Паролин: Ова година за Папата ќе биде во знакот на младите

Паролин: Ова година за Папата ќе биде во знакот на младите

Во 2018 година во центарот на вниманието на папата Фрањо и на целата Црква ќе бидат младите – рече кардинал Пиетро Паролин во разговор за Радио Ватикан, во кој се осврна и на актуелните реформи на Римската курија, на постсинодалниот документ „Amoris laetitia“ и претстојната посета на Папата на Чиле и Перу.

Реформата на Папата на Римската курија не се однесува толку на именувања, на декрети и структурни прераспределби, туку целта е со помош на новиот систем Куријата да стане помошна алатка на Светиот Отец за навестувањето на Радосната вест – рече Папскиот државен секретар, кардинал Пиетро Паролин, во разговор за Радио Ватикан. Реформата која папата Фрањо ја предвиди и која ја спроведува го сврте вниманието на вредните чекори кон напред – рече кардиналот кој припаѓа на т.н. Совет на девет кардинали кои ја подготвува реформата за Папата.

Уште минатата година Светиот Отец во својот говор до Римската Курија ја истакна моменталната состојба на реформите – продолжи кардинал Паролин. Сметам дека во својот говор, и тоа е мотивот кој се повторува во учителството на папата Фрањо, кога станува збор за Куријата, не инсистира толку на структурни реформи, на усвојување на нови закони и норми, на именувања, и така натаму; туку овде се работи за длабок дух кој треба да ја исполни секоја реформа на Куријата, а таа е темелната димензија на христијанскиот живот, имено, преобраќањето. Станува збор за тоа да се обезбеди Куријата да стане сѐ повеќе и сѐ подобра, па и во надминувањето на сенката која би можела да го спречи тоа послание: помош на Папата за да се навести Евангелието, да се евангелизира денешниот свет – рече Папскиот државен секретар, додавајќи дека и понатаму ќе има конкретни чекори за реформа на Куријата. Освен тоа, рече дека е во тек длабинска анализа на другите тела на Светиот Престол кои не се зафатени со реформата, не наведувајќи никакви детали.

Кардинал Паролин во тоа исто интервју зборуваше и за внатре црковните контроверзи околу постсинодалниот поттик „Amoris laetitia – Радоста на љубовта“, велејќи дека Папскиот документ за бракот и семејство произлегува од новите парадигми на Црквата кои Светиот Отец ги промовира со мудрост, внимателност и трпение. Веројатно потешкотиите, кои се создадоа и кои се во Црквата и понатаму присутни, не се однесуваат само на поединечни аспекти од содржината, туку исто така и на таа промена на ставот на која нè повикува Папата – рече кардиналот и продолжи: Секоја промена со себе донесува тешкотии, но тие тешкотии треба да се земат во предвид и со нив треба посветено соочување за да се пронајдат одговори кои ќе станат моменти за понатамошен раст и продлабочување. Освен што „Amoris laetitia“ е црковната прегратка за семејството и неговите проблеми, кое навистина помага да се овоплоти Евангелието во семејството кое веќе е Евангелие, Евангелие на семејството, верувам дека истовремено е повик семејствата да помогнат во соработката и да придонесат за раст на Црквата – истакна Папскиот државен секретар.

Во 2018 година во центарот на вниманието како на папата Фрањо така и на Црквата ќе бидат младите – рече кардинал Паролин со поглед на бискупската синода на тема „Младите, верата и расудувањето за звањата,“ која ќе започне во октомври. Во таа прилика бискупите ќе се фокусираат на очекувањата, предизвиците и надевањата на младите, а и на нивните слабости и стравови. Сметам дека она што е иновативно во овој пристап е потрагата по нова врска на Црквата со младите луѓе, која е исполнета со моделот на одговорност, но без патернализам – рече католичкиот прелат и додаде: Црквата сака навистина да влезе во дијалог со реалноста на младите, сака да ги разбере и да им помогне.

Но, младите истовремено и самите се повикани да прашаат што можат да ѝ понудат на Црквата. Во тој контекст Папскиот државен секретар го цитираше Џон Кенеди поранешен претседател на САД, кој во 1961 година на своите сонародници им рече: „Не прашувајте што вашата земја може да направи за вас, туку прашајте што вие можете да направите за својата земја.“ Тоа исто прашање денес се поставува на младите: каков придонес можете да дадете за ширењето на Радосната вест. И верувам дека младите на тој повик ќе одговорат великодушно и воодушевено – рече кардинал Пиетро Паролин.

Католичкиот прелат се осврна и на претстојната посета на Папата на Чиле и Перу, напоменувајќи дека Светиот Отец оди како пастир на општата Црква за да се сретне со локалните Цркви. Рече дека станува збор за живи Цркви, но кои имаат свои предизвици и проблеми, истакнувајќи притоа посебно два. Првиот предизвик е домородното население, упатувајќи на синодата за Амазонија која треба да се одржи во 2019 година. Овде се работи за нивната улога и придонесот на поединечни земји и општества. Следниот предизвик, за кој Папата има силно мислење и на кој секогаш одново се враќа е прашањето за корупцијата која го спречува развојот и надминувањето на сиромаштвото и бедата. Мислам дека тоа нема да биде едноставно, но сигурно тоа ќе биде возбудливо патување – заврши кардинал Пиетро Паролин.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот