Небесниот младоженец

Небесниот младоженец

Духовникот на Еврозија бил од оние набожни свештеници кои се појавуваат како вистински помошници на Бога во водењето на своите духовни чеда. Тој добро ја познавал Еврозија – дека е избрана душа, украсена со христијански добродетели, која им служи како пример на верниците, за да ги отфрли од земските добра и да ги насочи нивните погледи кон небесната вселена. Таквите души, меѓутоа, според изобилните поуки од црковната историја, можат да прават добро во секоја професија.

Во аналите на Католичката црква има богати примери кои докажуваат дека спасението на ближниот и посветувањето на сопствената душа е можно и во манастир, како и во светот. Па, и самата Еврозија, која посветено го читала животот на светците, знаела дека сите патишта можат да водат кон Бога. Примерот на Марија и Марта, сестрите на Лазар од Евангелието постојано ѝ бил пред очите. Нејзиниот духовен раководител повеќе пати ѝ ги објаснувал поуките од тој пример, кажувајќи дека некои набожни жени го добиле звањето на Марта – да работат во семејството за посветување на своите души, вршејќи ги обичните домашни работи, други, пак, повикани кон поголемото совршенство, треба да го напуштат светот, далеку од светот да слушнат за Христа.

Дали да биде Марта или Марија – честопати си го поставувала ова прашање Еврозија. Со години таа му служела на Бога во улогата на Марта, без да биде сигурна дека тоа е крајната цел определена од Исус. Понекогаш, во мигот на душевната возвишеност, таа мислела дека е повикана да го следи примерот на Марија, но немала јасни знаци за Божјиот повик. Но, фактот дека Еврозија свесно ги отфрлила чувствата на доброто момче, на духовникот му претскажувал дека таа би го одбрала монашкиот живот. И овде изборот секогаш не е лесен: искусниот свештеник знаел дека и во монашкиот живот има разновидни правци, зашто Католичката црква располага со градина од звања кои им соодветствуваат на разновидните плодови на религиските редови. На духовникот му било јасно, во врска со Еврозија, дека постојат чесни сестри кои својот живот го посветиле во контемплација, други својата цел ја наоѓаат во олеснувањето на страдањата на ближниот, трети својот повик го откриваат во христијанското воспитување на младите, четврти поминуваат мориња и океани, за да им помагаат на мисионерите во евангелизацијата на паганите, петти своите грижи им ги посветуваат на болните, сирачињата, лепрозните, старите и други. Ниту на свештеникот, ниту на Еврозија, не им било јасно сè уште за патот, по кој треба да тргне таа. Меѓутоа, овде на помош им дошол постариот брат на Еврозија, Јосиф. Ракоположен во свештенички чин уште во 1882 година, тој бил испратен од своите началници во Македонија, за да служи во мисијата посветена на духовните потреби на македонските католици во Солун и во цела Македонија.

Отците Лазаристи веќе направиле многу добро во тој стар град, во кој некогаш проповедал свети апостол Павле. Отец Јосиф со голема љубов служел во Македонија, по стапките на своите претходници. Началник на братот на Еврозија бил отец Бонети, парохиски свештеник во Солун. Тој честопати разговарал со отец Јосиф за духовните потреби на македонските католици.

Отец Јосиф раскажува за звањето на Еврозија

Во една беседа, одржана пред сестрите Евхаристинки во 1902 година во селото Паљурци, Македонија, отец Јосиф го раскажува следното: Еден парохиски свештеник, отец Бонети ми рече: „Оче, создадете ни месни сестри”…

На почетокот не разбрав што сакаше да ми каже отец Бонети. Но, десет месеци подоцна, на 25 август 1884 година во 14 часот, започнав да го молам Крсниот пат во старата Католичка црква, кога немаше никој. Пред четвртата постојка во кое Исус Христос е натоварен со крстот, кога на патот за Голгота ја среќава својата љубена мајка, слушнав некаков внатрешен глас, како да доаѓаше од Исуса и Марија.

Не можам да ви го опишам чувството што го почувствував тогаш. Стоев цел час и кога станав, се почувствував просветен, поткрепен и уверен дека Бог сака да основа нова заедница од сестри кои треба да бидат под покровителство на Пресвета Богородица и да се наречат Евхаристинки, а мојата сестра Еврозија да биде Основачка, нивна Началничка…

Но, бидејќи свети Павле вели дека и сотоната понекогаш може да се јави како ангел на светлината, му се помолив на Бога да ми даде видлив знак дека Тој тоа навистина го бара од мене. Во мене почувствував нешто необично, како сугестија дека овој знак ќе мора да му го откријам на својот началник, отец Бонети и да го сторам она што тој ќе ми го каже.

Крсниот пат го продолжив и го завршив, а потоа немав храброст да одам кај мојот началник. Следниот ден, на 26 август, во истото време попладне повторно го измолив крсниот пат и молев Бог да ме просвети. Почувствував внатрешна поткрепа и штом излегов од црквата се упатив кон кабинетот на отец Бонети. Тој не се зачуди од тоа што му го открив, туку ми рече:

– Нели ви реков, дека треба да ни создадете месни сестри?

Во тој миг зборовите што ми беа кажани пред 10 месеци ми станаа јасни. Јас веднаш одговорив и прашав:

– Добро, но која ќе застане на чело?

 – Вашата родена сестра Еврозија.

– Но, дали ќе се согласи?

– Пишете му на нејзиниот исповедник и замолете го да ја праша за нејзиното звање…

Отец Јосиф, поткрепен од зборовите на својот началник, одлучил да започне со остварувањето на големото дело. Уште истот ден тој му напишал писмо на духовникот на Еврозија, излагајќи му сè што доживеал за време на молењето на крсниот пат на 25 август и во следните денови. За да ја спознам подобро волјата Божја, заклучува отец Јосиф, Ве молам да ги поттикнете моите родители и роднини, како и другите набожни души, да измолат деветница во чест на раѓањето на Пресвета Богородица, да се молат и да се причестуваат за моите намери.

Од книгата „Благородното дело на отец Јосиф Алоати и на сестра Еврозија Алоати“ од д-р Иван Драгов.

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот