Пензионерката Марта од Италија секојдневно ги пребарува контејнерите пред супермаркетите како би им помогнала на најсиромашните во нејзиниот град.
Откако ќе ги провери контејнерите пред супермаркетите 79 годишната Марта, која живее со својот сопруг во градот Каласборгоне, секојдневно собира повеќе од 40 килограми храна, која уште може да се користи. Најпрво ја пренесува со велосипед до својот дом, а потоа три пати седмично со возило ја разнесува на најсиромашните семејства во градот.
Неверојатно е колку многу храна се фрла. Ја фрлаат ако наскоро истекува рокот за употреба или ако амбалажата изгледа оштетена. Неодамна на пример во контејнерот имаше портокали. Ако една од нив е расипана, се фрла целата вреќичка од 5 килограми. Тоа е срамота! – изјави Марта за италијанскиот весник Авенир, додавајќи дека политичарите и оние кои се одговорни во општеството треба да обрнат повеќе внимание за вистинската ситуација на сиромашните.
Марта беше поттикната на овој ангажман од едно семејство, кое во економската криза за малку ќе изгубеше сѐ. Така дозна за луѓето во потреба, а сега со храна обезбедува осум домаќинства, а членовите на тие семејства ја дочекуваат секогаш со голема радост.
Никогаш не ме прашаа ништо, ништо не фрлаа – од брашното правеа леб, од млекото сирење… – додаде Марта. Нејзината работа ја забележа и свештеникот Бенито Кутеле, кој најпрво мислеше дека оди по контејнерите барајќи храна за себе.
Во ѓубрето бараше храна за оние кои немаат ништо за јадење. Бев многу изненаден. За своите години таа многу понизно се посветува за да им помогне на најсиромашните браќа. Единствено за што жали е тоа што нема никој друг кој ќе и помогне кога таа е уморна – изјави за весникот Авенир отец Кутеле.
И покрај тоа што секојдневно се соочува со брзање и критики од љубопитните или сомничавите набљудувачи Марта нема време за туѓи коментари и мислења за нејзината активност. „Ова го работам затоа што знам дека има луѓе кои се во потреба и кои ме чекаат“ – изјави пензионерката за италијанскиот црковен весник.
Меѓугорје инфо/к.мк