Патријархот Вартоломеј и папата Фрањо заедно ќе ја посетат Никеја во 2025 година?!

Патријархот Вартоломеј и папата Фрањо заедно ќе ја посетат Никеја во 2025 година?!

Никеја, каде што се одржа првиот вселенски собор – каде го добиваме Никејскиот Символ на верата – сега е Изник, Турција.

Цариградскиот вселенски патријарх, Вартоломеј I, за време на посетата на Лисабон, Португалија на 16 мај 2024 година изјави дека папата Фрањо размислува за посета на Турција во 2025 година. Иако Ватикан сè уште го нема потврдено патувањето, Патријархот рече дека на прелиминарните подготовки работи Мешовита православно-католичка комисија.

Ако Папата го реализира ова патување, тоа ќе биде негова втора посета на Турција како Папа. Главниот повод за оваа посета би бил да се одбележи 1.700-годишнината од Соборот во Никеја, кој се одржа во сегашен Изник, Турција.

Папата Фрањо веќе во февруари 2023 година изјави дека се подготвува средба за 1.700-годишнината од Соборот.

И за време на средбата меѓу Папата и Патријархот во 2014 година, патријархот ја повтори нивната желба повторно да се сретнат во градот Никеја во 2025 година.

Овој важен настан во христијанската историја се случил од 20 мај до 25 јули 325 година и помогнал во обликувањето на темелите на христијанската наука.

„Следната година се одбележуваат 1.700-годишнината од првиот вселенски собор во Никеја, моментално Изник, недалеку од Истанбул“, рече патријархот Вартоломеј на новинарите во Лисабон. „Неговата Светост Папата Фрањо сака да ја прослави оваа многу важна годишнина со нас. Тој планира да ја посети нашата земја, да се сретне со нас во Цариград во Патријаршијата, а потоа да продолжи во Никеја на прославата на годишнината“.

Заедничкото патување во Никеја би било голем симболичен гест, бидејќи локацијата претставува време во црковната историја пред поделбата меѓу Истокот и Западот.

Според патријархот Вартоломеј, за да се оствари патувањето, група од четворица католици и четворица православни претставници наскоро ќе се сретнат во Истанбул за да ги финализираат деталите,. „Како шеф на држава, Неговата Светост Папата Фрањо ќе разговара и со турската влада за неговата посета и учество на прославите“, додаде Патријархот.

Единство меѓу разликите

Можната заедничка прослава на оваа годишнина од страна на православните и католиците ги нагласува растечките екуменски односи меѓу двете традиции. И покрај нивните разлики во теологијата и доктрината, односите многу се подобри – посебно по историската средба во Ерусалим во 1964 година меѓу папата Свети Павле VI и Вселенскиот патријарх Атинагора.

Претстојната годишнина од Соборот во Никеја им нуди шанса на двете Цркви да го прослават милениумот на нивното заедничко наследство.

Папата Фрањо беше јасен дека сака да негува единство и пријателство со Православната црква. Потенцијалната посета на Турција во 2025 година би била силен знак на оваа посветеност, прославувајќи го клучниот момент во христијанската историја кој покажува единство наместо поделеност.

Бидејќи и двете Цркви наскоро ќе го набљудуваат милениумот на расколот од 1054 година – за само 30 години од сега – од витално значење се напорите на папата Фрањо да изгради мостови со Православната црква.

Патријархот и поглаварот на Католичката црква се многу блиски и се сретнале во многу наврати. Папата рече дека неговата енциклика „ Лаудато си“ од 2015 година била вдахновена од патријархот; Православната црква од 1989 година на 1 септември го слави „Ден на молитва за созданието“.

Велигден?

Годишнината на Соборот во Никеја е шанса да се направи чекорот кон поголемо заедништво, што ја одразува визијата на Папата за обединето христијанско сведоштво во современиот свет.

Исто така, се зборува дека следната година би можела да го означи почетокот на заедничкиот датум за Велигден, што би било уште еден симболичен и практичен чекор кон целосно единство. Во 2025 година, провидоносно, датумот на Велигден и за двата календара се паѓа на ист ден, 20 април.

Таа 2025 година е исто така јубилејна за Католичката црква, давајќи уште еден поттик на желбата да се работи кон единство.

Во својата Була за почетокот на Јубилејот од 2025 година, папата Фрањо потврди дека годишнината од Соборот во Никеја е „повик“ до сите Цркви да направат напредок „кон видливо единство“. Тој ја поттикна и можноста за изнаоѓање заеднички датум за прослава на Велигден. (алетеја)

Категорија: Ватикан, Вести, Колумни

За авторот