На светата Литургија во домот Света Марта, папата Фрањо посебни мисли повторно посвети на затворениците и на големиот проблем на пренатрупаност во затворите и се молеше одговорните да пронајдат решение. Во проповедта зборуваше за сиромашните, за жртвите на неправдата на светските економmсkи политики и потсети дека на крајот од животот ќе ни се суди според нашиот однос кон сиромашните.
Мислам на големиот проблем кој постои на многу места во светот. Би сакал денес да молиме за проблемот на пренатрупаност во затворите – рече папата Фрањо на почетокот на светата Литургија во домот Света Марта во понеделникот, на 6 април 2020 година. Постои опасност местата кои се пренатрупани – каде има многу луѓе, во оваа пандемија да завршат катастрофално. Да се молиме за одговорните за оние кои за тоа мора да донесат одлука, да го пронајдат вистинскиот и креативен пат за решение на тој проблем – поттикна Папата.
Во проповедта Светиот Отец го коментираше делот од Евангелието според Иван (12,1.11) кој зборува за Марија, сестрата на Лазар која ги помаза нозете на Исус со скапоцено миро, предизвикувајќи така критики од Јуда Искариотски. Тоа миро – рекол оној кој се подготвувал да Го предаде Господ можеше да се продаде, а добивката да се даде на сиромашните. Евангелистот истакнува дека Јуда тоа не го рекол затоа што се грижел за сиромашните; туку затоа што бил крадец. Исус на тоа му одговорил: „Оставете ја! Таа го запазила тоа за денот на Моето погребение; оти сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш.“
Зборувајќи за сиромашните Папата истакна дека ги има многу, а голем дел од нив се сокриени и не ги гледаме затоа што сме рамнодушни. Голем број сиромашни се жртви на финансиски политики и структурни неправди на светската економија. Многу сиромашни се срамат затоа што немаат средства за живот и тајно одат во Каритас. Сиромашните ќе ги сретнеме на последниот суд – потсети Папата. Исус се поистоветува со нив. Ќе ни се суди според нашиот однос кон сиромашните.
Шесет дена пред Пасха Марија го направила тој гест на контемплација; Марта служела, а Марија ја отворила вратата кон контемплација. Јуда пак мисли на парите и на сиромашните, но не затоа што му е до нив, туку затоа што е крадец, и бидејќи тој го чувал ковчежето, земал од она што се ставало во него. Таа приказна за неверниот управител секогаш е актуелна – рече Папата, секогаш ги има, па и на високо ниво.
Да се сетиме на некои добротворни и хуманитарни организации кои имаат многу вработени, кои имаат многу богата структура на луѓе, и на крајот до сиромашните доаѓаат 40% затоа што 60 % е потребно за да се даде плата на тоа мноштво луѓе. На тој начин се земаат парите на сиромашните – рече Папата. Но, Исусовиот одговор – на кој сакам да се задржам – „(…) е дека сиромасите ги имате секогаш покрај себе.“ Има многу сиромаси, има сиромаси кои ги гледаме, но тој е најмалиот дел; голем е бројот на сиромасите кои не ги гледаме, тие се сокриени сиромаси.
Не ги гледаме – објасни Папата, затоа што влегуваме во културата на рамнодушноста која е негирачка и негираме: „Не ги нема многу, не се гледаат…“ и ја намалуваме реалноста на сиромашните. Меѓутоа, многу се. Или пак ако не влеземе во таа култура на рамнодушност, тогаш владее обичај сиромашните да ги гледаме како украс на некој град; да ги има, како статуи, се гледаат… Како тоа да е нешто нормално. Како сиромашните да се дел од украсувањето на градот. Меѓутоа голем дел од сиромашните се жртви на економски, финансиски политики.
Некои неодамнешни статистики даваат такво резиме: Многу пари во рацете на малку луѓе и многу сиромаштво кај голем број луѓе. Станува збор за сиромаштво на многу луѓе кои се жртви на структурната неправда на светската економија – објасни папата Фрањо. И многу се сиромашните кои се срамат да покажат дека со она што го имаат не можат да издржат до крајот на месецот; многу сиромашни има од средната класа кои криејќи се одат во Каритас и тајно бараат помош затоа што се срамат. Многу повеќе се сиромашни отколку богати. Вистина е тоа што Исус го кажува: „сиромасите ги имате секогаш покрај себе.“ Дали ги гледам? – праша Папата – ја забележувам ли таа реалност? Таа сокриена реалност, на оние кои се срамат да кажат дека немаат доволно за живот.
Сиромашните се многу така што ќе ги сретнеме на последниот суд. Првото прашање кое Исус ќе ни го постави ќе биде: „Каков е твојот однос кон сиромашните? Дали им даде да јадат? Дали си посетил затвореници? Дали си го видел во болницата? Дали си помагал на вдовица, на дете без родител? Бидејќи таму бев Јас. Според тоа ќе ни се суди – рече Папата. Нема да ни се суди според луксузот или патувањата на кои одиме или според нашата важност во општеството. Ќе ни се суди според нашиот однос со сиромашните.
Меѓутоа ако денес не се грижам за сиромашните, ако ги оставам на страна, ако мислам дека ги нема, на денот на судот Господ ќе ме занемари мене. Кога Исус вели: Сиромасите ги имате секогаш покрај себе, тоа значи: Јас секогаш ќе бидам со вас во сиромашните. Таму ќе бидам присутен. Тоа не значи да биде комунист, тоа е центарот на Евангелието, според тоа ќе ни се суди – истакна папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк