Околу еден месец по почетокот на регистрацијата, околу 200.000 млади луѓе веќе се пријавени за учество на Светскиот ден на младите 2023 година во Лисабон.
Некои големи групи, посебно од Италија, Бразил, Шпанија и Франција, веќе го најавија своето доаѓање, рече помошниот бискуп на Лисабон, Америко Агијар, кој воедно е и претседател на Фондацијата Светски ден на млади.
Светскиот ден на млади ќе се одржи за прв пат во Португалија од 1 до 6 август следната година. Помошниот епископ Агијар објави за печатот дека Светскиot ден на млади ќе соработува со Фатима. Ова богородично ходочасничко место е единствената институција во земјата која веќе има искуство во справување со големи толпи.
Соработка со Фатима
Фатима не само што ќе биде централна точка за младите ходочасници на Светскиот ден на младите, туку и за папата Фрањо, кој прв се пријави за Светскиот ден на младите на 26 октомври и веќе вети дека „со големо задоволство“ ќе дојде и во Фатима. Папата Фрањо веќе учествуваше на Светските денови на млади во Рио де Жанеиро (2013), Краков (2016) и Панама (2019); ја посети и Фатима во 2017 година, на 100-годишнината од објавите.
Во однос на содржината на Светскиот ден на млади, помошниот бискуп Агијар најави дека синодалноста ќе има своја улога. На состанокот, младите ќе „имаат можност да разговараат“ пред да се подготви документ кој исто така треба да биде претставен пред Епископската синода, која ќе се одржи во Рим неколку месеци подоцна. Според бискупот Хозе Орнелас де Карваљо, претседател на португалската бискупска конференција, темата за мирот ќе биде во фокусот, поради војната во Украина.
Одложена поради пандемијата
Светскиот ден на млади првично требаше да се одржи во 2022 година, но беше одложена за 2023 година поради пандемијата. Светскиот ден на млади е во организација на Католичката црква. Секоја година, Папата ги поканува младите христијани од сите делови на светот на средба со одредено мото. Светските денови на млади се организираат наизменично во помал обем во локалните бискупии и околу секои три години како голем глобален собир.
Ватикан њуз/к.мк