Порака на папата Фрањо Urbi et orbi – до градот и светот: Да станеме ходочесници на надежта, мирот и единството

Порака на папата Фрањо Urbi et orbi – до градот и светот: Да станеме ходочесници на надежта, мирот и единството

Од централната ложа на ватиканската базилика, папата Фрањо ја испрати традиционалната божиќна порака Urbi et orbi – до градот и светот, поттикнувајќи храброст да се замолчат оружјата и да се надминат поделбите. Се молеше за крај на конфликтите и кризите во Украина, Блискиот Исток, Африка, Мјанмар, Кипар и неколку земји на американскиот континент. Во јубилејната година поттикнува да не се плашиме, бидејќи Божјото милосрдие „ја гони омразата“. Ја пренесуваме целата порака на Папата Urbi e torbi – до Градот и светот

Папата Фрањо
Празник на Рождеството Господово 2024 година

Драги сестри и браќа, Среќен Божиќ!

Вечерва се обнови таинството кое не престанува да не воодушевува и во срцата да предизвикува восхит: Дева Марија го родила Исуса, Синот Божји, го завиткала во пелени и го положила во јасли. Така го најдоа витлеемските пастири исполнети со радост, додека ангелите пееја: „Слава на Бога и мир на луѓето“ (сп. Лука 2, 6-14). Мир на луѓето.

Да, овој настан, кој се случил пред повеќе од две илјади години, се обновува со дејството на Светиот Дух, истиот Дух на Љубовта и Животот кој ја осенил утробата на Марија и го создаде Исус од нејзиното човечко тело. И така денес, во неволјите на нашето време, повторно и вистински се воплотува вечното Слово на спасението, кое му зборува на секој маж и секоја жена, кое му зборува на целиот свет – тоа е пораката: „Те сакам, ти простувам, врати се кај мене, вратата на моето срце е отворена за тебе!“

Сестри, браќа, вратата на Божјото срце е секогаш отворена, да се вратиме кај Него! Да се ​​вратиме на срцето кое не сака и ни простува! Да дозволиме да ни прости, да си дозволиме да се помириме со Него! Бог секогаш простува! Бог простува на сите. Да му дозволиме да ни прости.

Тоа е значењето на Светата врата на јубилејот, која ја отворив вчера вечерта овде во Свети Петар: таа го претставува Исус, вратата на спасението отворена за сите. Исус е вратата; Вратата која милосрдниот Отец ја отвори среде светот, среде историјата, за да можеме сите да се вратиме кај Него. Сите ние сме како изгубени овци и ни треба еден Пастир и една врата за да се вратиме во домот на Отецот. Исус е Пастирот, Исус е таа Врата.

Браќа, сестри, не плашете се! Вратата е отворена, вратата е широко отворена! Нема потреба да тропате на Вратата. Тие се отворени. Дојди! Да си дозволиме да се помириме со Бога и тогаш ќе се помириме со себе и ќе можеме да се помириме меѓу себе, па дури и со нашите непријатели. Божјата милост може сè, го одврзува секој јазол, го урива секој ѕид на поделби, Божјата милост ја растерува омразата и духот на одмаздата. Дојди! Исус е Вратата на мирот.

Често застануваме само на прагот; немаме храброст да го поминеме тој праг, бидејќи тоа не става пред предизвик. Влегувањето во Вратата бара жртва која се состои во правење еден чекор – мала жртва; да направиме чекор за нешто толку големо – бара од нас да ги оставиме зад себе споровите и поделбите, да се предадеме на отворените прегратки на Детето кое Кнез на мирот. На овој Божиќ, на почетокот на Јубилејната година, го повикувам секој човек, секој народ и држава да има храброст да помине низ Вратата, да биде ходочесник на надежта, да го замолчи оружјето и да ги надмине поделбите!

Нека замолчи оружјето во напатената Украина! Нека се собере храброст да се отвори вратата со преговори и гестови на дијалог и средба, за да се постигне праведен и траен мир.

Нека замолчи оружјето на Блискиот Исток! Гледајќи ја Витлеемската колевка, моите мисли се со христијанските заедници во Палестина и во Израел, особено со саканата заедница во Газа, каде што хуманитарната ситуација е многу тешка. Нека дојде до прекин на огнот, нека се ослободат заложниците и нека му се помогне на населението исцрпено од глад и војна. Ја изразувам мојата близина со христијанската заедница во Либан, особено на југот, како и со христијанската заедница во Сирија, во ова многу чувствително време. Нека се отворат вратите на дијалогот и мирот во тој регион разурнат од конфликти. Сакам да го спомнам и либискиот народ и да го охрабрам да бара решенија што ќе овозможат национално помирување.

Раѓањето на Спасителот нека донесе време на надеж за семејствата на илјадниците деца кои умираат од епидемијата на сипаници во Демократска Република Конго, како и за населението на истокот на таа земја и за населението во Буркина Фасо, Мали, Нигер и Мозамбик. Хуманитарната криза што ги погодува е првенствено предизвикана од вооружени конфликти и злото на тероризмот, а се влошува со разорните ефекти од климатските промени, кои предизвикуваат загуба на човечки животи и доведуваат до раселување на милиони луѓе. Мислам и на луѓето од земјите од Африкаснкиот Рог, за кои се молам за даровите на мир, хармонија и братство. Нека Синот на Севишниот ги поддржи напорите на меѓународната заедница да го поттикне пристапот до хуманитарна помош за цивилното население во Судан и да започне нови преговори со цел прекин на огнот.

Навестувањето на Божиќ нека донесе утеха за народот на Мјанмар, кој трпи сериозни страдања и е принуден да ги напушти своите домови поради континуираните вооружени конфликти.

Детето Исус нека ги вдахнови политичките власти и сите луѓе со добра волја на американскиот континент, за да се најдат ефективни решенија во вистина и правда што е можно поскоро, со цел да се промовира социјалната хармонија, особено на Хаити, во Венецуела, Колумбија и Никарагва, и така, особено во оваа Јубилејна година, да се поработи на изградба на општото добро и повторно откривање на достоинството на секој човек, надминувајќи ги политичките поделби.

Јубилејот нека биде можност да се срушат сите ѕидови на раздвојување: идеолошките, кои толку често го обележуваат политичкиот живот, и физичките, како поделбата што го зафати островот Кипар веќе педесет години и го раскинува неговото човечко и општествено ткиво. Се надевам дека ќе биде можно да се дојде до заедничко решение, кое ќе стави крај на поделбата со целосно почитување на правата и достоинството на сите кипарски заедници.

Исус, вечното Божјо Слово, кој стана човек, претставува широко отворена врата низ која сме повикани да поминеме за повторно да ја откриеме смислата на нашето постоење и светоста на секој живот – секој живот е свет – и да го вратиме основните вредности на човечкото семејство. Тој не чека на вратата. Нé чека сите нас, особено најслабите: ги чека децата, сите деца кои страдаат од војна и глад; ги чека постарите, честопати принудени да живеат во услови на осаменост и напуштеност; ги чека оние кои ги изгубиле своите домови или бегаат од својата земја, обидувајќи се да најдат безбедно засолниште; ги чека оние кои останале без работа или не можат да најдат работа; ги чека затворениците кои и покрај се остануваат Божји деца, секогаш се Божји деца; ги чека оние кои се прогонувани поради својата вера. Ги има многу.

На овој ден на празнување, да не пропуштиме да искажеме благодарност на оние кои тивко и посветено работат за доброто: мислам на родителите, воспитувачите и наставниците, кои имаат голема одговорност да ги воспитуваат идните генерации; Мислам на здравствените работници, припадниците на полициските сили, оние кои се занимаваат со каритативни активности, особено мисионерите расеани низ светот, кои носат светлина и утеха на многу луѓе во тешкотии. На сите сакам да им кажам: благодарам!

Браќа и сестри, јубилејот нека биде прилика за простување на долговите, особено оние што ги оптоваруваат најсиромашните земји. Секој е повикан да ги прости примените навреди, затоа што Синот Божји, роден во студот и темната ноќта, ни ги простува сите долгови. Тој дојде да не исцели и да ни прости. Да појдеме во пресрет на Него, како ходочесници на надежта! Да му ја отвориме вратата на нашето срце, Да му ја отвориме вратата на нашето срцето, како што Тој ни ја отвори вратата на неговото Срце.

На сите ви посакувам среќен Божиќ!

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот