Порака на папата Фрањо за Светскиот ден на мисиите – 2021 година

Порака на папата Фрањо за Светскиот ден на мисиите – 2021 година

„Не можеме да не зборуваме за она, што сме виделе и чуле“ (Дела 4,20)

Драги браќа и сестри,

Кога ќе ја искусиме Божјата љубов, кога ќе ја препознаеме неговата татковска присутност во нашиот личен и заеднички живот не можеме да не навестуваме и да не го споделуваме со другите она што сме го виделе и чуле. Исусовиот однос со неговите ученици, неговото човештво кое се објавува во таинството на воплотението, во неговото Евангелие и во неговото Пасхално таинство ни покажуваат колку многу Бог нѐ љуби нас луѓето и дека нашите радости и нашите страдања, нашите желби и нашите тешкотии воедно се и негови (сп. Втор ватикански собор, Пасторална конституција Gaudium et spes, 22). Сè во Христа нѐ потсетува дека светот во кој живееме и неговата потреба од откупување не му се туѓи и нѐ повикува да се чувствуваме активен дел од тоа послание. „Затоа одете по раскрсниците и, колку души ќе најдете, поканете ги на свадба“ (Матеј 22,9). Од таа сочувствителна љубов никој не е исклучен, никој не може да ја доживува како нешто туѓо или далечно.

Искуството на апостолите

Историјата на евангелизацијата започнува со воодушевеното барање на Господ кој повикува и сака да воспостави со секоја личност дијалог и пријателство, таму каде што се наоѓа (сп. Иван 15,12-17). Апостолите се први кои ни зборуваат за тоа, сеќавајќи се дури и на денот и часот кога го сретнале: „Беше околу десеттиот час“ (Иван 1,39). Пријателството со Господ, гледаат како лекува болни, јаде со грешници, нахранува гладни, им пристапува на исклучените од општеството, се допира до нечисти, се поистоветува со оние во потреба, повикува на блаженствата, поучува на нов начин и со власт, сето тоа остава неизбришлив белег, кој може да поттикне на воодушевување и „заразна“ радост и несебичност, која не може да се скроти. Како што вели пророкот Јеремија, тоа искуство е распален оган на неговата делотворна присутност во нашето срце кое нѐ поттикнува на мисии и покрај тоа што понекогаш со себе повлекува жртви и неразбирање (сп. 20,7-9). Љубовта секогаш е во движење и нѐ движи и нас со другите да го споделиме најубавото навестување и изворот на надеж: „Го најдовме Месијата“ (Иван 1,41).

Со Исус видовме, слушнавме и искусивме дека сѐ може да биде поинаку. Тој, веќе сега, нѐ воведува во идните времиња довикувајќи ни во памет за важната карактеристика на нашето човештво, која многу пати е заборавена: „создадени сме за полнота која може да се постигне само со љубов“ (енциклика Fratelli tutti, 68). Тоа се новите времиња кои поттикнуваат на вера која може да даде поттик за иницијативи и да ја обликува заедницата, поаѓајќи од мажите и жените кои се учат да го преземат врз себе товарот на кревкоста како сопствената, така и на другите луѓе, промовирајќи братство и социјално пријателство (сп. исто, 67). Црковната заедница ја покажува својата убавина секогаш кога со благодарност се спомнува дека Господ прв нас нѐ возљуби (сп. 1 Иван 4,19). Господовата посебна љубов нѐ изненадува, и чудењето, по своја природа, од наша страна не може ниту да се поседува, ниту да се наметнува […] Единствено така може да процвета чудото на бесплатноста, бесплатното себедарување. И мисионерскиот жар не може никогаш да се стекне со мисловен напор или со пресметување. Да се ставиш  „во состојба на мисија“ е одраз на благодарност“ (Порака до Папските мисионерски дела, 21 мај 2020).

Сепак, времињата не биле лесни; првите христијани својот верски живот го започнале во непријателско и тешко опкружување. Искуството на маргинализација и заробеништво се испреплетувале со внатрешните и надворешните отпори, кои како да се противречеле, па дури и го негирале она што го виделе и чуле. Но сето тоа не само што не претставувало тешкотија или пречка која можела да ги доведе до тоа да малаксаат или да се затворат во себе самите, туку ги поттикна секоја неприлика, спротивставување и тешкотија да ја претворат во можност за послание. Ограниченостите и пречките станале и тие привилегирано место за да се помаже сè и сите со Господовиот Дух. Ништо и никој не можел да биде исклучен од ослободителното навестување.

За сето ова имаме живо сведоштво во Делата на апостолите, книга која учениците мисионери секогаш ја имаат при рака. Тоа е книга во која се опишува како Евангелието, таму каде што се пренесувало, секогаш оставало зад себе пријатен мирис побудувајќи радост, која само Духот може да го даде. Книгата Дела на апостолите нѐ учи во искушенијата секогаш цврсто да се држиме за Христос, како во нас би созреало „уверувањето дека Бог може да дејствува во секоја ситуација, па и покрај привидните неуспеси“ како и сигурноста „дека оној кој се жртвува и се дарува на Бог од љубов сигурно е дека ќе биде плоден“ (Апостолски поттик Evangelii gaudium, 279).

Така и ние: Ниту сегашниот историски момент не е лесен. Оваа ситуација со пандемијата на виделина ги изнесе и уште повеќе ја зголеми жалоста, осаменоста, сиромаштвото и неправдата од кои и порано многумина страдаа и ја разоткри нашата лажна сигурност, поделба и поларизација кои тивко нѐ уништуваат. Најслабите и најранливите уште посилно ја доживееја својата слабост и ранливост. Искусивме обесхрабреност, разочараност, мака. Не можеше да нѐ одмине конформистичката горчина која ја одзема надежта. Меѓутоа, ние „себе не се проповедаме, туку Христа Исуса Господа; што се однесува, пак, до нас, ние сме ваши слуги поради Исуса (2 Коринтјаните 4,5). Затоа во нашите заедници и нашите семејства го слушаме одекот на Словото на живот кој се разлева во нашите срца и ни зборува: „Тој не е овде, а воскресна“ (Лука 24, 6). Тоа се зборови на надеж кои ја потиснуваат секоја одлука и оние кои ќе дозволат да ги допре, им ја дарува потребната слобода и одважност да се застане на нозе и креативно да се бараат сите можни начини да се живее сочувството, „сакраменталноста“ на Божјата близина во нас луѓето која никого не остава да лежи покрај патот. Во ова време на пандемија, соочени со напаста на прикривање и оправдување на рамнодушноста и апатијата во име на здрава социјална дистанца, неопходно е посланието на сочувство, кое може да ја претвори нужната дистанца во места на средба, грижа и промовирање. „Она што сме виделе и чуле“ (Дела 4,20), милосрдието кое ни е искажано, се претвора во појдовна точка и ни дава веродостојност која ни овозможува да се поврати заедничката страст за создавање „заедници на припадност и солидарност на што мора да се посвети време, труд и добра“ (Енциклика Fratelli tutti, 36). Божјото слово е тоа кое секојдневно нѐ откупува и спасува од изговори кои нѐ водат да се затвораме како најплашливци од сите скептицизми: „и така сѐ ќе биде пак исто, ништо нема да се промени“. А на прашањето: „Зошто би требало да се откажам од својата сигурност, комотност и уживања ако не можам да видам никаков важен резултат?“, одговорот секогаш е ист: „Исус Христос извојува победа над гревот и смртта и сега е семоќен. Исус Хрисотс навистина е жив“ (сп. Апостолски поттик Evangelii gaudium, 275) и сака и ние да бидеме живи, да бидеме како браќа и да знаеме самите да ја примиме и со другите да ја поделиме таа надеж. Во сегашните околности неопходно се потребни мисионери на надежта, помазани од Господ, кои се способни на пророчки начин да потсетуваат дека никој не може да се спаси сам.

Од нашите грла, како кај апостолите и првите христијани, со сета сила нека одекне: не можеме да не зборуваме за она, што сме виделе и чуле“ (Дела 4,20). Сѐ што сме примиле, сѐ што Господ постепено ни има подарено, ни го даде само за да можеме со тоа да се служиме и бесплатно да го даваме на другите. Како што виделе апостолите со свои очи, слушнале и со рацете го допреле Исусовото спасение (сп. 1 Иван 1,1-4), така ние денес можеме страдалното и славно Христово тело да го допираме во секојдневниот живот и да собереме храброст со сите да ја делиме судбината на надеж, тој несомнен знак кој е плод на спознанието дека Господ секогаш е со нас. Како христијани не можеме да го задржиме Господ само за себе: евангелизациското послание на Црквата, својата полнота и јавна вредност, ја покажува во промената на светот и зачувувањето на созданието.

Повик до секого од нас

Темата на овогодинешниот Светски ден на мисиите „Не можеме да не зборуваме за она, што сме виделе и чуле (Дела 4,20) е покана до секого од нас да „преземеме одговорност“ и да ги запознаме другите со она што го носиме во срцето. Преку ова послание Црквата отсекогаш била препознатлива: „Таа е впрочем за навестување на Евангелието“ (Свети Павле VI, Апостолски поттик, Evangelii nuntiandi, 14). Имено, нашиот религиозен живот, кога се одделуваме од другите или се затвораме во мали групи, малаксува, го губи својот пророчки дух и способноста за восхитување и благодарност. Согласно својата динамика, бара поголема отвореност со која ќе можеме да допреме до секого и да ги прегрнеме сите. Првите христијани не само што не подлегнаа на напаста да бидат затворени во некоја елита, туку беа привлечени од Господ и новиот живот што Тој го понуди и да појдат меѓу народите за да сведочат за она што го видоа и слушнаа: Царството Божјо е близу. Тоа го правеа со великодушност, благодарност и благородност кон оние што сеат знаејќи дека други ќе уживаат во плодовите на нивните напори, ангажирање и жртвување. Затоа сакам да ве потсетам дека „дури и оние што се најслаби, ограничени и носат рани во душата, можат да бидат мисионери на свој начин, затоа што секогаш треба да се овозможи доброто да се пренесува, дури и ако коегзистира со многу слабости“ (постсинодален Апостолски поттик, Christus vivit, 239).

На Светскиот ден на мисиите, кој се слави секоја година во претпоследната недела во октомври, со благодарност се сеќаваме на сите оние кои, преку нивното сведоштво со животот, ни помагаат да го обновиме нашиот крштелен завет дека ќе бидеме великодушни и радосни апостоли на Евангелието. Посебно се спомнуваме на оние кои беа способни да појдат на пат, да ја остават земјата и семејството, така што евангелието, без одлагање и страв, ќе може да стигне до народите и градовите во кои има многу жедни за благослов.

Размислувањето за нивното мисионерско сведочење нѐ поттикнува да бидеме храбри и усрдно да го молиме „Господарот од жетвата да испрати работници на жетвата Своја“ (Лука 10,2). Имено сме свесни дека повикот на послание не е нешто што припаѓа на минатото или романтичен спомен од некои други времиња. На Исус денес му се потребни срца кои знаат да го живеат повикот како вистинска љубовна приказна која ќе ги поттикне да одат на перифериите на светот и да станат навестители и орудие на сочувството.

Тоа е повик кој тој го упатува до сите, иако не до секој на ист начин. Да се потсетиме дека има периферии, кои се наоѓаат близу до нас, во центарот на некој град или во сопственото семејство. Исто така постои форма на сеопшта отвореност на љубовта која не е географски, туку егзестенцијална. Секогаш, а најмногу во ова време на пандемија, важно е секој ден да се расте во способноста да се прошири сопствениот круг и да се дојде до оние кои не ги доживуваме дека спонтано припаѓаат на „нашиот интересен свет“, и покрај тоа што се блиску до нас (сп. Енциклика Fratelli tutti, 97).

Да го извршуваш своето послание во животот значи да се осмелиш да ги негуваш истите чувства како Исус Христос и да веруваш со него дека личноста до мене е мој брат и сестра. Неговата сочувствителна љубов нека ги разбуди и нашите срца и нека нѐ направи сите ученици мисионери.

Марија, првата ученичка мисионерка, на сите крстени нека им ја зголеми желбата да бидат сол и светлина во нашите земји (сп. Матеј 5, 13-14).

Рим, Свети Иван Латеран, 6 јануари 2021 година, На празникот Богојавление.

Фрањо

 

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот