Папата Фрањо до младите: Бидете работници на мирот; човештвото е во голема опасност

Папата Фрањо до младите: Бидете работници на мирот; човештвото е во голема опасност

Примајќи околу триста млади ходочасници од Белгија, во понеделник 10 октомври 2022 година, Папата ги поттикна да бидат сведоци на убавината на љубовта, заедничкиот живот, братството и солидарноста во овој мрачен момент на планетата.

Дарежливоста, радоста, волјата да се изгради поинаков свет, проткаен со вредностите на братството, мирот, помирувањето, ова е потребно во време кога светот се соочува со токму спротивното, со војна, која уништува животи. Младите ги имаат овие особини и ѝ се потребни на Црквата.

Амбасадори на мирот

Ова посебно го истакна папата Фрањо на аудиенцијата со околу триста млади мажи и жени кои дојдоа во Рим од Белгија и повторно ја искажа својата загриженост за меѓународната ситуација. Како што добро знаете, поминуваме низ тешки времиња за човештвото, кое е во голема опасност. Вистина е; ние сме во сериозна опасност. Затоа ви велам: бидете работници на мирот околу себе и во себе; амбасадори на мирот, за светот повторно да ја открие убавината на љубовта, заедничкиот живот, братството и солидарноста.

Храбра вера во секуларизиран свет

Римскиот бискуп изрази големо восхитување за храбрата вера, посветеноста и христијанското сведоштво што младите ги даваат во сè посекуларизираниот свет. Убаво е да се видат млади луѓе на ваша возраст – истакна Папата – подготвени да се посветат на проектите за евангелизација и да ја живеат Христовата порака среде секојдневните грижи.

Не суперхерои, туку вистински и слободни луѓе

Страв, тешкотии, рани, соочување со сопствените граници, кризи, сето тоа може да се појави на патот. Не плашете се понизно да ја прифатите вашата кревкост, вашата слабост – ги охрабри Папата – поттикнувајќи ги да изградат силен однос со Христос. Тој е верен пријател кој никогаш не разочарува – додаде Петровиот наследник. Средбата со Исус ви овозможува да имате нова перспектива на ситуациите, да најдете одговори на вашите прашања, да откриете дека сте способни да преземете одговорности, да продолжите во животот и да ја зајакнете својата вера преку дијалог за вашите верувања. Не треба да бидете суперхерои, туку искрени, вистински и слободни луѓе.

„Не“ на лица како на погребно бдение

Поттикнувајќи ја жедта за вистинската и автентична Црква, папата Фрањо ги поттикна младите да се запрашаат што секој може да направи за живо и заразно сведоштво на верата. Затоа, го охрабрувам секој од вас да си го постави ова прашање: што јас лично носам за да се доближиме до таа цел? Што нудам за да биде радосна христијанската заедница? Секогаш мора да има радост, бидејќи христијаните со лице како на погребно бдение не функционираат, не се христијани – рече Светиот Отец и додаде: Ако си христијанин, ќе имаш радост.

Во дијалог со постарите

Со оглед на претстојниот Светски ден на младите 2023 година во Португалија, папата Фрањо ги охрабри присутните да негуваат близина со сите млади луѓе, особено со оние кои живеат во небезбедни услови, со младите мигранти и бегалци, со младите од улиците, без да ги заборават другите, особено оние кои живеат во осаменост и тага. Сепак, важно е и да се вклучиме во дијалог со генерациите што ни претходеа. Дозволете да бидете просветлени од советите и сведочењата на постарите; каде што младите разговараат со постарите, таму има иднина. Токму преку растењето во дијалогот со постарите луѓе можеме да формираме цврста личност за секојдневните борби; освен тоа, тие ни ја пренесуваат својата вера и нивните верски уверувања.

Важно е пријателството со Исус

Младите ги очекуваат големи предизвици. Папата затоа ги охрабри да не се обесхрабруваат, да не веруваат дека не се дораснати на предизвиците пред нив, да не се чувствуваат разоружани и немоќни. Не плашете се! Бидете креативни, фантазирајте; подигнете го погледот за да се соочите со животните предизвици! Никогаш не се уморувајте да бидете носители на евангелието каде и да одите. Знам дека сте дарежливи, полни со ентузијазам, подготвени да го освоите светот. Не дозволувајте да ве одвлекуваат баналните работи во животот, кои ги има многу. Фокусирајте се на она што е суштинско, на она што произлегува од пријателството со Исус Христос – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот