Светиот Отец, преку Дикастеријата за промовирање на целосен човечки развој, испрати финансиски прилог до Каритас Вилнус во Литванија за поддршка на активностите што се спроведуваат во корист на мигрантите на источната граница на Литванија, стои во соопштението на Дикастеријата.
Во соработка со Апостолската нунцијатура во Литванија, оваа сума ќе се искористи за набавка на лекови, храна и топла облека за да се ублажат тешките услови за живот на кои се изложени, а кои, според соопштението, за жал се нагласени со продолжената пандемска криза.
Оваа поддршка е директен знак на чувството на духовна близина и татковско охрабрување кое папата Фрањо често после молитвата Ангел Господов од крајот на 2021 и почетокот на 2022 година го искажува кон мигрантите, бегалците и барателите на азил во тоа подрачје
Литванија со месеци е под притисок поради акцијата на Белорусија, која преку источната граница се обидува да овозможи влез во Европската унија на илјадници мигранти. Во последниве месеци, Минск е обвинет за искористување на овие мажи и жени како еден вид „жив штит“ како одмазда за санкциите од ЕУ. На границата меѓу Литванија и Белорусија е станицата Камнени Лог, каде се собираат илјадници луѓе. Затоа Вилнус одлучи да ги заостри контролите, да изврши систематски повлекувања и да изгради ѕид висок 4 метри и долг 500 километри, чија работа започна во ноември минатата година. Литванската влада беше критикувана од многу локални невладини организации, кои велат дека не им се дозволува на независните набљудувачи пристап до бегалските кампови во близина на границата и не ја гарантира потребната помош, особено за најранливите групи како што се жените и децата.
Ватикан њуз/к.мк