Синодските оци на крајот од Епископската конференција упатија кратко писмо до младите. Ви го пренесуваме во целост.
Ние синодските оци ви се обраќаме на вас младите во светот, со зборови на надеж, доверба и утеха. Овие денови се собравме за да го слушнеме гласот на Исус „вечно младиот Христос“ и во Него да препознаеме многу ваши гласови, ваши восклици на славење, вашите крикови и вашите моменти на молчење.
Запознаени сме со вашите внатрешни барања, радости и надежи, болки и вознемирености кои ве исполнуваат со копнеж. Сега сакаме да ви упатиме збор: сакаме да ја делиме вашата радост така што вашите очекувања ќе можат да се исполнат. Уверени сме дека со вашиот ентузијазам кон животот ќе бидете подготвени да делувате за вашите соништа да се остварат и обликуваат во историјата.
Нашите слабости не би требало да ве обесхрабрат; нашата кревкост и нашите гревови не би смееле да бидат пречката за вашата доверба. Црквата е вашата мајка; таа не ве напушта; таа е подготвена да ве придружува на новите патишта, на повисоки патеки каде ветрот на Духот посилно дува – однесувајќи ги маглите на рамнодушноста, површноста и обесхрабрувањето.
Кога светот, кој Бог толку го љуби што за нас го даде својот единороден Син Исус е фокусиран на материјалните работи, краткорочните успеси и задоволства и кога светот ги гази најслабите, вие мора да му помогнете повторно да се воздигне и уште еднаш да го сврти својот поглед кон љубовта, убавината, вистината и правдата.
Во овие месец дена поминавме заеднички пат со некои од вас и со многу други кои со нас беа обединети во молитвата и љубовта. Сега сакаме да го продолжиме патувањето во секој дел од светот каде Господ Исус нѐ испраќа како ученици мисионери.
На Црквата и на светот итно им треба вашиот ентузијазам. Направете ги свои сопатници најкревките меѓу луѓето – сиромашмните и оние кои се ранети од животот.
Вие сте сегашноста; бидете светла иднина.
Ватикан њуз/к.мк