме обземени од присуството на Пресветата Троица, и дека засекогаш сме го освоиле нивниот живот како принцип за сопствениот живот. Секогаш не покажуваме дека нашиот дух, душа и тело целосно се обземени од светоста, добрината и љубовта која ни е дадена преку светото Божјо присуство. Не доживуваме, не покажуваме и не сведочиме секогаш дека целосно се чувствуваме како деца Божји, кои примиле посинување, ги примиле сите милости и дарови на Небесниот Отец. Не живееме секогаш како некои кои се ослободени од ропството на гревот и како вистински Божји деца со сите права и обврски на децата во Татковата куќа.
Празникот на Пресвета Троица е можност да го преиспитаме своето крштение, т.е да се прашаме дали навистина сме крстени во силата на Отецот и Синот и Светиот Дух, а исто така дали навистина сме станале Христови ученици. Дали сме станале ученици чија единствена задача е да се навестува вистината за Отецот, Синот и Светиот Дух кои неизмерно нѐ љубаат и ни го даруваат својот божествен живот. Ако сме Божји синови, т.е. синови во Синот и во силата на Светиот Дух, тогаш до крајност, многу силно и гордо треба да го живееме нашето посинување. Со животот треба да го сведочиме животот кој постои во нашите вени, чија мисла е во нашиот ум, чиј Дух е во нашата душа. Затоа прашањето за Пресвета Троица како Отец и Син и Свети Дух не е прашање без никаква важност како понекогаш нам ни изгледа, туку навистина е од голема важност за нашиот секојдневен живот. бидејќи Бог ни се доверил самиот Себе на многу конкретен начин. Се конкретизирал како Отец и Син и Свети Дух, и со својата божествена интервенција влегол во нашиот живот, доаѓајќи во нашата животна реалност како Бог кој се објавува и прави сѐ со цел да не однесе во вечниот живот во неговото царство.
Тргнувајќи од дарот на неговото објавување, на нас останува повикот и должноста да живееме во таа сила и слобода која Бог ни ја оставил, кога нѐ ослободил, бидејќи го дал Духот – Бранител и Ослободител, како и својот Син како цена за нашето ослободување. Тие во нас сведочат дека сме слободни и дека сме Божји деца, бидејќи во сопствениот дух ние сме слободни и во сопствената душа го живееме животот на неговиот Дух. Да љубиме и да го живееме ова потопување во Пресветото Троиство, и да бидеме одраз на неговото таинство, бидејќи на тој начин ќе покажеме дека сме станале Господови ученици и дека ги извршуваме неговите заповеди, од кои најважната е да живееме и да љубиме онака како тој нѐ научи и да бидеме вдахновени со Неговиот Дух, со цел да ја извршуваме мисијата која Господ им ја оставил на своите апостоли.
Вера и Дела/З.А.