Предбожиќно размислување: Да прибегнуваме кон Господ

Почитувани читатели на Католици.мк, во овие неколку дена пред празникот Рождество Христово ве повикуваме заедно да го наслушнуваме Словото Божјо преку секојдневни размислувања од Светото Писмо и на тој начин заеднички да се подготвиме за празникот.

******************************************

Кога се наоѓаме во некоја тешка ситуација во животот кон кого прибегнуваме? На ова прашање треба да си одговориме искрено во себе. Одговорот можеби ќе ни биде дека се надеваме во некои луѓе, лекари, пари, работа, материјални нешта, позиции или нешто слично. Но најважно од сѐ е еден христијанин во моменти на искушенија да се надева и да прибегнува кон Бог. Но што покажуваат нашите постапки, однесувања, на кого најмногу се надеваме во тешки ситуации во животот, како што е болест, невработеност, несреќа….?

А денес Бог нѐ повикува да прибегнеме кон него во нашите потешкотии, да побрзаме на средбата со Него. Бог знае дека сме оптеретени од секакви земски грижи и дека имаме потреба од одмор и помош. Но помошта која Бог сака да ни ја даде е поголема од онаа која ние мислиме дека ни е потребна. Ние обично бараме минливи нешта, работи кои се второзначајни за Бог.  А Тој сака да ни даде спокој, мир на нашите души, кои се вознемирени од преголеми грижи, па и од теретот на гревовите. Затоа и умилно ни вели. Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно.” (Матеј 11,29-30)

Без да се поучиме во Него, без да прифатиме од неговата кротост и смиреност, нема да можеме да најдеме спокој на нашите души. Многу често гордоста нѐ убива, а кротоста и смиреноста се патот до светоста. Во секојдневието сме растегнати од борбата со времето, обврските, грижите, желбите и можностите…. Господ вели: Дојдете при Мене сите изморени и обременети. Нѐ повикува зашто ги гледа нашите души.

Ова предбожиќно време е милосно за да прибегнеме кон нови искуства во заедништвото со Бог. Да не дозволиме да не окупираат неважни работи и да ни го украдат Бог од Божиќ, да не го занемариме повикот од Витлеемската пештера, следењето на ѕвездата, ангелската песна… На овој повик треба одважно да одговориме и да се сретнеме со Христос, да му одговориме со вера и доверба, каква што има Јосиф, кога го слушна ангелот како му зборува да се препушти на Него. Пророкот Исаија вели за оние кои се надеваат на Господа, дека ќе ја обноват силата своја: ќе кренат крилја како орли, ќе трчаат и нема да им биде тешко, ќе одат и нема да се уморат (сп. Исаија 40,31).

Поради тоа да се упатиме кон Господ, нашиот Откупител и Спасител, бидејќи Тој ги очистува сите наши беззаконија, Тој ги исцелува сите наши болести; Тој ги избавува од распаѓање нашите животи, Тој не овенчува со милост и со добрини. (сп. Псалм 102,3-4). Да прибегнеме кон Господ, тој не чека во Витлеемската пештера.

.

к.мк/ о. Гоце Костов

За авторот