Прва Света Причест во парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица

Прва Света Причест во парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица

За време на светата архиерејска Литургија на паторниот празник на парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица, која ја служеше Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, во сослужение на протојереј ставрофор отец Зоран И. Стојанов, протојереј отец Гоце Костов и отец Ванчо Назов, во недела 7 јули 2024 година, шест деца од парохијата преку благодатта Божја прв пат се соединија со Телото и Крвта Христови, примајќи го Господ Исус Христос.

Првопричесниците приклучувајќи се на процесијата, свечено влегоа во црквата, каде присуствуваа на светата Литургија. Пред причестувањето, со запалени свеќи во раце, што потсетува на крштелната свеќа, ги обновија своите крштелни завети, ветувајќи дека ќе му служат само на Христа.

Во проповедта, епископот Стојанов најпрво зборуваше за празникот „Раѓање на Свети Иван Крстител, а потоа обраќајќи се до децата првопричесници истакна дека ова е ден за радост, повикувајќи ги да благодарат на Бога за овој посебен ден во нивните животи. Епископот Стојанов потенцира дека денот на Првата причест е ден за радост и на родителите, бидејќи нивните деца стануваат преку Причеста едно со Христа. Во продолжение на проповедта истакна дека денес е направен само почеток на евхаристиското заедништво со Христос, кое треба да продолжи.

За овој свечен чин децата интензивно се подготвуваа на часовите по веронаука, а пред примањето на светата Причест ја примија и светата Тајна Исповед. По завршувањето на светата Литургија следуваше заедничко агапе во парохиската сала „Света Мајка Тереза“.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот