Паросите се повикани да ги поддржуваат брачните парови

Паросите се повикани да ги поддржуваат брачните парови

Папата Фрањо на 25 февруари 2017 година се сретна со паросите кои пристигнаа од целиот светот за да учествуваат на курсот во организација на Римската Рота, редовен папски признат суд, посебно во врска со брачните проблеми.

Курсот се однесуваше на процесот на поништувањето како и на други правни прашања поврзани во врска со бракот. Повикувајќи се на предлозите на Епископската синода за семејството и на постсинодскиот Апостолски поттик „Amoris Laetitia“, Папата ја пофали оваа иницијатива велејќи дека парохот е тој кој во секојдневниот контакт со семејствата е повикан конкретно да ги примени соодветните правни норми.

Во поголем број од случаите – продолжи Светиот Отец – парохот е првата личност на која младите се обраќаат кога ќе се одлучат да се венчат и да основат ново семејство. А кога некој брачен пар е во криза и кога треба повторно да ја открие милоста на светата Тајна Брак, повторно парохот е првата личност на која тој пар се обраќа.

Вие најдобро ја познавате – рече Папата – сложеноста и разноликоста на проблемите кои постојат во бракот: христијанските бракови, граѓанските бракови, скршените бракови, семејствата и младите луѓе кои се среќни или несреќни. „Повикани сте да бидете сопатници на секој човек во секоја ситуација, да ги поддржувате и да им давате сведоштво,“ рече папата Фрањо.

Светиот Отец рече дека паросите пред сѐ се повикани да ја сведочат милоста на светата Тајна Брак, навестувајќи дека Бракот помеѓу мажот и жената е знак на заедништвото помеѓу Христос и Неговата Црква. Бракот е „икона Божја“: љубов на Троединиот Бог и љубовта помеѓу Христос и Црквата мора да бидат во центарот на брачните катехези – истакна Папата.

Во исто време, парохот е повикан да ги поддржува оние кои сфатиле дека нивното заедништво не е вистински светотаински Брак и сакаат да ја исправат таа ситуација. Во тој чувствителен и неопходен момент настојувајте вашите верници да ве видат како брат кој слуша и разбира, а не како стручњак за бирократски и правни норми – рече папата Фрањо.

Светиот Отец ги повика паросите посебно внимание да посветат на младите луѓе кои одлучуваат да живеат заедно, а притоа да не се венчани. „Духовно и морално зборувајќи, тие спаѓаат во сиромашни и мали на кои Црквата сака да им биде Мајка. Таа никогаш не ги напушта, туку им е во близина и се грижи за нив… Бидете благи и сочувствувајте се со нив,“ поттикна Папата.

На крајот, Светиот Отец ги потсети присутните на својот говор до Римската Рота на почетокот на оваа година, во кој ја истакнува потребата за „нов катекуменат“ во подготовката за Брак. Тоа време на созревање би требало да ги вклучува сите чекори на светотаинското патување: од подготовката за венчавка до првите години на Бракот. „Ве поттикнувам тоа учење да го спроведете во пракса, и покрај неволјите со кои би можеле да се сретнете,“ заврши папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот