Пораката на Папата до конференцијата за нуклеарно оружје

Нуклеарната опасност и заканата од меѓусебно уништување не можат да бидат темел за етика на братство и мирен соживот на народите и државите – рече папата Фрањо во пораката упатенадо Себастијан Курц, претседател на конференцијата за хуманитарните последици од нуклеарното вооружување, која во понеделник 8 декември 2014 година беше отворена во Виена. Поради глобалниот проблем на нуклеарното оружје, итно е потребна „етика на солидарност“ на која повикуваше свети Иван Павле II – истакна Папата.

„Акцентот често се става на можноста од масовно уништување на нуклеарното оружје, меѓутоа би требало да се посвети повеќе внимание на ’непотребното страдање’“ кое го предизвикува нуклеарното оружје, а ја забрануваат и војните правилници и меѓународниот закон. „Ако такво страдање е забрането во конвенционалните војни, тогаш со тоа уште повеќе треба да биде забрането во нуклеарните судири“ – заклучи папата Фрањо.

Трошењето пари за нуклеарно вооружување го расипува богатството на народите. Да се даде предност на такво трошење на пари е грешка и криво вложување на средства кои би можеле далеку подобро да се искористат на подрачјето на целосниот човечки развој, образование, здравство и борбата против крајното сиромаштво. Цената од трошењето на овие средства ја плаќаат сиромашните и слабите кои живеат на маргините од општеството“ – предупреди Светиот Отец.

Длабокиот човечки копнеж кон мирот, сигурноста и стабилноста, „вкоренета во Создателот Кој сите луѓе ги собира во едно семејство“, не можат да го задоволат „само војните средства, особено не поседувањето на нуклеарно и друго оружје за масовно уништување. Мирот ’не може да се сведе само на одржување на рамнотежа на моќ меѓу непријателите’, како поучува Пасторалната конституција за Црквата во светот, Gaudium et Spes (Радост и надеж). Мирот мора да се изгради на правда, развој, слобода и почитување на основните човечки права – рече Светиот Отец, поттикнувајќи на залагање целта „свет без нуклеарно оружје“ од идеал да постане стварност.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот