Поправеден, поинтегриран и еколошки одржлив туризам како можност за подобро излегување од кризата предизвикана од пандемијата е во центар на предлозите вклучени во пораката на Дикастеријата за целосен човеков развој по повод Светскиот ден на туризмот.
Туризмот е една од најпогодените индустрии од кризата предизвикана од пандемијата, но, парадоксално, може да стане еден од моторите за обнова на поправеден, поодржлив и интегриран свет. Ова стои во пораката на Дикастеријата за целосен човеков развој по повод Светскиот ден на туризмот, кој се одбележува на 27 септември 2022 година, на тема „Преиспитување на туризмот“. Во документот, кој е објавен со потпис на префектот кардинал Мајкл Черни, се забележува дека токму поради тоа, Црквата гледа „со очи на надеж“ за оживување и обновување на оваа сфера.
Во овој контекст, се надеваме дека принципите предложени од „Светскиот етички кодекс на туризмот“, кој во оваа активност гледа „животворна сила во служба на мирот и фактор на пријателство и меѓусебно разбирање меѓу народите во светот“, може да стане водич за преродба. Желбата да се излезе подобри од кризата, како што нагласува папата Фрањо, е поттик туризмот да биде поправеден. Ова се однесува на почитување на работничките права на вклучените, како што се легално вработување и правични плати, како и правична распределба на профитот што ги зема предвид и потребите на локалното население.
Закрепнувањето треба да доведе и до поодржлив туризам. Станува збор за тоа да се внимава на еколошките последици од оваа активност. „Движењето на стоки и луѓе за целите на туризмот и ритмите на потрошувачка мора да се преиспитаат во насока на правилниот однос меѓу човекот и созданието“, се наведува во пораката, во која се потсетува и на влијанието врз екосистемите и биодиверзитетот.
Преиспитувањето на туризам треба да ја земе предвид и „холистичката визија на човековата личност“ и да биде можност за запознавање со други култури, за откривање на длабоките вредности што таа ги крие. Затоа, организацијата на туристичко угостителство треба да го трансформира јавниот простор, социјалната и урбаната средина на таков начин што ќе ги „вреднува идентитетите во правична рамнотежа помеѓу зачувување на корените и нудење услуги“.
„Католичката црква е многу заинтересирана за промовирање на оваа обновена визија за туризмот во перспектива на холистички човечки развој“, се наведува во пораката, која предлага синодален метод кој исто така може да им донесе на граѓанското општество и економските организации „поголема склоност да ги комбинираат спротивставените интереси и гледишта“. „Следејќи го папата Фрањо, ги охрабруваме сите да го запалат факелот на надежта и да сторат сè за сите да ја вратат силата и самодовербата и да гледаат кон иднината со отворен дух, срце полно со надеж и далекувидни мисли“ стои вели во документот.
Ватикан њуз/к.мк