„Чистилиштето ни сведочи за големото Божје милосрдие и ги брише гревовите на оние кои копнеат да бидат едно со Него“ (сети Хоземариа Ескрива).
Кога последен пат сте слушнале проповед за чистилиштето, или кога последен пат сте се молиле за душите во чистилиштето? Католиците пречесто забораваат да се молат за душите во чистилиштето, мнозина заради страв некој да не ги смета за старомодни (како да е тоа лошо), некои заради суеверие или уште полошо, некои заради бесчуствителност.
Без оглед на причините заради кои ги занемаруваме душите во чистилиштето, Црквата нѐ учи дека чистилиштето постои и дека постојат голем број на души во него на кои им е потребна нашата молитва. Намерата овде не е да се докаже дека постои чистилиштето или да се изложат некои теолошки основи на неговото постоење. Намерата е да се даде поттик за молитва на оваа „страдална Црква“. Има 5 причини зошто е добро да се молиме за ослободување на нашите браќа и сестри од чистилиштето.
- Нивната болка е вистинска
Светците ја споредувале болката во чистилиштето со болката на изгореница од оган. Покрај тоа, некои светци истакнувале дека страданијата во чистилиштето многу не се разликуваат од она во пеколот. Една од главните причини за болката зна душата во чистилиштето е фактот дека го постигнале спасението, но сеуште не можат да уживаат во неговата утеха. Оваа одложување за уживањето во небото ги доведува до одредена ситуација на духовна агонија.
Свети Тома Аквински тоа го објаснува на овој начин: „Колку повеќе некој копнее за некои работи, толку повеќе недостатокот на истите работи станува поболен. И затоа по завршетокот на овоземскиот живот, желбата за Бога, Најголемото Добро, неизмерно се зголемува во сите души на праведниците, но заради постоењето на пречките за соединување, душите неизмерно страдаат заради тоа одложување.
Затоа, страдањето кое душите во чистилиштетониз кое поминуваат е болен и вистинит пат кој не може да се сфати во целост. Молејќи се и жртвувајќи се, можеме да им помогнеме и да им го олесниме нивното страдање.
- Тие се наше семејство
Многумина од нас имаат баби, дедовци, тетки, чичковци, родители кои починале и веројатно сега се наоѓаат во чистилиштето. Од љубов кон нив, би требало да се молиме за нивните души. Ако случајно немаме некој познат починат од членовите на семејството, треба да знаеме дека душите во чистилиштето се наши духовни браќа и сестри. Преку Светата Тајна Крштение сите ние сме поврзани во едно семејство во Христа, така да оваа семејна врска би требала да нѐ потикне да се молиме за нив.
- И вие може да завршите таму
Да бидеме искрени, многумина од нас не е толку свет да би го заобиколил чистилиштето и можно е многумина од нас да го почувствува неговиот пламен кој прочистува. Ако многу страдате, дали би сакале некој да ви понуди олеснување? Да, секако дека би сакале. Молејќи се за душите во чистилиштето го исполнувате златното правило кој ни го даде Христос – да им правите на другите тоа што би сакале другите на вас да ви го прават. Ако чувствувате одбивност кон молитвата за душите во чистилиштето, ставете се на нивно место и запрашајте се вие што би сакале.
- Оваа молитва ќе ви донесе радост
Молејќи се за душите во чистилиштето добивате одредени благодати. Можете ли да ја замислите радоста заради средбата со браќата и сестрите во Христа еден ден на небото, знаејќи дека токму вие сте им помогнале со својата скромна молитва? Надбискупот Фултон Шин еднаш рекол: „Кога ќе влеземе во небото, ќе видиме мноштво на души како ни доаѓаат во пресрет за да ни се заблагодарат. Ќе ги прашаме кои се, а тие ќе ни одговорат дека се душите од чистилиштето за кои сме се молеле.“ Она малку време кое сме го жртвувале во својот живот ќе се исплати кога ќе ги видиме лицата на оние на кои нашата молитва им помогнала.
- Не е многу тешко
Да се моли за душите во чистилиштето е едноставно, толку едноставно што немаме причина тоа да не го правиме. Молитвата за душите може да биде кратка како молитвата за покојните: „Вечен покој дај им Господи, и вечна светлина нека им свети. Да почиваат во мир. Амин.“ Можеме да ги додадеме во кратка молитва во нашата секојдневна молитва за благослов на јадењето: “Благослови не Господи и овие дарови… Те молиме, Господи, душите на починатите преку твоето милосрдие да почиваат во мир.“ Зошто овие едноставни молитви не би ги молеле секојдневно?
Две ефектни молитви за душите во чистилиштето се молитвата на Божјото милосрдие и светата Бројаница, а бараат околу 10-20 минути од нашето време. Да се молаат овие моќни молитви еднаш неделно не е ништо во споредба со благодатите кои душите во чистилиштето, нашите духовни браќа и сестри, притоа ги добиваат.
Секако, може да се даде да се служи света Литургија за душите во чистилиштето. Овој добронамерен гест на Бога му дава задоволство, а на нас не ни е никаков товар.
Почни да се молиш
Чистилиштето не е ништо друго туку искуство на прочистателното Божјо милосрдие, која прочистува со љубов а тоа целосно ги чисти сите наши грешки. Иако тоа може да ни изгледа чудно поврзувањето на љубовта и милосрдието со болката, но тоа е реалноста на чистилиштето.
Ние овде на земјата имаме можност да им помогнеме на сите оние кои страдаат и да им донесеме олеснување. Тоа да го направиме преку делата на милосрдието и преку љубовта која се жртвува за другите. Од нас не се бара некоја голема жртва, но наградата е навистина голема.
Битно.нет/З.А.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк