Неверојатно! Исус, изворот на животот, Откупителот, светлината на неверниците, честа на Израилот, предодреден е да биде знак на противречноста; оној кој што е повикан да го донесе спасението треба, во исто време, да биде трн кој ќе ја предизвика загубата на многу луѓе. А таа која го роди Откупителот, која ги соедини во себе Божјата и човечката љубов, предодредена е да ја поднесе болката на мечот кој ќе и го прободе срцето!
Сето она што се чини чудно, токму тоа се случило: се случило неверојатното.
Пророштвото на Симеон се остварува во целост низ вековите.
Срцето на Марија ја спознало болката на седум мечеви кои ја прободувале кога таа се плашела за животот на Младенецот додека бегале во Египет; кога го гледала исцрпен, неразбран, понижен во неговиот апостолат; кога бил уапсен, осуден, мачен, и кога го следела на Крстниот пат, гледајќи го како страда и умира на крстот. Дури и денес Марија продолжува да страда со нас кога погледнува на нашите казни и нашите страдања, продолжува да страда со нас зашто ризикуваме, со нашите гревови, да се изгубиме.
Ретко може да се виде некоја икона или статуа на Богородица насмеана, додека речиси во секоја црква Марија ја гледаме претставена растажена.
Исус дојде при своите, но своите не го примија (Ив 1,6): донесе светлина, но светот остана во темнината. Исус бараше откуп за сите, но многумина го отфрлија, се бореа против него. За нив стана знак за осуда. Затоа Тој е знак на разделби: секој од нас во срцето носи спротивности и се судира со некои пречки за да го следи Исуса. Треба да научиме за да ја прифатиме Неговата љубов.
Сите ние имаме носталгија за љубов. Но носталгијата не е доволна. Потребно е зраците на љубовта да стигнат до нас и да се разгорат за да стане голем оган кој ќе не загрее и ќе ни даде храброст да живееме и да се жртвуваме во име на Христос, со цел Богородица да може да не гледа не со солзи во очите, туку со насмевка.
Ла Киеза/З.А.