Порака на Светиот отец Фрањо за Великиот пост во 2023 година

Порака на Светиот отец Фрањо за Великиот пост во 2023 година

Великопосна аскеза, синодално патување

Драги браќа и сестри!

Во Eвангелијата според Матеј, Марко и Лука има совпаѓање во извештаите за настанот на Исусовото преобразување. Во овој настан го гледаме одговорот на Господ на недоволното разбирање што му го покажале неговите ученици. Непосредно пред тоа, дошло до вистински судир помеѓу Учителот и Симон Петар, кој – откако го призна Исус за Христос, Син Божји – го отфрли неговото навестување за страдањето и крстот. Исус остро го прекори: „Бегај од Мене, сатано! Ти си ми соблазан, оти мислиш не за она, што е Божјо, а за она, што е човечко!” (Матеј 16,23). И ете, „по шест дни Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и брат му Иван, и ги изведе на висока гора сами“ (Матеј 17,1).

Евангелието за Преображението се навестува секоја година во втората недела од Великиот пост (според римскиот обред н.з.) Имено, Господ нè зема со себе во тоа литургиско време и нè води во осаменост. Додека редовните обврски бараат од нас да останеме на нашите вообичаени места, да живееме монотоно, а понекогаш и досадно секојдневие, во Великиот пост сме повикани да одиме заедно со Исус „на високата гора“, со светиот Божји народ да доживееме посебно искуство на аскеза.

Великопосната аскеза е посветеност, секогаш продахновена од благодатта, да го надминеме нашиот недостаток на вера и отпори во следењето на Исус на Крстниот пат. Токму она што требало да го направат Петар и другите ученици. За да го продлабочиме нашето познавање на Учителот, целосно за да ја разбереме и прифатиме тајната на Божјото спасение, кое се остварува во потполното дарување на самиот себе од љубов, мораме да му дозволиме да нè поведе во осаменост и во висините, раздвојувајќи се од просечноста и суетата. Треба да појдеме на пат кој води по гората, кој бара труд, пожртвуваност и фокусираност, исто како излет во планина. Овие предуслови се важни и за синодалниот пат по кој посветено тргнавме како Црква. Добро ќе ни биде да размислуваме за овој однос меѓу Великопосната аскеза и синодалното искуство.

На „духовата обнова“ на гората Тавор, Исус со себе зема тројца ученици, избрани да бидат сведоци на единствен настан. Тој сака тоа искуство на благодат да биде споделено, а не осамено, исто како што целиот наш живот на вера е искуство што се споделува. Зашто во заедништво го следиме Исус. И заедно, како ходочасничка Црква во времето, ја доживуваме литургиската година и во неа Великиот пост, патувајќи со оние што Господ ги поставил меѓу нас како сопатници на нашиот животен пат. Слично како искачувањето на Исус и учениците на гората Тавор, можеме да кажеме дека нашето патување во Великиот пост е „синодално“, затоа што е нешто кое го правиме заедно и сите одиме по истиот пат, како ученици на единиот Учител. Знаеме дека самиот Исус е Патот, и затоа Црквата, и во литургиското и во синодалното патување не прави ништо друго, туку влегува уште подлабоко и поцелосно во таинството на Христос Откупителот.

И така доаѓаме до кулминацијата. Во Евангелието се вели дека Исус „се преобрази пред нив; и лицето Негово светна како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина“ (Матеј 17,2). Тоа е „врвот“, целта на патот. На крајот од искачувањето, додека стоеја со Исус на врвот на гората, на тројцата ученици им беше дадена благодатта да го видат во неговата слава, осветлен со натприродна светлина што не доаѓаше однадвор, туку зрачеше од Него. Божествената убавина на тоа гледање беше неспоредливо поголема од сите напори што мораше да ги вложат учениците додека се искачуваа на гората Тавор. Како и при секое напорно патување во гората, мора да внимавате на патеката додека се качувате, но панорамата што се отвора пред очите на крајот изненадува и возвраќа со својата величественот. И синодалниот процес често изгледа напорен, а понекогаш може да се обесхрабриме. Но, она што нè очекува на крајот е несомнено нешто чудесно и неверојатно, што ќе ни помогне подобро да ја разбереме Божјата волја и нашето послание во служба на неговото царство.

Искуството на учениците на гората Тавор дополнително се збогати кога покрај преобразениот Исус се појавиле Мојсеј и Илија, кои лично ги претставуваат Законот и Пророците (сп. Матеј 17,3). Христовата новост е истовремено исполнување на Стариот завет и ветувања; таа е неразделна од Божјата историја со неговиот народ и го открива нејзиното подлабоко значење. На сличен начин, синодалното патување е вкоренето во црковната традиција и во исто време отворено за новост. Традицијата е извор на вдахновение за барање нови патишта и за избегнување на спротивставените искушенија на неподвижноста од една страна и импровизирано експериментирање од друга.

Великопосното аскетско одење и на сличен начин синодалното одење имаат за цел длабока промена, на личен и на црковен план. Таа длабока промена и во двата случаи има свој модел во преобразениот Исус и се постигнува со благодатта на неговата пасхална тајна. За да се случи таква длабока промена кај нас оваа година, сакам да предложам две „патеки“ по кои можеме да се искачиме заедно со Исус и да стигнеме до целта со него.

Првата се однесува на повикот што Бог Отецот им го упати на учениците на гората Тавор додека го гледале преобразениот Исус. Глас од облакот вели: „Него послушајте Го!“ (Матеј 17,5). Значи првото упатство е многу јасно: Него послушајте Го! Великиот пост е време на благодат до степен до кој го слушаме оној што ни зборува. И како ни зборува? Најнапред во Божјото Слово што ни го дава Црквата во Литургијата: да не ни се затвораат ушите; ако не можеме постојано да одиме на света Литургија, да ги читаме библиските читања секој ден, дури и со помош на Интернет. Покрај Светото Писмо, Господ ни зборува и преку нашите браќа и сестри, посебно во лицата и настаните на оние кои имаат потреба. Меѓутоа, сакам да додадам уште еден аспект, кој е многу важен во синодалниот процес: слушањето на Христос е поврзано и со слушањето на нашите браќа и сестри во Црквата. Станува збор за меѓусебно слушање, кое во некои фази е главна цел, но, сепак, секогаш е незаменливо во методот и стилот на синодалната црква.

Слушајќи го гласот на Отецот „учениците, паднаа ничкум и многу се уплашија. Но Исус, штом се приближи, се допре до нив и им рече: „Станете и не бојте се!” А тие, кога ги подигнаа очите, не видоа некој друг освен Исуса.“ (Матеј 17,6-8). Еве го и вториот совет за овој пост: од страв да се соочиме со реалноста со нејзините секојдневни напори, потреби и противречности, да не бегаме во религиозност создадена од вонредни настани, сугестивни искуства. Светлината што Исус им ја покажува на учениците е предвкус на воскресната слава, и се пристапува со следење само на „него единствениот“. Великиот пост упатува кон Воскресението: тоа „повлекување во осама“ не е цел сама по себе, туку нè подготвува да ги живееме страдањата и Крстот со вера, надеж и љубов за да стигнеме до Воскресението. И на синодалниот пат не смееме да се залажуваме дека сме стигнале до целта кога Бог ни ја дава благодатта на некои силни искуства на заедништво, бидејќи и тогаш Господ ни повторува: „Станете и не бојте се!“. Да слеземе во ниското и да дозволиме благодатта што ја доживеавме да ни помогне вешто да работиме на синодалноста во секојдневниот живот на нашите заедници.

Драги браќа и сестри, Светиот Дух во овој пост нека не зајакне и охрабри во нашето искачување со Исус, за да го искусиме неговиот божествен сјај и така, зајакнати во верата, да го продолжиме нашето патување заедно со Него, кој е светлина за просветлување на народите и слава на неговиот народ.

Рим, Свети Иван Латерански, 25 јануари 2023, на празникот Преобраќање на Свети Павле

ФРАЊО

Категорија: Ватикан, Вести, Проповеди

За авторот