Светиот Отец основа фондација за здравство

Светиот Отец основа фондација за здравство

На 6 октомври, папата Фрањо објави своерачен декрет со кој основа „Католичка здравствена фондација“. Целта е да им се даде економска поддршка на црковните здравствени институции, со цел да се зачува харизмата на основачите, вклучување во мрежата на слични заслужни црковни структури, а со тоа и нивна исклучиво добротворна цел, во согласност со социјалната наука на Црквата.

Повод за оваа одлука е кризата од која се погодени различни здравствени установи управувани од верски заедници, кои честопати повеќе не можат да ги одржуваат и затоа ги продаваат.

Новата фондација е субјект поврзан со Светиот Престол, пишува папата Фрањо, за да може да работи со својата суверена власт и како инструментален тело на Управата на Апостолскиот Престол (АПСА), што ќе обезбеди нејзино управување и сѐ што е потребно за неговото функционирање. Со денешниот своерачен декрет Папата го одобри и Статутот на Фондацијата, кој ќе го спроведе монсињор Нунцио Галантино, претседател на АПСА.

Целта, според Статутот, е да се поддржат и повторно да се рестартираат здравствените установи кои се во сопственост или се управувани од канонски тела, изнаоѓање на потребното финансирање, вклучително и од приватни донатори и јавни и приватни институции. Фондацијата ќе може да спроведува каква било форма на дејствување што е во согласност со законодавството на земјата во која работат здравствените институции, настојувајќи да обезбеди усогласеност со социјалната наука на Црквата и економската одржливост. Така, реалноста на католичката здравствена заштита, која од различни причини има потешкотии во напредок, ќе може да избегне премногу избрзани одлуки.

Ќе се обидеме да го избегнеме ризикот овие структури, дури и да не сакаат, да ја промовираат елитистичката идеја за здравствена заштита што го намалува просторот за лекување што е достапен за сите, рече монс. Галантино за Ватикан њуз.

Во првото обраќање по операцијата на дебелото црево, на 11 јули, од балконот на поликлиниката Џемели, папата Фрањо рече дека во деновите на хоспитализација ја искусил важноста на добрата здравствена заштита достапна за сите, како што е случајот во Италија и во други земји Бесплатната здравствена заштита е драгоцено добро што не смее да се изгуби, мора да се задржи, рече тогаш Папата. Откако ги охрабри лекарите, здравствените работници и персоналот, тој додаде дека и во Црквата се случува здравствените установи економски да пропаднат поради лошото управување. Првата мисла која доаѓа на памет е да се продаде институцијата. Но, повикот на Црквата не е да поседува пари, туку да служи, и таа услуга е секогаш бесплатна. Запомнете: спасете ги бесплатни институции, рече Папата во јули.

Заедно со претседателот на Фондацијата, монс. Галантино, папата Фрањо го назначи Фабио Гасперини, секретар на администрацијата на Апостолскиот Престол, за административен советник. Мариела Енок, претседател на Детската болница Бамбино Џезѕ, Серхио Алфиери, професор по општа хирургија на Католичкиот универзитет „Пресвето срце“ и Кјара Гибертони, генерален директор на општата болница Сант-Орсола-Малпиги, се назначени за членови на советот. Максимино Кабаљеро Ледо, генерален секретар на Секретаријатот за економија е назначен за ревизор.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот