Во вторник, 10 октомври 2023 година, Кустодијата на Светата Земја упати повик до сите ширум светот кои со трепет ги следат настаните во Светата Земја по ескалацијата на вооружениот конфликт меѓу Палестинците и Израелците.
Фрањевците повикуваат на пост и молитва, повторувајќи го апелот на папата Фрањо, што тој го упати по молитвата Ангел Господов во недела, 8 октомври .
„Во светилиштата што ги чуваме, а кои нѐ потсетуваат колку многу Исус зборуваше и правеше за наше помирување, нашите братства се молат за сите жртви, особено за цивилите и заложниците. И за нивните семејства. Да молиме омразата, гневот и стравот кои предизвикуваат насилство да исчезнат од нашите срца. Да молиме меѓународната заедница да поттикне иницијативи за мир и посредување, посебно за заштита на цивилите“, повикаа браќата.
Во повикот тие напоменуваат дека ќе продолжат да се грижат за локалните верници и ходочесници, препорачувајќи засега да се прекинат ходочестијата додека ситуацијата не биде побезбедна.
Христијанскиот медиумски центар на Кустодијата на Светата Земја објави дека фрањевската заедница на Светиот гроб во Ерусалим секое попладне во процесија ги посетува местата на Исусовото страдање, смрт и воскресение во базиликата. Процесијата која ги одбележува настаните од Христовото откупување на човештвото, во контекст на вооружените судири, има посебно значење.
Претседателот на фрањевската заедница на Светиот гроб, фра Стефан Милович, ОФМ, рече дека особено се молат народите кои живеат во таа земја што страда да живеат заедно. „Должност на браќата кои се во оваа базилика повеќе од седум века е да се молат за целиот свет: од тука од каде Христос воскресна од мртвите! Оттука го покори светот! Не се плашиме затоа што тој е победникот, но сепак сакаме сите луѓе да можат да живеат во оваа земја, во мир, во сигурност“, посочи тој.
„Од сите светилишта на Светата Земја крикот на мирот се издигнува до небо!“, пишува Христијанскиот медиумски центар на Кустодијата на Светата Земја.
Ватикан њуз/к.мк