Пораката на Папата до Конгрегацијата на свети Винко Паулски

Пораката на Папата до Конгрегацијата на свети Винко Паулски

На 27 септември 2017 година, папата Фрањо испрати порака до членовите на семејството на свети Винко, кои ја одбележуваат 400 годишнина од своето основање, а чиј основател е свештеникот од Франција, свети Винко Паулски.

Во 1617 година, отец Винко го започнува своето делување меѓу сиромашните, семејства на фармери, со поддршка на група богати жени од Париз, познати како Ќерки на милосрдието. Собирале средства за мисионерски активности, за основање на болници, за помагање на жртвите од војната и откуп на робовите од галиите кои се враќале од Северна Африка.

Заблагодарувајќи се на членовите на семејството на свети Винко за делото кое денес го работат меѓу најмаргинализираните луѓе, папата Фрањо потсетува дека во текот на целиот живот Винко Паулски го барал Божјото присуство во животот на сиромашниот.

Едноставност и великодушност

Посветувајќи го животот за промовирање на пораката на Божјата љубов кон оние во потреба – рече Папата – свети Винко ги вдахнувал и другите да го следат. Посебно внимание посветил на формирањето на свештениците, повикувајќи ги да се управуваат според едноставноста, великодушноста и природниот стил на животот.

Сооснователка Лујза де Маријак

„Пченичното зрно“ Ќерки на милосрдието, кое светецот го основал пред четири века, изникнало и израснало во „големо стебло“ на институти и организација, кои денес го сочинуаат семејството на свети Винко. Посебно потсетува на „пророчката интуиција“ на свети Винко, со која ги истакнува духовните дарови и сензибилитетот на сооснователката Лујза де Маријак.

Пронајди го Исуса во сиромашните

Папата Фрањо изрази надеж дека членовите на семејството на свети Винко, во оваа година на славење, ќе ја продлабочат харизмата на своите основатели, враќајќи се на изворот на милостите – Исус – со кој се среќавате во сиромашните и оние без глас. Повикани сте да допрете до периферијата на човечката состојба, како семе кое расте на тврдо тло, да донесете утеха и љубов за срцата кои стврднале заради занемарување и отфрленост.

Трансформирајте го општеството

Свети Винко денес ни зборува на сите нас – рече папата Фрањо – повикувајќи нè да бидеме во движење и отворени за Господовите изненадувања. Нè повикува на животот на заедништво, ослободувајќи се од сложениот јазик, реториката на самопослужување или приврзаност на материјалните работи. Како него, треба да научиме да го менуваме своето општество, да вложуваме во формацијата и да живееме во близок контак со оние кои најмногу страдаат.

Светски ден на сиромашни

На крајот, потсетувајќи на првиот Светски ден на сиромашните, кој го свика на 19 ноември, папата Фрањо рече дека – во оние кои страдаат – треба да научиме да го допираме Христовото тело. Доверувајќи се на Бог, можеме да станеме конкретен знак на Христовата љубов за сите во потреба – стои меѓу останатото во заклучокот на пораката на Светиот Отец до спомнатата конгрегација.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот