Полскиот надбискуп Гадецки упати писмо до московскиот патријарх Кирил

Полскиот надбискуп Гадецки упати писмо до московскиот патријарх Кирил

Претседателот на полската бискупска конференција, Станислав Гадецки, го замоли поглаварот на Руската православна црква да побара од Путин да стави крај на војната во Украина, пренесува CNA.

Во многу силно писмо упатено од надбискупот Гадецки до московскиот патријарх Кирил, меѓудругото пишува дека би било „лицемерно“ да се молиме за мир доколку молитвата не е придружена со дела.

„Те молам, брате, застапувај кај Владимир Путин да престане бесмислената војна против украинскиот народ во која умираат невини луѓе и која нанесува болка не само на војниците, туку и на цивилите – посебно на жените и децата“, напиша полскиот надбискуп.

„Еден човек со еден збор може да стави крај на страдањата на илјадници луѓе – тој човек е претседател на Руската Федерација. Понизно Ве молам да побарате од него да ги повлече руските трупи од независната земја Украина“, додва Гадецки.

Патријархот Кирил, кој важи за близок до Путин е на чело на Руската православна црква од 2009 година.

На самиот почеток на руската инвазија, тој рече дека „рускиот и украинскиот народ имаат заедничка историја со векови, од крштевањето на Русија во времето на кнезот Владимир I. Верувам дека ова од Бога дадено заедништво ќе помогне да се надминат поделбите и несогласувањата што доведоа до сегашниот конфликт“, рече Кирил на 24 февруари, повикувајќи да се направи „сѐ што е можно за да се избегнат цивилни жртви“.

Во својата порака до московскиот патријарх Гадецки, тој се осврна на нивната претходна кореспонденција што се одвивала преку митрополитот Иларион, кој е претстојник на Канцеларијата за надворешни работи на Московската патријаршија.

„Го споделувам со вашата Светост ставот дека непријателството кон секоја нација е секогаш неприфатливо. Сите ние сме браќа и затоа несреќата на украинскиот и рускиот народ ја доживуваме како своја. Затоа, со сето срце се молиме за мир во Украина“, напиша полскиот надбискуп.

На крајот од своето писмо, тој побара од патријархот Кирил да ги покани православните браќа заедно да се молат, како што тоа го направи папата Фрањо со прогласувањето на Чиста среда за ден на пост и молитва за мир во Украина.

„Верувам дека Господ нема да остане рамнодушен на нашите молитви и жртви. Верувам дека постот и молитвата можат да го променат човечкото срце“, заклучи Гедецки.

CNA/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот