Во овие тешки времиња на пандемија и војна, „Марија ни го покажува на сите нас, а посебно на вас, младите како неа, патот на близина и средба“, охрабрува папата Фрањо во својата порака за Светскиот ден на младите 2022-2023 година, кој ќе биде прославен во Лисабон следниот август на тема „Марија, како стана во тие дни, отиде бргу“ (Лука 1,39).
Во својата порака за 37. Светски ден на младите, кој ќе се слави следната година во Лисабон, папата Фрањо потсети на темата на последниот Светски ден на младите во Панама во 2019 година, која беше „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!“ (Лука 1,38).
„По тој настан, продолживме со нашето патување кон нова дестинација – Лисабон во 2023 година – со срца што горат од Божјиот итен повик да станеме“, истакна Папата.
Во последните неколку години, во пораките за Светскиот ден на младите се размислува на бројни теми, а заедничкиот збор е „стани“. „Тоа е збор“, истакна Папата, „кој ни кажува и за будењето од сон, будењето за животот насекаде околу нас“.
Папата истакна дека во овие тешки времиња на пандемија и војна, „Марија ни го покажува на сите нас, а посебно на вас, младите како неа, патот на близина и средба“. Светиот Отец потоа изрази надеж дека искуството што многу млади ќе го имаат во Лисабон за Светскиот ден на младите во август 2023 година, ќе претставува нов почеток за нив, но и за човештвото во целина.
Марија стана
Папата Фрањо понатаму истакна дека по Благовештението, Марија можела да се фокусира на себе, но наместо тоа, таа целосно му се доверила на Бога. Таа станува и се движи, бидејќи е сигурна дека Божјиот план е најдобриот план за нејзиниот живот, нагласи Папата.
„Марија“, продолжи тој, „станува храм Божји, лик на ходочасничката Црква, Црква која оди да служи, Црква која на сите им ја донесува радосната вест!
Во извештаите за воскресението често се среќаваме со два збора: „разбуди се“ и „стани“, истакна Папата.
„Богородица е пример за младите во движење, кои одбиваат да застанат пред огледалото за да се набљудуваат или да се заплеткаат во „мрежата“. Фокусот на Марија е секогаш нанадвор“.
… И побрза
Папата Фрањо во својата порака потсети дека свети Амвросиј Милански во својот коментар на Евангелието по Лука напишал дека Марија набрзина се упатила кон ридските краишта, „затоа што се радувала на ветувањето и се трудела да им служи на другите со ентузијазмот роден од нејзината радост.” Затоа, брзањето на Марија е знак на нејзината желба да служи, објасни Папата.
Кога сме соочени со конкретни и итни потреби, треба брзо да дејствуваме, истакна Папата, истовремено прашувајќи: „Во какво „брзање“ сте, драги млади?
Здравото брзање секогаш не турка нагоре и кон другите
Папата истакна дека има разлика помеѓу здраво брзање што нè турка „нагоре и кон другите“ и нездраво брзање „кое може да нѐ натера да живееме површно и сè да сфаќаме наивно.“
Светиот Отец ги потсети младите ширум светот дека „сега е време да се брза кон конкретни средби, кон вистинско прифаќање на оние кои се поинакви од нас“.
„Мојата порака за вас, драги млади, е Исус, големата порака што и е доверена на Црквата! Да, самиот Исус, во неговата бескрајна љубов кон секој од нас, неговото спасение и новиот живот што ни го подари“.
Сите заедно во Лисабон!
На крајот, папата Фрањо изрази надеж дека младите кои планираат да учествуваат на Светскиот ден на млади ќе можат повторно да ја доживеат радоста на средбата со Бога и нивните браќа и сестри.
„По долг период на социјално дистанцирање и изолација, сите повторно ќе ја откриеме во Лисабон – со Божја помош – радоста на братската прегратка меѓу народите и генерациите, прегратката на помирувањето и мирот, прегратката на новото мисионерско братство! Како Марија, заврши Папата, „да станеме и да побрзаме“.
Ватикан њуз/к.мк