Желбата најпрво да ја посети Африка го открива срцето на еден мисионерски Папа
Пишува: Андреа Торниели
Првиот ден од патувањето на папата Лав во Африка, како и двата што следуваа, барем од медиумска гледна точка беа обележани со коментари за изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп. Контроверзијата што се создаде самиот Папа настојуваше да ја намали, бидејќи постоеше ризик секој негов збор за време на патувањето да се толкува низ призмата на односите меѓу Светиот Престол и Белата куќа.
Поради тоа, една особено значајна забелешка што ја даде Петровиот наследник во понеделникот, на 13 април наутро, за време на првиот поздрав со новинарите во авионот што штотуку полетуваше за Алжир, речиси остана незабележана. Тој рече дека Африка „требаше да биде првата дестинација на мојот понтификат“. „Уште минатиот мај реков дека на моето прво патување би сакал да ја посетам Африка.“
Тоа значи дека веднаш по својот избор, папата Лав XIV им ја открил оваа јасна желба на своите соработници, желба што тогаш не можела да се оствари поради логистички причини, но која многу открива за начинот на кој првиот папа роден во Соединетите Американски Држави ја разбира својата мисија. Притоа не смее да се заборави еден суштински дел од биографијата на Роберт Франсис Превост: тој е монах мисионер, што е навистина ретка особеност во историјата на папството во последните векови.
Папата Лав помина многу години како мисионер и парохиски свештеник во Перу, а подоцна, по барање на папата Фрањо, таму се врати и како епископ. Токму во светлината на тој повик може да се разбере неговата желба првото патување да биде во Африка, како и сè што гледаме овие денови: Насмеан и опуштен Папа додека ги следи ритмичките песни и традиционалните танци што ги придружуваат евхаристиските славења, Папа кој се задржува во средби и прегратки со деца, Папа што долго се ракува и ги поздравува луѓето. Пред сè, гледаме Папа кој зборува за новоста на Евангелието во средба со различни култури и народи, давајќи поттик за мир и преобразба.
Тоа јасно се виде во Баменда, Камерун, каде што Римскиот епископ отиде за да ја поддржи изградбата на мир и соживот во средина обележана од граѓанска војна. Истото се почувствува и во Јаунде, кога, обраќајќи му се на академскиот свет, зборуваше за важноста од формирање совест што е „слободна и исполнета со свет немирт“, што претставува неопходен услов „христијанската вера да се покаже како навистина човечки предлог. Таквата вера е способна да ги преобразува животите на поединците и на општеството и да вдахнува пророчка промена пред трагедиите и облиците на сиромаштија на нашето време“.
Не е случајно што папата Лав XIV посочи повторно да се препрочита и продлабочи Апостолскиот поттик Evangelii gaudium на покојниот папа Фрањо како насока за претстојниот конзисториум. Тој важен документ на неговиот претходник, од чие упокојување денес се навршува една година, повторно ѝ се предлага на Црквата затоа што јасно покажува во што се состои мисијата: керигмата, односно навестувањето на суштината на верата, ликот на Црквата што знае да биде блиску до оние што страдаат и да учествува во драмата на човештвото, како и посветеноста на преобразување на општеството во похуман и поправеден правец. Тоа е Црква која, како што читаме и во Апостолскиот поттик Dilexi te на папата Лав, ја препознава љубовта кон сиромашните како суштински дел од христијанското навестување, затоа што „средбата со скромните и немоќните е основен начин за средба со Господарот на историјата“.
Нагласокот на мирот, на враќањето кон преговорите и на почитувањето на меѓународното право, интервенции што во изминатите денови предизвикаа реакции, се вклопуваат токму во оваа рамка. Тоа уште еднаш помага да се разбере природата на службата на Црквата, а особено на службата на Петровиот наследник, кој не дејствува како политичар, туку како пастир. Во самото пастирско служење се содржи и грижата за мирот, правдата, дијалогот, средбата, изградбата на поправедни општества, близината со прогонуваните и дискриминираните, солидарноста со невините жртви на војната и пророчката загриженост за судбината на човештвото во овој „драматичен час од историјата“.
Ватикан њуз/к.мк

