„Кој Го љуби Бог, кој Го бара со искрено срце, не може да биде атеист.“ Ова е пораката на Лав XIV во писмо до еден атеист, објавено на 24 февруари.
Од 22 февруари папата Лав XIV учествува во традиционалните Духовни вежби во Великиот пост во Ватикан, заедно со раководителите на Куријата. Тоа е време на тишина, медитација и внатрешно преиспитување, во кое Папата се повлекува од јавниот и медиумскиот живот. Во вторник, 24 февруари, списанието „Piazza San Pietro“, месечното гласило на базиликата Свети Петар, објави кратка преписка во која Лав XIV одговара на писмо од човек по име Роко.
Роко му испратил песна со наслов „Атеист што Го љуби Бог“. Во неа Италијанецот признава дека „верува дека не верува“, но објаснува дека размислува за „тајната на хармонијата“ во овој свет и чувствува извесна „вознемиреност“ затоа што не успева да Го пронајде Бог во својот живот.
Во одговорот, Лав XIV му се заблагодарува на Роко за писмото и објаснува дека го потсетува на една реченица од „Исповеди“ на свети Августин: „Ти беше во мене, јас бев надвор од себе и таму Те барав!“
„Овие зборови се доволни за да ти кажам дека кој Го љуби Бог, кој Го бара со искрено срце, не може да биде атеист“, објаснува Папата.
Според Лав XIV, „вистинскиот проблем на верата“ не е „дали веруваме или не веруваме“, туку дали умееме да разликуваме „меѓу оние што бараат и оние што не го бараат Бог“. Бог, го уверува тој својот соговорник, „дозволува да биде пронајден од срцето што Го бара“.
„Некој може да мисли дека верува, а притоа да не Го бара лицето Божјо и да не Го љуби“, предупредува Лав XIV. И на ист начин, објаснува тој, „некој може да мисли дека не верува, а сепак да биде голем барател на Неговото лице“.
„Гледаш, Роко, сите копнееме по Љубовта, сите сме трагачи по Бог. Во тоа се состои достоинството и убавината на нашиот живот“, заклучува Лав XIV.
Ватикан њуз/к.мк

