Парохискиот празник Пресвето Срце Исусово свечено одбележан во Скопската катедрала
Скопје/Битола, 09.06.2013 /к.мк/ Во петокот на 7 јуни во Скопската катедрала свечено беше прославен патрониот парохиски празник Пресвето Срце Исуово. Светата Миса во 10.30 часот беше предводена од Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов, скопски бискуп и апостолски егзарх во концелебрација на монсињор Антун Циримотиќ, отец Спасо Ристов, отец Георги Динов и отец Марјан Ристов. Иако беше работен ден, беше забележано присуството на бројни верници. Во својата проповед бискупот Киро Стојанов се осврна на долгата историја на скопската парохија истакнувајќи ја големата приврзаност кон почитувањето на Пресветото Срце Исусово како симбол на Божјата безгранична љубов.
Катедралниот хор на посебен начин ја збогати оваа евхаристиска прослава со изведбата на псалмот „Господ е мојот пастир“ во придружба на солистот Бојан Палиќ и виолинистот Кристијан Зефиќ.
По завршувањето на Светата Миса верниците се упатија кон статуата на Пресветото Срце Исусово која има големо историско и духовно значење. Имено, оваа статуа датира од времето кога била изградена старата скопска катедрала, која за жал по катастрофалниот земјотрес од 1963 година, не е обновена. Познато е дека пред оваа статуа секојдневно се молела блажената Мајка Тереза, тогаш младата Гоџа Бојаџиу која повикот од Бога го добила молејќи се токму пред неа.
Празникот Пресвето Срце Исусово исто така беше прославен и во парохиската црква во Битола со света Миса, која ја служеше о. Гоце Костов. (Е.Абјаниќ)