На 26 септември 2023 година Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов по покана на директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) г-дин Даријан Сотировски го посети археолошкиот локалитет „Стоби“. Покрај бискупот Стојанов присуствуваа и останатите поглавари на Црквите и верските заедници споменати во македонскиот Устав.
Заедничката посета на археолошкиот локалитет „Стоби“ беше оценета како одлична можност за непосредно запознавање со ова исклучително национално културно богатство, како и за продлабочување на меѓуверскиот дијалог.
Според соопштението од КОВЗРГ со заедничката посета на „Стоби’ од страна на поглавари на Црквите и верските заедници споменати во македонскиот Устав испратена е порака до целокупната јавност дека културното богатство ширум нашата татковина е големо, што воедно значи и голема одговорност, како за граѓаните за почитување, така и за институциите за негување, одржување и промовирање.
к.мк