Потпишан договор помеѓу Светата Столица и Република Србија за соработка во високото образование

Во Белград на 27 јуни 2014 година е потпишан договор помеѓу Светата Столица и Република Србија за соработка во високото образование, со кој се потврдени правилата и дефинирани прописите за соработка од страна на двете страни на полето на високото образование, соопшти Прес службата на Ватикан.

Договорот во име на Светата Столица го потпиша ватиканскиот државен секретар за односи со државите, монсињор Доменик Мамбрети, а во име на Република Србија потписник беше првиот потпретседател на Владата и министар за надворешни работи господин Ивица Дачиќ.

На свечениот настан од страна на Црквата присуствуваа апостолскиот нунциј во Србија монсињор Орландо Антонини, монсињор Станислав Хочевар, белградски надбискуп и потпретседател на Меѓународната бискупска конференција свети Кирил и Методиј, монсињор Ладислав Немет, зрењански бискуп и Генерален секретар на МБК, монсињор Јануш Блачовијак и монсињор Хенрик М. Јагодзински, а од државна страна присутни беа Генералниот секретар на Министерството за надворешни работи на Република Србија господин Вељко Одаловиќ; господин Мирко Јелиќ, амбасадор на Република Србија при Светата Столица; господин Слободан Вукчевиќ, амбасадор, шеф на Канцеларијата за соседни земји и земјите од Југоисточна Европа; господин Дејан Златановиќ, заменик на шефот на Кабинетот на првиот потпретседател на Владата на Република Србија и на министерството за надворешни работи и госпоѓа Мирјана Котлајиќ, советник во Канцеларијата за соседни и земјите од Југоисточна Европа.

Договорот предвидува двете страни да се завземат за засилување на соработката на подрачјето на високото образование и поттикнување на директните контакти меѓу високообразовните институции. Со договорот се уредуваат исто така и прашањата поврзани со взаемното признавање на академските титули и јавните документи што го потврдуваат стекнатото високо образование. Поради примена на Договорот, двете страни ќе потпишат додатни протоколи, со кои ќе бидат дефинирани конкретните активности, како и организациските и финансиските услови на примената. Со договорот, исто така, на Католичката Црква во Србија ѝ се признава правото да основа и води високообразовни институции било тоа да се институции за црквени науки, било да станува збор за други материи на високи студии.

РВ/В.Н.

Категорија: Свет

За авторот