Порака на папата Фрањо за 98. Светски ден на мисиите

Порака на папата Фрањо за 98. Светски ден на мисиите

[20. октомври 2024 година]

Одете и поканете ги на гозба!“ (сп. Матеј 22,9 )

Драги браќа и сестри!

Темата на овогодинешниот Светски ден на мисиите ја презедов од евангелската парабола за свадбената гозба (сп. Матеј 22, 1-14). Откако гостите ја одбија поканата, царот, главниот лик во параболата, им вели на своите слуги: „Одете по раскрсниците и, колку души ќе најдете, поканете ги на свадба!“ (р. 9). Размислувајќи за овој клучен збор, во контекст на таа парабола за Исус и неговиот живот, можеме да истакнеме неколку важни видови на евангелизација. Тие се покажуваат како особено актуелни за сите нас, Христовите ученици мисионери, во оваа последна фаза од синодалниот процес, кој во согласност со мотото „Заедништво, учество, послание“, треба да ја врати Црквата на нејзината приоритетна задача, а тоа е навестување на Евангелието во современиот свет.

  1. Одете и повикајте“. Посланието како неуморно излегување и повикување на гозбата Господова

На почетокот на заповедта која ја дава царот на своите слуги има два глаголи кои ја изразуваат суштината на тоа испраќање: „оди“ и „повикај“ во смисла на „покани“.

Што се однесува до овој прв глагол, треба да се потсети дека слугите веќе биле испратени да ја пренесат царевата порака до гостите (сп. р. 3-4). Ова ни покажува дека посланието неуморно подава рака на целото човештво, повикувајќи го на средба и заедништво со Бога. Неуморно! Бог, голем во љубовта и богат со милосрдие, секогаш ја подава раката кон секој човек за да го повика во радоста на неговото Царство, и покрај рамнодушноста или одбивањето. Така, Исус Христос, добриот пастир испратен од Отецот, појде да ги бара изгубените овци кај Израелскиот народ и сакал да оди уште подалеку за да дојде и до најоддалечените овци (сп. Иван 10,16). Тој им вели на учениците: „Одете! и пред и по неговото воскресение, вклучувајќи ги во неговото сопствено послание (спЛука 10,3; Марко 16,15). Затоа Црквата ќе продолжи да ги преминува сите граници, да излегува секогаш одново, неуморно и без откажување пред тешкотиите и препреките, за верно да го исполни посланието кое го доби од Господ.

Во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на мисионерите кои, одговарајќи на Христовиот повик, оставија сè и заминаа далеку од својата татковина за да ја пренесат Радосната вест на места каде луѓето сè уште не ја примиле или неодамна ја прифатиле. Предраги, вашето великодушно предавање е опиплив израз на вашата посветеност на посланието ad gentes кое Исус го довери на своите ученици: „Одете и научете ги сите народи“ (Матеј 28 19). Затоа, да продолжиме да молиме и да му благодариме на Бога за новите и многубројни мисионерски звања во служба на делото на евангелизацијата до крајот на светот.

И да не заборавиме дека секој христијанин е повикан да учествува во ова универзално послание со своето евангелско сведоштво во секоја средина, за целата Црква постојано да излегува со својот Господ и Учител на „раскрсницата“ на денешниот свет. Така, „драмата на денешната Црква е во тоа што Исус продолжува да чука на вратата, но од внатре, да го пуштиме надвор! Многупати на крајот се претвораме во Црква […] која не дозволува Господ да излезе, која го чува како некаква „сопственост“, а Господ дојде поради посланието и сака да бидеме мисионери“ (Обраќање до учесниците на конференцијата организирана од Дикастеријата за лаици, семејство и живот , 18 февруари 2023 година). О, кога сите ние кои сме крстени би биле подготвени повторно да појдеме, секој според своите животни ситуации, за да започнеме ново мисионерско движење, како во мугрите на христијанството!

Да се ​​вратиме на царевата заповед до слугите. Во параболата, одењето оди рака под рака со повикот, поточно со поканата : „Дојдете на свадба“ (Матеј 22,4). Ова дава поглед на друг, не помалку важен аспект од посланието кое ни го довери Бог. Како што можете да замислите, овие слуги гласници го пренесоа повикот на владетелот како итен повик, но тоа го направија со голема почит и учтивост. Исто така, посланието да се донесе Евангелието до секое создание мора нужно да одговара на стилот на Оној што се навестува. Кога учениците мисионери ја навестуваат на светот „убавината на Божјата спасоносна љубов што се објавува во Исус Христос, кој умре и воскресна“ (Апостолски поттик Evangelii Gaudium, 36), тие го прават тоа радосно, трпеливо и нежно, што е плод на Светиот Дух во нив (спГалатјаните 5,22 ); не со сила, значи без принуда, без прозелитизам; секогаш со близина, сочувство и нежност кои го одразуваат Божјиот начин на постоење и дејствување.

  1. На гозба. Есхатолошка и евхаристиска перспектива на Христовото послание и на Црквата

Во таа парабола, царот бара од своите слуги да поканат гости на свадбената гозба на неговиот син. Таа гозба ја отсликува есхатолошката гозба, таа е слика на конечното спасение во царството Божјо, кое се остварува веќе со доаѓањето на Исус, Месијата и Синот Божји, кој ни даде живот во изобилство (сп. Иван 10,10), симболизирана со трпеза полна со „добри јадења“, „чисти вина“ кога Бог „ќе ја уништи смртта еднаш засекогаш“ (сп. Исаија 25,6-8).

Христовото послание е послание на полнотата на времето, како што тој самиот рече на почетокот на неговото проповедање „Времето се исполни и царството Божјо наближи“ (Марко 1,15). Така Христовите ученици се повикани да го продолжат посланието на својот Учител и Господ. Во врска со ова да се потсетиме на учењето на Вториот ватикански собор за есхатолошкото значење на мисионерската посветеност на Црквата: „времето на мисионерското делување се одвива помеѓу првото и второто доаѓање Господово […]. Имено, пред да дојде Господ, мора Евангелието да се проповеда на сите народи“ (Декрет за мисионерската дејност на црквата Ad Gentes, 9).

Знаеме дека мисионерската ревност на првите христијани имала силна есхатолошка димензија. Чувствувале голема потреба да го проповедаат Евангелието. И денес е важно да ја задржиме таа перспектива пред нашите очи, бидејќи ни помага да евангелизираме со радост на оние кои знаат дека „Господ е близу“ и со надеж на оние кои се стремат кон целта кога сите ќе бидеме со Христа на неговата свадбена гозба во Царството Божјо. Додека, според тоа, светот нуди разни „гозби“ на консумеризам, егоистична благосостојба, искористување, индивидуализам, Евангелието ги повикува сите на Божјата гозба каде владее радост, споделување со другите, правда, братство, заедништво со Бога и другите.

Таа полнина на животот, која е Христов дар, веќе е антиципирана во гозбата на Евхаристија, која Црквата ја слави според Господовата заповед во негов спомен. Така, поканата за есхатолошката гозба која ја носиме до сите во нашето евангелиско послание е нераскинливо поврзана со поканата за евхаристиската трпеза, каде што Господ нè храни со Своето Слово и Своето Тело и Крв. Како што поучуваше Бенедикт XVI, „во секое евхаристиско славење, светотаински се остварува есхатолошкото собирање на Божјиот народ. За нас Евхаристиското славење е вистинска антиципација на конечната гозба. Таа конечна гозба ја навестија пророците (сп. Исаија 25,6-9), додека во Новиот Завет е опишана како „свадба на Агнецот“ (Откровение 19,7-9), која треба да се слави во радоста на заедништвотот со светиите“ (Постсинодален апостолски поттик Sacramentum caritatis, 31).

Затоа, сите сме повикани да ја доживееме посилно секоја Евхаристија во сите нејзини димензии, особено во есхатолошката и мисионерската димензија. Во врска со ова, повторувам дека „не можеме да пристапиме кон евхаристиската трпеза ако не се вклучиме во посланието, кое поаѓајќи од Божјото срце, сака да допре до сите луѓе“ (исто, 84). Евхаристиската обнова, која многу локални Цркви со пофалба ја промовираат во ова време по пандемијата на Ковид-19, исто така, ќе биде фундаментално за будење на мисионерскиот дух кај секој верник. Со колку повеќе вера и занес во нашите срца би требало да извикуваме на секоја света Литургија: „Твојата смрт, Господи, ја навестуваме, Твоето славно воскресение го славиме, Твоето славно доаѓање го исчекуваме“!

Во таа смисла, во оваа година посветена на молитвата како подготовка за јубилејот 2025 година, сакам да ги повикам сите да го зголемат своето учество на светата Литургија и молитвата за евангелиското послание на Црквата. Послушна на зборовите на Спасителот, не престанува да ја моли Господовата молитва кон Бога во секое евхаристиско и литургиско славење со призивот „да дојде Царството Твое“. И така, секојдневната молитва, а особено Евхаристијата, нè прави ходочесници, мисионери на надежта на патот кон вечниот живот во Бога, на свадбената гозба што Бог ја подготви за сите свои деца.

  1. „Сите“. Универзалното послание на Христовите ученици и Црквата, која целата е синодална и мисионерска

Третото и последно размислување се однесува на примателите на царевата покана, имено „сите“. Како што истакнав, „ова е сржта на мисијата: „сите“. Не исклучувајќи никого. Сите. Затоа, секое наше посалние извира од Срцето Христово за да може да ги привлече сите кон Себе“ (Говор до учесниците на Генералното собрание на Папските мисионерски дела, 3 јуни 2023 година). И денес, во свет растргнат од поделби и конфликти, Христовото Евангелие е благ и силен глас кој ги повикува луѓето да се сретнат едни со други, да се препознаат како браќа и да се радуваат согласно различностите. Бог сака „сите луѓе да се спасат и да дојдат до спознанието за вистината“ (1.Тимотеј 2,4). Затоа, во целокупното наше мисионерско делување, никогаш да не заборавиме дека сме пратени да го навестуваме Евангелието на сите и „не како оние кои наметнуваат нова обврска, туку како оние кои споделуваат радост, укажуваат на хоризонтот на убавината и кои ги повикуваат другите на богата гозба“ (Апостолски поттик Evangelii Gaudium, 14).

Христовите ученици мисионери секогаш се грижат за сите луѓе, без разлика на нивната социјална положба или морална состојба. Параболата за гозбата ни зборува дека слугите, почитувајќи ја заповедта на царот, ги собрале „сите што ги најдоа – и лоши и добри. “ (Матеј 22,10). Покрај нив и, „бедните, слабите, хромите и слепите“ (Лука 14,21), односно последните и маргинализирани во општеството, се специјални гости на царот. Така, свадбената гозба на Синот, која Бог ја подготви, останува засекогаш отворена за сите, бидејќи неговата љубов кон секој од нас е голема и безусловна. „Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Иван 3,16). Секој човек, значи секој маж и секоја жена, е примател на Божјиот повик да бидат соучесници на неговата благодат која преобразува и спасува. Треба само да му кажеме „да“ на овој бесплатен Божји дар, да го прифатиме и да дозволиме да нè преобрази, облекувајќи го како „свадбена руба“ (сп. Матеј 22,12).

Мисијата за сите бара вклученост на сите. Затоа, треба да го продолжиме нашето одење кон Црква која ќе биде целата синодална и мисионерска во служба на Евангелието. Синодалноста сама по себе е мисионерска и, обратно, мисијата е секогаш синодална. Затоа, блиската мисионерска соработка денес е уште поитна и понеопходна, како во универзалната Црква, така и во партикуларните Цркви. Во духот на Вториот ватикански собор и на моите претходници, им препорачувам на сите епархии во светот служењето на Папските мисионерски дела претставува главно средство „католиците уште од детството да се поучат со вистински универзален и мисионерски дух и да поттикнат успешни собирање помош во корист на сите мисии според потребите на секоја од нив“ (Декрет Ad gentes, 38). Затоа колектата која се собира на Светскиот ден на мисиите во сите месни Цркви се целосно наменети за Општиот фонд за солидарност, кој потоа се дистрибуира од Папското дело за ширење на верата во името на Папата за потребите на сите црковни мисии. Го молиме Господа да нè води и да ни помогне да бидеме Црква која ќе биде посинодална и мисионерска (сп. Хомилија на завршната света Литургија на Редовното генералнао собрание на Епископската синода, 29 октомври 2023 година).

На крај, да го свртиме погледот кон Марија, која го измоли од Исус првото чудо на свадбата во Кана Галилејска (сп. Иван 2,1-12). Господ Исус им даде на младенците и на сите поканети младо вино во изобилство, што беше знак на свадбената гозба што Бог ја подготвува за сите на крајот на времињата. И денес го молиме нејзиното мајчинско застапништво за евангелиското послание на Христовите ученици. Да одиме со радоста и грижата на нашата Мајка, со силата на нежноста и љубовта (сп. Апостолски поттик Еvangelii Gaudium, 288), и да го пренесеме повикот на Царот Спасител. Пресвета Богородица, Ѕвезда на евангелизацијата, моли се за нас!

 Во Рим, Свети Иван Латерански, 25 јануари 2024 година, на празникот Преобраќање на Свети Павле.

ФРАЊО


неофицијален превод

Категорија: Проповеди

За авторот