Порака на Светиот Отец Фрањо за Великиот пост 2018 година

Порака на Светиот Отец Фрањо за Великиот пост 2018 година

„Беззаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе се олади (Матеј 24,12)

Драги браќа и сестри

Пасхата Господова повторно ни доаѓа во пресрет! Во нашата подготовка за Велигден Божјата Провидност секоја година ни дава пост, „знак на светите Тајни за нашето обраќање“ (1), кој повикува и овозможува враќање кај Господ со сето срце и со целиот живот.

И оваа година, со оваа порака, сакам да ѝ помогнам на целата Црква да ја доживее радоста и вистината на ова милосно време. Како надахнување за тоа ми послужија зборовите на Исус од Еванелието според Матеј: „Беззаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе се олади“ (24,12).

Оваа реченица се наоѓа во Исусовиот говор за последните времиња и е изговорен во Ерусалим, на Маслиновата гора, на она исто место на кое ќе започне Господовата мака. Одговарајќи на прашањето од учениците, Исус најавува големи неволји и ја опишува ситуацијата во која би можела да се најде самата заедница на верници: токму во големите неволји, некои лажни пророци многумина ќе заведат на крив пат, а љубовта, која е центар на целото Евангелие, ќе олади во срцата на многумина.

Лажни пророци

Да го послушаме овој извадок и да се запрашаме во кои облици може да се појават лажните пророци?

Тие се како „шепкачи на змии“, односно се служат со човечките емоции за да ги заробат луѓето, да ги водат таму каде што тие ќе посакаат. Колку Божји деца подлегнаа на заводливоста од краткотрајните уживања, кои ги заменија со вистинската среќа! Колку мажи и жени живеат како маѓепсани од опсадата на парите, кои всушност ги прават да бидат робови на профитот и ситни интереси. Колкумина поминуваат низ животот мислејќи дека се доволни самите на себе и на крајот стануваат плен на осаменоста.

Другите лажни пророци се оние „шарлатани“ кои нудат едноставни и брзи решенија на страдањата, кои набргу се покажуваат потполно неделотворни. На колку млади луѓе им се нуди лажниот лек дрога, „еднократни“ односи, лесна или нечесна заработка. Уште колкумина се фатени во стапицата на целосен виртуелен живот, во кои односите изгледаат поедноставни и поискрени, за покасно да се покажат бесмислени во својата драматичност! Тие се измамници, кои нудат безвредни работи, им го одземаат на луѓето она највредното: достоинството, слободата и способноста за љубов.

Во своето мамење играат на картата на нашата испразност и суета поради што ние се дуваме и рашируваме како пауни, а всушност излегуваме бескрајно смешни пред другите и не можеме да излеземе од таа ситуација. Тоа не смее да нѐ чуди. Ѓаволот, кој е  „лажец и татко на лагата“ (Иван 8,44), отсекогаш го прикажува злото како добро и лажното како вистинско, за да го збуни срцето на човекот. Поради тоа, секој од нас е повикан да се собере во своето срце и да се испита дали подлегнал на лагите и измамите на тие лажни пророци. Треба да научиме да не застануваме на одредена, површна фаза, туку да го препознаеме она што остава во нас добар и траен белег, бидејќи доаѓа од Бога и навистина е за наше добро.

Ладно срце

Во својот опис за пеколот Данте Алигиери го замислува ѓаволот како седи на престол од лед (2); тој живее во љубов загушена од лед. Да се прашаме: како во нас се лади љубовта? Кои се знаците кои ни покажуваат дека во нас започнува да се гаси љубовта?

Љубовта, повеќе од сѐ друго, ја гаси алчноста за пари, тој „корен на сите зла“ (1 Тимотеј 6,10); набргу после тоа следи отфралње на Бог и барање утеха и мир во Него; помила ни е нашата осаменост, отколку утехата која се наоѓа во неговото Слово и светите Тајни.(3) Сето тоа прераснува во насилство, кое се свртува против оние кои се сметаат за закана на нашите „сигурности“: нероденото дете, болен стар човек, привремен гост, странец, но исто така и ближниот кој не одговара на нашите очекувања.

И создадениот свет е тивок сведок на тоа оладување на љубовта. Земјата е отруена од отпад фрлан поради негрижа или стекнување корист; морињата, кои исто така се нечисти, станаа гробишта за безбројни бродоломи со жртви од присилната миграција; небото, кое во Божјиот наум ја покажува неговата слава, јуришаат машини, кои распрснуваат со оружје на смртта.

Љубовта се лади и во нашите заедници: во апостослкиот поттик Evangelii gaudium се обидов да ги опишам најистакнатите знаци на тој недостаток од љубов. Тоа се себичноста и духовната мрзеливост, бесплодниот песимизам, искушението од изолирање и постојани војни меѓу нас, световниот дух кој доведува да се занимаваме само со она надворешното, со што следува опаѓање на нашиот мисионерски жар. (4)

Што да направиме?

Ако длабоко во себе или токму околу нас ги гледаме опишаните знаци, еве Црквата, нашата мајка и учителка, заедно со честиот горчлив лек за вистината ни нуди во ова време на пост сладок лек на молитва, милостина и пост.

Посветувајќи повеќе време на молитвата, овозможуваме на нашето срце да ги открие тајните на лагата со кои се заведуваме самите себе (5) како конечно би ја најделе утехата во Бог. Тој е нашиот Отец и сака да живееме.

Милостината нѐ ослободува од алчност и ни помага во нашите ближни да откриеме браќа и сестри. Тоа што го поседувам не е само мое. Колку многу би сакал милостината за секој од нас да се претвори во вистински начин на живот! Колку многу би сакал, како христијани, да го следиме примерот на апостолите и да ја согледаме можноста да ги поделиме своите добра со другите, видливо сведоштво на заедништвото кое го живееме во Црквата.

Затоа го повторувам поттикот на свети Павле, кој упатува апел до Коринтјаните за собирање на мислостина за ерусалимската заедница, како нешто што на ним им е од корист (сп. 2 Коринтјаните 8,10). Тоа посебно треба да се прави во постот, кога бројни организации организираат собирање прилог на помош за Црквите и народите во потреба. Многу би сакал и во нашите секојдневни средби со браќата кои од нас бараат помош да го видиме повикот на самата Божја провидност: секоја милостина е можност за учество во Божјата провидност за неговите чеда.

И ако Тој се служи со мене за да помогне на некој брат, како тогаш нема да се грижи и за своите утрешни потреби? Бидејќи тој не дозволува да биде надминат во дарежливоста. (6)

На крај, постот во нас ја ослабнува склоноста за насилство, нѐ разоружува и претставува важна прилика за раст. Од една страна, ни овозможува да го искусиме она што го доживуваат оние на кои им недостасува и она најнеопходното и го препознаваат секојдневниот глад; од друга страна пак тоа е знак за состојбата на нашиот дух кој е гладен за добрина и жеден за Божјиот живот. Постот нѐ буди, нѐ прави внимателни кон Бог и ближниот и повторно ја оживува во нас желбата да го слушаме Бог кој е единствено способен да ја засити нашата глад.

Исто така би сакал мојот глас да оддекне и надвор од границите на Католичката црква и да допре до сите вас, мажи и жени со добра волја, кои сте отворени за Божјиот глас. Ако сте ожалостени како нас поради ширењето на безаконието во светот, ако ве загрижува ледот кој ги парализира срцата и делата, ако гледате дека во нас слабее чувството за припадност на едно човечко семејство, придружете ни се заедно да ја воздигнеме молитвата кон Бог, заедно да постиме и заедно со нас да дарувате колку што можете за браќата и сестрите во потреба!

Воскресниот оган

Ги повикувам пред се членовите на Црквата со ревност да чекорат во постот, да помогнат со милостина, пост и молитва. Ако понекогаш изгеда дека љубовта се гаси во многу срца, да знаеме дека тоа никогаш не се случува во Божјото срце. Тој постојано ни дава можност да започнеме одново да љубиме.

Една таква убава прилика ќе биде и оваа година иницијативата „24 часа за Господ“, која ја повикува целата црковна заедница да ја слави светата Тајна помирување во склоп на евхаристиско обожавање. Оваа година ќе се одржи во петок 9. и сабота 10. март, надахнати со зборовите од Псламот 129, 4: „Но во Тебе има простување.“ Во секоја бискупија барем една Црква ќе остане отворена 24 часа без престан, давајќи им на верниците можност за евхаристиско обожавање и за света Тајна исповед.

Во пасхалната ноќ уште еднаш ќе го прославиме впечатливиот обред палење на восресната свеќа. Преземен од „новиот оган“ тоа светло малку по малку ќе ја растерува темнината и ќе ја просветлува верничката заедница собрана на богслужбата: „Славното светло на воскреснатиот Христос ја отфрли темнината на умот и срцата“(7) како би можеле сите повторно да го доживееме искуството на учениците од Емаус. Слушајќи го Господовото Слово и хранејќи се со евхаристискиот Леб нашето срце сѐ повеќе ќе гори со вера, надеж и љубов.

Од срце ве благословувам и молам за вас. Не заборавајте да се молите за мене.

Фрањо

Од Ватикан, 1 ноември 2017 година, Празник на сите Светии

 [1] Римски Мисал, Прва кориземна недела, Соборна.

[2] Пекол XXXIV, 28-29.

[3] »Интересно е дека многу пати се плашиме од утехата и да бидеме утешени. Знаете ли зошто? Затоа што во жалоста се чувствуваме како да сме протогонисти. Наспроти тоа, во утехата протогонист е Светиот Дух (Ангел Господов, 7 декември 2014)

[4] Брр. 76-109.

[5] сп. Бенедикт XVI, Енциклика Spe salvi, 33.

[6] сп. Пиј XII, Енциклика. Fidei donum, III.

[7] Римски мисал, Пасхално бдение, Служба на светлото

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот