Првата енциклика на папата Лав XIV се очекува да биде објавена во средината на мај. Според најавите, текстот со работен наслов „Magnifica humanitas“ е предвиден за 15 мај.
Се очекува документот тематски да се осврне на вештачката интелигенција, мирот, кризата на меѓународното право, како и на други актуелни закани за човештвото.
Со изборот на датумот 15 мај, според ватикански извори, се нагласува историската врска со големите социјални енциклики на Католичката црква. Токму на 15 мај 1891 година папата Лав XIII ја објави енцикликата „Rerum novarum“, првото големо социјално учење на Црквата.
Со тој документ Католичката црква првпат систематски се осврна на индустриската револуција од 19 век и нејзините последици врз општеството и моралот. Потоа постепено се разви католичкото социјално учење, кое стана важна гранка на современата теологија.
Четириесет години подоцна, на 15 мај 1931 година, папата Пиј XI ја потпиша енцикликата „Quadragesimo anno“, во која беше развиено начелото на супсидијарност. Во документот се истакнува и несогласивоста меѓу христијанското учење и социјализмот, бидејќи тој, според енцикликата, недоволно ги почитува сопственоста и човечката личност.
Триесет години подоцна, папата Иван XXIII ја потпиша својата социјална енциклика „Mater et magistra“, исто така на 15 мај. Во 1961 година тој особено се заложи за учество на работниците во управувањето со претпријатијата.
Социјалната енциклика „Centesimus annus“ на папата Иван Павле II од 1991 година беше потпишана на 1 мај, со што полскиот папа ја нагласи својата блискост со работничкото движење. Во тој документ се разгледуваат последиците од падот на комунизмот во Европа и се дава едно од најјасните вреднувања на пазарната економија како систем што создава благосостојба.
Со нетрпение очекуваната социјална енциклика на папата Лав XIV, според најавите, е подготвена под работниот наслов „Magnifica humanitas“. Доколку биде потпишана на 15 мај, таа ќе се надоврзе на традицијата на големите папски социјални документи од 19 и 20 век.
Една недела претходно, Папата ќе ја одбележи првата годишнина од својот избор, на 8 мај 2025 година. По тој повод ќе отпатува во светилиштето на Богородица од Светата Бројаница во Помпеја. Популарната побожност кон Богородица од Помпеја во Италија традиционално се одржува на 8 мај уште од крајот на 19 век.
Катпрес/к.мк

