Поздравен говор на Н. В. П. монс. д-р Киро Стојанов до Н. Е. Винко кард. Пулиќ по повод духовната обнова на Духовенството од Скопска бискупија и Апостолскиот егзархат
Драги браќа свештеници, почитувани чесни сестри,
Се радувам што сме заедно во името Господово. Се радувам на оваа духовна обнова во ова наша катедрала. Се радувам што со нас е Неговата Еминенција – наш надбискуп и митрополит – Винко кардинал Пулиќ. Од името на сите вас и од свое име срдечно го поздравувам.
Господине Кардинале, добро ни дојдовте и овој пат во нашето и Ваше Скопје! Секоја Ваша посета за нас е благословена и значајна. Благословена, бидејќи ни доаѓате како наш Митрополит, наш надбискуп – како свој кај своите. Вашето доаѓање е благословено, бидејќи сте надпастир и на оваа стадо верници, на оваа црковна покраина, која е суфрагана на Вашата митрополитанска Црква. Свесни сме дека сме во заедиништво со целата Католичка црква, а преку Вашата личност – кардинал на светата Црква –уште повеќе и подлабоко сме поврзани со личноста на Неговата Светост папата Фрањо. Некако сме сигурни со Вас дека сме во директно, милосно заедништво со Црквата, со која во љубовта претседава Римскиот бискуп.
Вашето доаѓање е од големо значење, зашто и сега имате можност, прилика и послание: да ги утврдите браќата во вера. Имате искуство од дијаспора. Ние сме најголемата дијаспора во Вашата митрополија. Тие во дијаспората треба почесто да се посетуваат, храбрат, подржуваат и поучуваат. Изложени сме на периферијата на Католичката црква Исток – Запад. Навистина сме на периферијата. Толку сте блиски на Светиот Отец папа Фрањо во грижата за периферните, затоа Вашето доаѓање за нас е навистина и благословено и значајно. Оваа е можност за нас, најодговорните во оваа месна Црква, да ни помогнете со својата порака, поука и молитва, да бидеме што повеќе свети, постојани, секогаш свежи во служењето на нашите верници. Имате искуство на страдание, прогонство, неправди. Но и искуство на храбар и скромен борец за Вистина и Љубов во сите околности на животот. Поделете го со нас тоа искуство, таа сила да и ние успеваме – секој во својата средина и на сопствен начин – да бидеме и останеме знак на Христовата присутност. Тоа ни треба на нас – посебно на свештениците, духовните лица.
Во тој дух Ве поздравувам и молам за оваа духовна обнова. Бог многу Ви даде, полна чаша страданија, Црквата многу Ви довери и ние со право многу очекуваме од Вас. Нека секој Ваш збор ви го вдахне Светиот Дух, а милоста ве потпомогне да донесете плод. Ние молиме со Вас, молиме за Вас. Добро ни дојдовте во името Господово!
Скопје, 18.11.2017 година