Соочени со „глобалното ниво на неправда“ треба да промовираме нов економски модел кој е поинклузивен и поправеден – рече папата Фрањо на учесниците на глобалниот форум Fortune-Time.
Во своето обраќање Светиот Отец потсети дека нееднаквоста меѓу народите продолжува да расте и ја повикува Црквата секогаш да биде гласот на оние кои се замолчени.
Премногу е голема разликата на светско ниво, премногу сиромашни, а богатството се концентрира во рацете на неколкумина. Папата истакна дека нееднаквоста меѓу народите продолжува да расте, а многу заедници директно се погодени од војна и сиромаштво или присилно селење на мигранти и бегалци. Тие луѓе сакаат да се слушнат и да ги изразат своите грижи и стравови. Сакаат да го дадат свој придонес за локалните заедници и поширокото општество и да имаат корист од ресурсите и развојот кои премногу често се резервирани само за некои – рече папата Фрањо и продолжи:
И додека ова може да доведе до конфликт и да се разоткријат многу проблеми на нашиот свет, исто така ни помагаат да сфатиме дека живееме во момент на надеж. Бидејќи кога најпосле ќе го препознаеме злото во нашата средина можеме да се обидеме да го излекуваме со примена на соодветниот лек.
Според тоа самото присуство на голем број претприемачи во Ватикан е знак на таква надеж затоа што покажува дека тие ги препознаваат проблемите кои се пред нас како и неопходноста да се делува решително. Ова стратегија за обнова и надеж повикува на институционално и лично преобраќање, на промена на срцето кое ќе дава првенство на најдлабоките изрази на нашата човечност, нашите култури, религиските уверувања и традиција. Ова темелна обнова не е поврзана само со пазарната економија, сметките, развојот на суровината и подобрувањето на инфраструктурата – рече Папата и продолжи:
Не, ние говориме за заедничкото добро на човештвото, за правото на секој човек да има удел во ресурсите на овој свет и да ги има истите можности да го оствари својот потенцијал кој е врз основа на достоинство на деца Божји кои се создадени на негова слика и подобие.
Папата рече дека е наш голем предизвик да одговориме на неправедноста на глобално ниво, а тоа ќе се оствари со промовирање на локалното и личното сфаќање на одговорноста, така што никој нема да биде исклучен од учеството во општеството. Според тоа прашањето е како најдобро да се поттикнуваме едни со други како и нашите заедници за да можеме да одговориме на страдањата и потребите кои ги гледаме без разлика дали се случуваат далеку од нас, или меѓу нас. Обнова, прочистување и зацврстување на економските модели зависи од нашето лично преобраќање и великодушноста кон оние во потреба – заврши на крајот папата Фрањо.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк