По своите дела не можеме да дојдеме до Бог, потребна е Христовата љубов
Човекот е како калинка: внатре има толку мали месести семки, колку што има созданија. Бог заедно ги вметнал во една смеса, а потоа во нив вдахнал живот. Додека вчера – на отворањето на третиот ден од духовните вежби за Папата и Римска курија – монсињор Анџело Де Донатис со таа слика го објаснуваше создавањето на човекот, на масата стави зрела калинка, сакајќи да ја истакне убавината на создаденото – пишува Ватиканскиот дневник Осерваторе Романо за третиот ден од духовните вежби на Папата.
Станува збор за убавината која би можела да исчезне ако на Божественото милосрдие му се оневозможи да „продре во длабочината“, затоа што тогаш би можело да се случи секоја од малите семки „обземена од желбата за афирмирање настојува во деспотска борба со другите да го прошири својот простор, сѐ до предизвикување на пукнатина и конечен пропаст на плодот.“ Калинката послужила за да се објасни ефектот на злото кога тоа ќе го обземе човекот – се објаснува во Ватиканскиот дневник.
Монсињор Де Донатис во прв ред мислеше на Исусовата средба со опседнатите, потсетува Ватиканскиот дневник, за кое што пишува евангелистот Марко, истакнувајќи ги главните карактеристики на средбите: дијалог, Исусовото прашање за да го дознае името на злодухот; одговорот на сатаната дека се цела „чета“, што укажува дека се голем број оние кои го совладале тој човек; нивното барање да им се овозможи да се преселат во стадото свињи кое било во близина, а кои кога ја изнудиле Исусовата согласност се издавиле во морето.
Монсињор Де Донатис ја објасни дека глетката од реакцијата на сопственикот на свињите, приближно го покажува она што денес се случува во светот: Никој, вели свети Марко, не мисли на момчето кое се ослободило од злодухот, кое се враќа во живот, бидејќи биле многу загрижени поради економската штета предизвикана со смртта на повеќе од две илјади свињи, поради што го „замолиле“ Исус да си оди.
На тие луѓе економската идеологија им оневозможила да се сретнат со Исус. Паганската, економска идеологија се спротиставува на религијата, кажа монсињор Де Донатис, истакнувајќи дека Исус го истера ѓаволот и го ослободи човекот. Бог го спаси за да може да ја допре неговата милосрдна љубов. А за да се стигне до таа љубов – спомна водачот на духовните вежби – потребна ни е помош од Светиот Дух: по своите дела не можеме да дојдеме до Бог, потребна е Христовата љубов – рече монсињор Де Донатис.
Во попладневните размислувања во понеделникот, како што пренесува Осерваторе Романо, монсињор Де Донатис главно зборуваше за односот помеѓу човечките дела и Божјите милости. Истакна дека не е наша задача да му образложуваме на светот што прави Црквата, што прават свештениците, а што христијаните, туку да направиме светот да спознае што Бог прави преку нас. Ако напротив во прв план го ставаме своето заземање, своите дела, тогаш ни се заканува опасноста да станеме световни – заврши монсињор Анџело Де Донатис.
РВ/Д.И.