Прв говор на Папата во Малта: Среде ветровите на војната, повик за заедничка иднина на мирот
Папата Фрањо е на 36. Апостолско патување во Малта во неговиот понтификат. Неговото прво јавно обраќање на медитеранскиот остров беше пред државните власти, претставниците на граѓанското општество и дипломатскиот кор.
На првиот ден од посетата на Малта во сабота, 2 април, во Претседателската палата, папата Фрањо се сретна со претставници на државните власти, граѓанското општество и дипломатскиот кор и го одржа својот прв говор, во кој порача дека токму таа држава, која сјајно блеска во Медитеранот, може да биде вдахновение, затоа што итно е потребно да се врати убавината на лице на човештвото нарушено од војната.
Предците на малтешкиот народ му покажале големо човекољубие на апостол Павле, а папата Фрањо, доаѓајќи од Рим на остров во срцето на Медитеранот, го доживеал тоа „топло гостопримство, богатство кое малтежаните го пренесуваат од колено на колено. “
Обраќајќи им се на претставниците на државните власти и на дипломатскиот кор во Палатата на Големиот мајстор во Валета, Светиот Отец ја опиша земјата како „срце на Медитеранот“ – не само поради географската положба, туку и поради историските настани и средби на различни народи, поради што островот стана центар на виталност и култура, духовност и убавина, раскрсница која ги примила и усогласила влијанијата од многу делови на светот. Не е случајно, истакна Папата, што на старите мапи во близина на Малта често се прикажува на компасот роза или „розата на ветеровите“. „Би сакал да ја позајмам оваа слика на розата на ветровите, која ги опишува ветровите во однос на четирите кардинални точки на компасот, за да ги опишам четирите фундаментални влијанија врз општествениот и политичкиот живот на оваа земја“, рече Петровиот наследник.
Зајакнување на темелите на животот во општеството
Прво, Папата истакна дека на малтешкиот остров најмногу дуваат ветрови од северозападен правец. Северот потсетува на Европа, особено на Европската Унија, која е изградена како место на големо семејство обединето за одржување на мирот. Единството и мирот се дар за кој малтешкиот народ го моли Бога секогаш кога ја пее својата химна, рече папата Фрањо. „Мирот го следи единството и произлегува од него. Не потсетува на важноста да работиме заедно, избирајќи кохезија наместо поделби и зајакнување на заедничките корени и вредности кои го создадоа малтешкото општество во неговата единственост“.
Но, за да се обезбеди здрав општествен соживот, не е доволно само да се зајакне чувството на припадност, туку треба да се зајакнат темелите на животот во општество засновано на правото и законите, рече Папата. Искреноста, правичноста, чувството за должност и транспарентност се суштински столбови на зрело граѓанско општество.
Европскиот дом, посветен на промовирање на вредностите на правдата и социјалната еднаквост, исто така е на чело на напорите за заштита на еден поголем дом – Божјото создание. На Малта, каде што блескавата убавина на пејзажот ги ублажува тешкотиите, сè што е создадено се појавува како подарок кои, среде искушенијата на историјата и животот, нè потсетува на убавината на нашиот живот на земјата, нагласи Папата. „Затоа, мора да се пази од грабеж, алчност и градежни шпекулации кои не само што ја расипуваат животната средина, туку и иднината. Напротив, заштитата на животната средина, промовирањето на социјалната правда подготвуваат за иднината и се одлични начини да се всади кај младите страст за здрава политика за да се заштитат од искушенијата на рамнодушност и недостаток на посветеност.
Чувајте го споменот на минатото
Северниот ветер често се меша со западниот ветер, рече Папата, истакнувајќи дека во Малта, особено меѓу младите, западниот начин на живот и размислување е заеднички. Тоа носи големи придобивки во однос на вредностите на слободата и демократијата, но има и ризици кои бараат претпазливост, желбата за напредок да не биде придружена со одвојување од сопствените корени, предупреди Светиот Отец. Здравиот развој треба да го зачува сеќавањето на минатото и да поттикнува почит и хармонија меѓу генерациите, да не попушта на бледата униформност и формите на идеолошка колонизација.
Заштита на животот и човечкото достоинство
Темелот на секој солиден раст е почитувањето на човечката личност, животот и достоинството на секој маж и жена. Папата ја нагласи посветеноста на Малтежаните за прифаќање и заштита на животот и ги охрабри островјаните да продолжат да го бранат животот од неговиот почеток до неговиот природен крај, но и да го штитат во секое време од отфрлање, од лишување на грижа и нега. Тој го посочи примерот за заштита на достоинството на работниците, старите и болните, но и младите на кои им се заканува опасност да ги следат привидните слики кои ги оставаат празни – плодовите на радикалниот консумеризам, рамнодушноста кон потребите на другите и чумата на дроги кои ја потиснуваат слободата и создаваат зависност.
Феноменот на миграција – знак на нашето време
Гледајќи кон „југот“, воден од розата на ветровите, каде што толку многу браќа и сестри доаѓаат во потрага по надеж, Папата им се заблагодари на властите и жителите на Малта – што според феникиската етимологија значи „безбедно пристаниште“ – за прием што го направија во име на евангелието, заедничкото човештво и домашното чувство за гостопримство.
Но, со оглед на зголемениот прилив на луѓе во последниве години, стравот и несигурноста поттикнаа одредена количина на обесхрабрување и фрустрација. За да се реши сложеноста на миграциското прашање, истакна папата Фрањо, неопходно е да се стави во поширок временски и просторен контекст. Феноменот миграција не е привремена ситуација, туку знак на нашето време, кое со себе го носи товарот на неправдата од минатото, експлоатацијата, климатските промени и трагични конфликти, чии ефекти сега се очигледни. Тоа е факт што не може да се игнорира со усвојување на застарен изолационизам кој нема да доведе до просперитет и интеграција. „Гледајќи го просторот, растечката, итна миграциска ситуација – можеме да помислиме на бегалците од Украина разурната од војна – бара широк и заеднички одговор. Цивилизираните земји не можат да одобруваат валкани договори со криминалци кои поробуваат други човечки суштества за свои интереси, нагласи тој. „На Медитеранот му е потребна соодговорност од Европа за да стане нов театар на солидарноста, а не предвесник на трагичен цивилизациски бродолом.
Во името на Евангелието кое го живееше и проповедаше Павле, да ги отвориме нашите срца и повторно да ја откриеме убавината на служењето на ближните во неволја, продолжи Светиот Отец во своето обраќање. Другите луѓе не се вирус од кој треба да се заштитиме, туку луѓе што треба да ги прифатиме. Да не дозволиме рамнодушноста да ни го задуши сонот да живееме како едно!
Ледените ветрови на војната
На крајот, Папата зборуваше за ветрот од исток, кој Хомер го нарече „Еврус“, бидејќи често дува во зори. Сепак, од истокот на Европа, од земјата на источното сонце, темните сенки на војната сега се проширија, рече тој. „Мислевме дека инвазиите на други земји, дивите улични борби и атомските закани се мрачни спомени од далечното минато. Меѓутоа, ледените воени ветрови, кои со себе носат само смрт, уништување и омраза, ги зафатија животите на многу луѓе и нѐ погодија сите нас. Повторно, некој моќен човек, заробен во анахрони тврдења за националистички интереси, провоцира и поттикнува конфликти, додека обичните луѓе чувствуваат потреба да градат иднина која или ќе биде заедничка или воопшто нема да ја има. Сега, во ноќта на војната што го снајде човештвото, да не дозволиме да згасне сонот за мир!“
Токму Малта, која блеска силно во срцето на Медитеранот, може да ни биде вдахновение, бидејќи итно е неопходно да се врати убавината на лицето на човештвото нарушено од војна. Потсетувајќи се на старата медитеранска статуа која го прикажува мирот како жена – Ерина – која го држи Плутус – богатство – Папата рече дека „присуството на жените е вистинска алтернатива за погубната логика на моќта што води до војна“. Ни треба сочувство и грижа, а не идеолошки и популистички визии поттикнати од говор на омраза и занемарување на конкретните животи на обичните луѓе, додаде Папата.
Многу големи прашања висат повисоко на листата на главните политички агенди
Светиот Отец потсети и на истакнатата италијанска политичарка Џорџија Ла Пире, која по пустошот од Втората светска војна повика на владеење на умереност и универзално братство против подемот на сопствените интереси. „Колку ни е потребна „човечка умереност“ пред детинастата и деструктивна агресија што ни се заканува, пред опасностите од „продолжена Студена војна“ која може да ги задуши животите на цели народи и генерации“, рече Папата. Тој, исто така, изрази тага поради големите инвестиции во оружје и масовната трговија со оружје. Ентузијазмот за мир, кој се појави по Втората светска војна, избледе со неколку сили кои бараа простори и зони на влијание. „На овој начин“, предупреди Папата, „не само мирот, туку и многу главни прашања, како што се борбата против гладот и нееднаквоста, веќе не се на списокот на главните политички агенди“.
Папата ја повика меѓународната заедница да се врати на меѓународните мировни конференции, каде што прашањето за разоружувањето ќе биде централно, каде што огромните средства кои сè уште се даваат за оружје може да се пренасочат за развој, здравствена заштита и исхрана.
Божјето име е мир
Гледајќи кон истокот на Малта, Папата ги насочи своите мисли на Блискиот Исток – особено Либан, Сирија и Јемен, кои се растргнати од проблеми и насилство. Нека Малта, срцето на Медитеранот, продолжи да го поттикнува чукањето на срцето на надежта, грижата за животот, прифаќањето на другите, копнежот за мир, со помош на Господ чие име е мир“, рече Светиот Отец на крајот од своето обраќање.
Ватикан њуз/к.мк